ЗА ШТО Е ЗАГРИЖЕН ФИЛЕ

Меѓународната потерница која ја распиша МВР, и тоа само еден ден пред Шиповиќ да се врати дома, има политичка заднина

Не знам колку од вас, почитувани читатели, во средата ја следевте седницата на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент на која комесарот Штефан Филе го претстави пред пратениците Извештајот на Европската комисија за напредокот на државите-кандидати и аспиранти за членство во ЕУ. Јас го следев, ама многу е поважно дали ја следат расправата оние што се и најповикани и најодговорни за нашиот напредок во евроинтеграциските процеси. Некој ќе рече зошто се фаќам за парламентарна комисија кога Извештајот уште во средата беше достапен на веб-страницата на европските институции, а амбасадорот на ЕУ кај нас и лично му го предаде на државниот врв како што и се правеше досега.
Го споменав Комитетот за надворешни работи, бидејќи и комесарот Филе го започна своето излагање пред европските пратеници со ставот дека ЕК во годинашните извештаи за напредокот на секоја држава-кандидат, како и за државите-аспиранти поаѓала од остварувањето на критериумите од Копенхаген, кои, ако не се лажам, се донесени пред 15 години. И во иднина, рече Филе, ЕК на овие критериуми ќе им посветува најголемо внимание. Критериумите од Копенхаген се исклучиво политички критериуми. Од владеењето на правото, независно судство, политички дијалог и нормално функционирање на парламентот, слобода на изразувањето и независни медиуми, транспарентност, заштита на малцинствата и тоа како на етничките, така и на сите други типови малцинства.

Зборувајќи за Република Македонија, која од ЕК доби по петти пат препорака за започнување на преговорите, Филе беше многу критичен (беше употребен изразот „загрижени“) кога станува збор за напредокот на нашата држава токму на полето на овие критериуми. Филе беше „загрижен“ и за перманентното одлагање на датумот за преговори поради познатиот став на Грција. „Тоа не е добро ниту за Македонија и нејзините граѓани, но не е добро и за кредибилитетот на ЕУ кога станува збор за европската политика за проширување“, истакна Филе и го повтори познатиот став преговорите да започнат и уште во раната фаза на преговори да се најде решение кое ќе биде прифатено од двете страни. Во дискусијата во Комитетот за надворешни работи барем за нас беше интересно излагањето на известувачот за Македонија, Ричард Ховит. Тој отворено и директно истакна дека одложувањето на преговорите со Македонија е неприфатливо и затоа праша дали Европската комисија обезбедила гаранција од грчкиот министер за надворешни работи, кој од 1 јануари 2014 година го презема претседателството, дека Грција ќе работи на проширувањето на ЕУ.

Но, да се вратиме на извештајот – во суштина, ништо ново не се случи и нема да се случи од она што беше и лани и пред тоа… Имено, власта ќе се фали со уште еден позитивен извештај. И ако тука го додадеме најновиот извештај на агенцијата „Фич“, според кој Македонија ја задржува оценката „ББ+“, ете ти доказ дека политиката „Остваруваме“ продолжува успешно. Нашиот процес на интеграција во ЕУ и во НАТО е замрзнат веќе 6 години и за тоа најмногу е виновна Грција, ама дали затоа што не сме членка имаме многу малку странски инвестиции и покрај безбројните роуд-шоу на Владата и рекламите во светските медиуми. Владата, секако, ќе рече дека и за ова е виновна Грција, ама само една вест која во вторникот ја објави и МИА ова се демантира. Неделава во Анкона се одржа заедничка седница на владите на Италија и на Србија на тема економските односи. Резултати, во првите седум месеци од годинава трговската размена помеѓу Италија и Србија изнесува 2 милијарди евра со тоа што извозот на Србија двојно се зголемил. Во Србија денеска има околу 500 италијански фирми кои вработуваат над 22 илјади луѓе. Не треба да си многу паметен или економски поткован за да заклучиш дека за странски инвестиции не е вината кај други, туку, пред се’, кај нас дома.

Опозицијата и овој пат кога станува збор за Извештајот на ЕК, веќе ги извади ланскиот шублер и сега ќе мери збор по збор. Очекувајте кога идната недела (претпоставувам) Извештајот ќе дојде на пленарна седница во парламентот по не знам кој пат ќе го покажеме нискиот или подобро речено никаков капацитет за политички дијалог. Некој ќе рече дека за дијалог, како и за танго треба двајца. Точно, ама кај нас нема ниту еден кој би сакал да заигра танго, а уште помалку да отвори вистински процес за дијалог.

Во тие рамки, на тотална поделеност и политичка поларизација, се настаните околу претседавачот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ. Почитувајќи ја пресумпцијата на невиност, принцип кој кај нас одамна е заборавен, не сакам да верувам дека обвинителниот акт е исклучиво политички мотивиран. Но, во исто време меѓународната потерница, која ја распиша МВР и тоа само еден ден пред Шиповиќ да се врати дома, за мене има политичка заднина. Шиповиќ, кој уште во вторникот можеше да преспие „дома“ (без разлика дали во својот дом или во затворот во Шутка), сега ќе мора барем дваесетина дена да поминува во австриски затвор. А нашата опозиција на сето ова реагираше класично балкански и, секако, без никаков ефект. Протести пред судот, замрзнување на учеството во Комисијата за имплементација на заклучоците од Извештајот за настаните од 24 декември, понатаму замрзнување на своето учество во ЗЕЛС… Ова не е прва пат опозицијата да го замрзне своето основно право, ама и обврска за политичко дејствување, а резултатите секогаш биле катастрофални, како за неа така и за општеството и државата во целост.

И да се вратам повторно на настапот на Филе пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Зборувајќи за Босна и Херцеговина, Филе рече дека единствена светла точка е фудбалската репрезентација на БиХ, која во вторникот ја победи Литванија и се пласира на мундијалот во Бразил. „Духот на заедништво и желбата за победа, како и поддршката и прославата од страна на граѓаните на Босна по победата треба да ја следат и босанските политичари“, истакна Филе. Можеби звучи малку цинично од овој Чех образуван во Москва на елитниот факултет за надворешна политика, ама ние не можеме да се фатиме ниту за резултатите на нашата фудбалска репрезентација, која катастрофално ги заврши квалификациите. Затоа ние си имаме реклама „Скопско и се’ е можно“, а сега добро би ни дошло и „Фати се за даб“. Во меѓувреме, уште еден податок – Македонија е држава со најдлабока раслоеност помеѓу богатите и сиромашните.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com