ЗБОГУМ АМБАСАДОРЕ ВОЛЕРС

Кога еден амбасадор ќе даде изјава како онаа на Волерс во секоја нормална држава би бил веднаш повикан кај министерот за надворешни работи на еден не баш многу пријатен разговор

Mандатот на актуелниот амбасадор на САД, Пол Волерс, заврши. Знаеме кој ќе биде новиот амбасадор и се чека само да го помине процесот на сослушување пред соодветните комисии на Сенатот и ете го во Скопје. Во меѓувреме амбасадорот Волерс секако ќе направи таканаречен Farewell прием (Прием на збогување) на кој ќе се собере целокупната македонска „елита“ – од политичка, преку бизнис, до културата, спортот и секако цел куп „сеирџии“ на кои им е битно да бидат видени на вакви приеми.
Овој кариерен дипломат, за разлика од неговиот претходник Филип Рикер, кој сакаше постојано да е пред камера, реално гледано не беше толку често на нашите екрани. Секогаш малку воздржан, да не речам студен, што е одлика на секој војник. А Волерс e морнарички офицер со завршена поморска академија. Но како и сите досегашни амбасадори на САД, едни помалку други повеќе, Волерс ниту малку дипломатски, неколку пати директно се вмеша во внатрешните работи што е во спротивност на сите дипломатски норми и конвенции кои ги уредуваат дипломатските правила. Па, така, неодамна изјави: „Со жалење морам да кажам дека и во оваа земја гледам водачи кои политиката ја гледаат како краткорочна игра за богатење на самите себе и на сопствената партија, што предизвикува конфликт во земјата, наместо да работат за да ги решат конфликтите. Мислам дека ова е рецепт за уривање на државата…“ (Барем вака ја пренесоа медиумите.) Првиот дел од изјавата на Волерс не е нешто ново или непознато. Да потсетам, Љупчо Георгиевски јавно изјави дека политиката носи и привилегии и корист за политичарите, а еве сега Волерс не’ потсети на ова. Но затоа вториот дел од неговата изјава дека тоа предизвикува конфликти и дека ова е рецепт за уривање на државата e нешто ново и загрижувачки.

Кога еден амбасадор ќе даде ваква изјава во секоја нормална држава, која барем малку држи до својата самостојност и сувереност, а во која владата сепак колку-толку пази на своето достоинство, ваквиот амбасадор би бил веднаш повикан кај министерот за надворешни работи на еден не баш многу пријатен разговор. Арно ама, од ова нема ништо. Но затоа повторно се покажа сета онаа наша фолклорна политичка култура. Медиумите, оние самопрогласени како „демократски и независни“ оваа изјава на Волерс ја вртат како уште еден доказ за корумпираноста на актуелните политичари. И ете уште една причина за нови веќе не знам кои по ред предвремени избори. Медиумите од патриотскиот маштаб околу ова се најблаго речено трагикомични. Бидејки Волерс ја дал изјавата, како што пишуваат во албанска институција и пред албански политичари, таа изјава се однесувала само на албанските политичари. Нашиве, демек македонските политичари, се како светци кој до кој! Прво, барем сега-засега, не постои албанска или македонска државна институција, туку сите се на македонската држава. Понатаму, ајде хипотетички да речеме дека Волерс мислел на албанските политичари. Ама има една стара српска народна поговорка „С ким си такав си“ (со кого си и ти си таков). Односно ако албанските партии и политичари се корумпирани, зошто македонските со нив осум години се во коалиција?!

И како што реков, сето ова помина само кај медиумите и социјалните мрежи додека за ова надлежната институција, Министерството за надворешни работи, не презеде ништо, а министерот молчи. Во Хрватска целата „операција“ околу отстранувањето на Санадер од функцијата премиер, а потоа и неговото судење беше „помогнато“ од странците. Ама никогаш не слушнавме ниту еден амбасадор во Загреб да рече дека хрватските политичари се корумпирани. Се сеќавам уште за време на војната кога на тогашниот американски амбасадор токму поради неговото „недипломатско“ однесување му беше јавно речено дека Хрватска е суверена држава, а не нечија губернија. И во Словенија, аферата со бившиот премиер Јанша околу набавката на борбени возила од Финска ја открија странци и Јанша сега е во затвор со правосилна пресуда. Но повторно ниту еден амбасадор немаше никакви коментари околу ова. За жал, кај нас пред се’ амбасадорите на САД, ама и некои други, се однесуваат најблаго речено како да сме ние „банана“ држава.

Реално не ни се виновни амбасадорите, туку ние самите. Сетете се како нашиве новинари за се’ и сешто бараат изјави од амбасадорите, а од друга страна нашите политичари се натпреваруваат кој повеќе ќе го „оцрни“ политичкиот опонент кај амбасадорите. Тогаш не изненадува кога некои амбасадори се однесуваат како да сме нечија губернија.

Оваа деструкција е навлезена во сите спори. Еве, на пример, кој ни е виновен за најновата афера што се случи на филмскиот фестивал „Манаки“, помеѓу организаторите и режисерот Столе Попов. Веќе не е битно кој е виновникот, ама е факт дека фестивалот токму домашните учесници го направија „селски“. Кој ни е виновен дека еден сосема „технички“ договор за заеднички амбасади со Србија го спинувавме како повторно враќање во „прегратките на поголемиот брат“. На пример, дали некој знае кој во Скопје ги застапува интересите на Белгија која нема своја амбасада кај нас. Или што им фали на скандинавските држави кои имаат заеднички амбасади, иако некогаш и се тепале меѓу себе. Кој ни е виновен дека идната недела во Њујорк во Обединетите нации започнува самит посветена на екологијата, ама кај нас ниту збор за ова, а знаеме каква ни е состојбата со животната средина, бидејки речиси сите во поголемите градови дишеме на „жабри“. Ама затоа видов извештај од посетата на мојот „омилен“ хиперактивен министер за здравство од Данска ако не се лажам, каде што во некоја „позната болница“ договарал „шнел курсеви“ за наши лекари, ама паднало и збор за новите слободни медицински зони, а секако неговите странски соговорници биле воодушевени од сето ова.

И да се вратам на амбасадорот Волерс. Како што ни тргнала работава, па не само поради корупцијата, туку, пред се’ поради недостиг од она историски детерминирано чувство и желба за државотворност и вистинска држава, постојано се самоуништуваме. Само се прашувам кој на крајот ќе ни приреди Farewell забава?

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com