Зборот е збор, а авиончета лета по потпис

Специјалната обвинителката Јанева треба да го започне процесот на владеење на правото и правната држава, да го започне процесот на враќање на довербата кај институциите

„Бигорски е нашето духовно срце на сегашното монаштво во Македонија, кое чука здраво и богумило. Овде има најмногу монаси и најмногу свети мошти, најмногу бденија и најмногу богослуженија, најмногу поклоници и најмногу црквољупци и најпосле: најмногу нахранети луѓе – и духовно и телесно. Затоа, Бигорски треба сега да се прифати и да се прогласи за престолнина на монаштвото во Македонија. „Град што се наоѓа на врв планина“ (Матеј 5,14). Монашки небесен град – Уранополис Македонски.“

Овој цитат е дел од словотото на еден од нашите најпознати теолози д-р Ратомир Грозданоски, одржано на промоцијата на зборникот „Бигорски манастир, 20 години возобновено монаштво“. Настанот се одржа на 11 септември, денот кога се одбележува отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител. На прославата беа поканети нашиот претседател, премиерот, министерката за култура и ред други, но немаше никого. Премиерот секако бил зафатен со своите средби со граѓаните и решавање на нивните проблеми на лице место по телефон. А министерката, ако не се лажам, баш тогаш се „кадросуваше“ со Французите кои ќе снимаат филм кај нас и тоа на обиколницата која секој ден ќе биде затворена по 12 часа. „Претседникот ни“, кој ќе остане запаметен по својата изјава дека на средба со папата го запознал светиот отец со мисијата на апостол Павле во Македонија, секако со посебен осврт на Паљурци (баба ми за ваква изјава ќе речеше – да се крстиш со лева рака) сигурно се подготвувал за своето патување во Црна Гора. А ако ги нема овие наши политички елити и демек големи верници, нема ниту медиуми, односно се сведува само на штури кратки вести. Ама затоа, како што е секогаш, во Бигорски имаше народ.Но да се вратиме на актуелните процеси, имајќи предвид дека неделава се отвори процес во кој богами на многу „политичари ќе им летаат главите“, во политичка смисла на зборот. Во 5 минути до 12, откако нашиве не можеа да се договорат околу специјалниот јавен обвинител и откако не помогна ни настапот на олеснувачот, белгискиот експерт Питер Ванхоуте, со написот „зборот си е збор“ и изјавата дека „една голема партија ги кочи преговорите“, дојде „чичко Сем“ (во ликот на амбасадорот Бејли) го извади од џебот името на специјалната јавна обвинителка и посебниот закон напишан по се’ изгледа од експерти на Брисел, ама и одобрен од Американците и работата „тргна“. Колку овој закон е „значаен“ повторно ни долови нашиот „ни претседник“. Па, така, во вторникот со владиното авионче законот „се прошета“ до Црна Гора, „претседникот“ Иванов удри параф, ни испрати порака дека тој го поздравува донесувањето на законот за специјален јавен обвинител и некаде пред 22 часот владиното авионче слета во Скопје.

Во 21 век преку интернет, работата може да се заврши со таканаречен електронски потпис, па дури и со факсимил кој може да го удри секој член на кабинетот на „претседникот“ (би било добро да се знае на колку закони досега Иванов има удрено своерачен потпис, а на колку е факсимил), ние ете испраќавме авиони на сметка на буџетот. Замислете, на пример, што се случува кога Иванов ќе добие триесетина закони, три ратификации и сето тоа треба да се потпише за една недела… Во меѓувреме, пратениците дисциплинирано почекаа авиончето со указот и потписот на нашиот „ни претседник“ да се слета и се’ се заврши со именувањето на госпоѓа Катица Јанева за специјален јавен обвинител.

Ако некој ме праша што мислам, како се чувствувам и што очекувам од специјалниот јавен обвинител, навистина тешко би можел да одговорам. Иако уште пред три недели во колумната навестив дека странците ќе го постават специјалниот обвинител, сепак чувствувам тага. Се сеќавате ли на Денис Мекшејн, министер во британската влада, кога пред десетина години ни го покажуваше часовникот, демек доцните, го испуштивте возот, часот 12 и пет минути!? Нашите политички елити од тоа ништо не научија. Зарем и по 25 години независност и самостојност, со која нашиве политичари се чукаат во гради, не научивме и не сме кадарни сами да си ги средуваме работите. Односно и по 25 години ние сме на ниво на она што се вика „банана држава“.

Што очекувам од специјалниот јавен обвинител? Верувам дека сега кај јавноста, но и кај политичарите, очекувањата од специјалниот обвинител се огромни. Едни очекуваат Јанева да уапси барем половина Влада и цел куп директори и директорчиња на разни државни претпријатија, регулаторни тела, агенции… Други очекуваат Јанева да докаже дека снимените материјали (бомбите на Заев) се незаконски, дека се креирани, лепени, а со тоа сите личности, односно актерите и главни „ѕвезди“ во бомбите се невини. Тоа што јас како граѓанин очекувам е обвинителката Јанева да го воспостави и да го започне процесот на владеење на правото и правната држава, да го започне процесот на враќање на довербата кај институциите. Бидејќи за сето ова не верувам дека ќе ја има вистинската и искрена поддршка ниту од политичките елити кои, демек, ја избраа, ниту пак од надлежните институции, верувам дека сепак странците кои ја донесоа до крај ќе застанат зад неа и ќе помагаат во тие процеси.

Инаку оние најтврди „патриоти“, почнувајќи од онаа дама која во слободно време е професор на Правниот факултет, инаку максимално ангажирана од член на управен одбор, па преку водител на своја редовна радиоемисија, колумнист во повеќе патриотски медиуми и дeжурен експерт кога е потребно да се каже колку Владата е добра, сега таа стручно, ама и некои други, ни објаснуваат дека со донесувањето на Законот за обвинител и според него избраната личност сме направиле „збогум на уставот“. Ајде, нека биде така, ама за ова не треба да се обвинува опозицијата, како што прават „патриотиве“. Имено, ако оваа влада (читај ВМРО-ДПМНЕ) навистина е толку голем легалист, требаше едноставно да рече дека нема да прифати ваков обвинител, дека нема да гласа за ваков закон. Дури ако е потребно Владата ќе си даде оставка. Барем јас така го разбирам почитувањето и бранењето на уставот. Ама овие патриоти како да забораваат дека токму лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во еден многу краток временски период, помалку од еден месец токму на ова прашање (специјален јавен обвинител) еволуираше со своите ставови од целосно одбивање на вакво нешто до последната изјава „Јас сум задоволен што избравме специјален јавен обвинител“. Еволуција која и Дарвин тешко ќе може да ја објасни!

Деновиве можеби и Јавното обвинителство (она „редовното“, на чело со Зврлевски) е зафатено од еволутивните процеси, па најави дека врз основа на објавеното сведочење на бившиот шеф на ДБК, Слободан Богоевски, пред судот во Њујорк околу поткупувањето што го правел „Маѓар телеком“ на цел куп наши политичари, ќе отвореле и кај нас предистражна постапка врз она што се вика „допрен глас“. Ако не се лажам, уште во времето на претходниот јавен обвинител Шврговски за оваа афера се зборуваше дури и во Собранието. Тогаш беше речено дека нема индиции, а уште помалку докази за каков било криминал. Се прашувам дали овие од Јавното обвинителство, на чело со Зврлевски, деновиве биле на ушен лекар, па сега до нив допрел глас за митото што „Маѓар телеком“ го делел и лево и десно.

Како и да е, есента и зимава ќе ни бидат прилично жешки. Или пак и овој пат нашиве политички елити ќе успеат да не’ „превеслаат“ и нас како граѓани, ама и меѓународната заедница. Барем досега резултатот е на нивна страна.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com