ЗБОГУМ, ЈАНША!

Како борецот за слобода на изразувањето и за слобода на печатот се трансформира во политичар кој сака да ги контролира и да ги казнува

Знам дека многу од ценетите читатели на „Утрински“ ќе речат зошто сега пишувам за Словенија и за веќе бившиот премиер Јанез Јанша, кога кај нас штотуку завршија локалните избори, кои меѓународниот фактор (ОБСЕ-ОДИХР, Стејт департманот, ЕУ, Советот на Европа) ги оценија како мирни без поголеми нарушуваа на изборниот процес. За изборите многу работи кажав во последните две колумни. Дури и го навестив (многу точно) прелиминарниот извештај на ОДИХР. Не беше тешко да се претпостави ниту резултатот од гласањето, ниту пак извештајот на меѓународниот фактор. Причината е многу едноставна. Веќе дваесет години политичката матрица на нашите партиски елити (мислам на сите, без разлика на етничкиот или кој било друг предзнак) е иста, односно во овие години таа само се надградува и се проширува. За жал, не во правец на демократијата, не во правец на владеење на правото, а најмалку во правец на граѓанинот, туку исклучиво како да се освои власта и потоа да се владее што е можно подолго. Единствена позитивна работа во овие избори се оние триесет и девет илјади неважечки гласачки ливчиња кои на своевиден начин го манифестираат незадоволството на граѓаните од актуелните политички елити. Се’ друго, едноставно, ме навредува и ме прави гневен.

Јанез Јанша (1958) во политиката е уште од студентските денови во некогашната Социјалистичка младина. По дипломирањето на Факултетот за политички науки во Љубљана на насоката за одбранбени студии станува професионален функционер во младинската организација. Во пошироката словенечка и југословенска јавност станува познат по своите колумни во неделникот „Младина“ во кои најмногу пишува (критички) за ЈНА, но и колумни во кои се зазема за слобода на говорот, односно слобода на медиумите. Ова посебно го истакнувам бидејќи подоцна токму тој со некои свои потези, за време на неговиот прв мандат како премиер (2004-2008), удри по слободата и независноста на медиумите. Во 1988 година Јанша е затворен и суден пред тогашниот воен суд во Љубљана во познатата афера „ЈБТЗ“. Во тоа време во Словенија е формиран и Одбор за заштита на правата на Јанез Јанша, во кој, нема да верувате, со свои потписи му се приклучија над 100 илјади граѓани, меѓу кои речиси сите познати словенечки интелектуалци. Јанша, кој беше осуден на 18 месеци, помина во затвор само 6 и тоа во отворено одделение, за што се погрижи тогашното словенечко политичко водство.

По првите повеќепартиски избори во Словенија во 1990 година во владата на ДЕМОС предводена од Лојзе Петерле Јанша е министер за одбрана. На таа функција ја дочекува и јунската војна во 1991 година. Добро се сеќавам на еден настан токму од тоа време. На првата прес-конференција пред стотици новинари Јанез Јанша се појави во воена маскирна униформа. Интересен е фактот дека токму словенечките новинари многу отворено и јасно му забележаа дека тој е цивилен министер кој ја симболизира и спроведува цивилната контрола врз армијата и затоа не смее да носи униформа, иако во Словенија се води војна. Од тогаш Јанша никогаш не се појави во униформа.

Токму во тој период почнува да се менува и неговиот политички и идеолошки дискурс, па и неговиот профил како политичар. Од радикален левичар (марксист) Јанша се’ повеќе се трансформираше во десноориентиран политичар. Секако дека тоа не, но тој почна да манифестира и радикален национален популизам, кој понекогаш се граничи и со шовинизмот, како и авторитарно владеење. Од некогашен осведочен борец за слободата на изразувањето и слободата на медиумите тој се трансформира во политичар кој сака да ги контролира медиумите, а оние „непослушните“ да ги дисциплинира и казнува.

Во почетокот на неговиот прв мандат како премиер портпаролот на владата испрати писмо до сите државни институции со кое се наредува на неделникот „Младина“ да не му се даваат информации од јавен карактер, да не се повикува на прес-конференции, односно да се изолира од словенечкиот медиумски простор. Писмото беше откриено, објавено во сите словенечки медиуми и пукна голема афера, која заврши со смена на портпаролот на владата, со образложение дека тоа било негова лична иницијатива, а не на премиерот.

За среќа, во Словенија ниту Јанша ниту кој било друг премиер не може да си дозволи преку владини реклами да ги купува и дисциплинира медиумите. Такво нешто во Словенија нема да помине, иако имало обиди. Словенечките медиуми веќе одамна се идеолошки профилирани и тоа не е тајна ниту грев. Но, во исто време без разлика на некаква идеолошка определба сите имаат заеднички именител кој е на прво место, а тоа е професионалното и независното новинарство. Можеби најдобра анализа за политичкиот профил на Јанез Јанша даде познатата Споменка Хрибар, која уште во 2004 година запиша дека Јанша е опасен за словенечката демократија. Слични ставови има и д-р Руди Ризман, д-р Славој Жижек и ред други словенечки интелектуалци кои во 1988 година храбро и отворено застанаа во одбрана на „дисидентот“ Јанша.

И во својот втор мандат Јанша ги покажа своите карактеристики како популист и автократ, кој наместо следбеници бара верници и кој наместо советници бара послушни партиски војници. Ќе остане запаметена неговата изјава од 8 февруари годинава кога рече дека во Словенија владее „лев фашизам“. Оваа изјава во Словенија предизвика вистинска бура кај јавноста. Вториот мандат како премиер го заврши неславно, за помалку од една година. Причината е онаа стара цивилизациска мудрост дека политиката и моќта ги корумпираат политичарите. Бидејќи Словенија е пред се’ правна држава, во која независните институции дејствуваат самостојно Антикорупциската комисија соопшти дека Јанез Јана нема покритие за околу 200 илјади евра. Бидејќи Јанша не сакаше сам да се повлече од функцијата премиер, коалициските партии во владата го напуштија, и владата, а со тоа и Јанша, падна.

Јанша можеше да се врати во парламентот како пратеник, но тој тоа не го стори, се откажа од апанажата со образложение дека се вработува во својата партија и дека покрај партиската активност ќе се занимава со предавања, за што има покани од повеќе европски институции и универзитети.

Дали Јанша ќе се врати во политиката. Мислам дека ќе биде многу тешко Јанша повторно да стане премиер. Ако новата коалициска влада на Аленка Братушек го издржи зададениот рок од една година и пак во парламентот да се гласа за доверба на Владата, тогаш шансите на Јанез Јанша повторно да стане премиер се минимални. И уште нешто, словенечкото јавно мислење, или подобро речено словенечкиот граѓанин, без разлика на партиска или идеолошка определба има високо развиено чувство за демократија, за правна држава, а богами има добро паметење. Токму затоа типувам за мојот познаник „Збогум Јанез!“

Дали можеме да направиме некаква паралела со состојбите кај нас во изминативе дваесетина години. За жал, можеме само во еден сегмент, а тоа е дека во овие дваесетина години имаме цел куп политички профили „ала“ Јанша и тоа без разлика на нивниот идеолошки, етнички или кој било друг предзнак, кој доведе до стравотна општествена поделба, задушена демократија, правна држава, слобода на медиумите… Ете, зошто на локални избори имаме стотици странски набљудувачи и зошто сме единствена европска држава во која изборите се оценуваат како мирни и без инциденти.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com