ЗАПАДЕН БАЛКАН СЕ СТЕСНУВА

Кога ќе разбереме што се случува, се плашам дека регионот Западен Балкан ќе се сведе само на една енклава која има и некакво чудно име ФИРОМ

Не верувам дека кај нас некој стави прст на чело и барем подразмисли, ако веќе не се загрижи, дека Западен Балкан се’ повеќе се стеснува. „Западен Балкан“ е политички термин, а не географски и, за жал, има негативен предзнак, како според општествено политичките така и економските карактеристики и параметри.
Хрватска од 1 јули го напушти Западен Балкан и стана 28. членка на ЕУ. Црна Гора веќе преговара за полноправно членство во ЕУ, а се’ поизвесно е дека на идниот самит на НАТО ќе стане полноправна членка на оваа алијанса. На Србија вратата и’ се отвори, но дали ќе го направи првиот чекор за излегување од Западен Балкан ќе зависи од нормализацијата на односите со Косово.
„Ние никаде не одиме, остануваме овде“, вака изјави премиерот Зоран Милановиќ на прославата по повод формалното влегување на Хрватска во ЕУ. Секако, мислејќи во географска, односно регионална димензија, а притоа не заборави да истакне дека Хрватска нема со ништо да го блокира зачленувањето на своите соседи, односно на државите од регионот. Дали се сеќавате дека пред 22 години (25 јуни 1991) Хрватска прогласи самостојност. Тогаш Хрватска не ја контролираше (окупирана) речиси една третина од својата територија, имаше ужасна војна со илјадници жртви и околу 350 илјади раселени граѓани…

На својот пат во ЕУ имаше цел куп проблеми со меѓународната заедница (пред се’, по своја вина) како што беше соработката со Судот во Хаг, имотите на српските граѓани… Хрватска ги започна преговорите со ЕУ во јуни 2006 година кога беше отворена првата глава од преговорите. Во преговорите до полноправно членство Хрватска беше неколкупати блокирана. Словенија ја блокираше околу познатиот спор со морската граница; Италија и Словенија заедно ја блокираа кога Хрватска ја прошири таканаречената еколошко-економска зона на Јадранско Море (иако тоа меѓународното поморско право и’ го дозволува). Понатаму, мораше да направи и многу големи и болни резови во економската сфера (приватизацијата на бродоградилиштата кои некогаш беа параден коњ на индустриското производство), но сите политички гарнитури кои се променија во овие години не само декларативно туку и фактички работеа, правеа на прв поглед болни ама успешни компромиси и ја остварија стратешката определба – членство во ЕУ и НАТО поставена уште пред 22 години.

А ние? И ние не одиме никаде, остануваме тука, да ги искористам зборовите на хрватскиот премиер Милановиќ. Но, за разлика од Хрватска ние остануваме во Западен Балкан со онаа политичка општествена и економска (негативна) карактеристика. И така додека 22 години сме тука (во Западен Балкан) како расипана грамофонска плоча го слушаме оправдувањето дека ние сме најдобри, ама ете Грците не’ блокираат поради нашето уставно име. Навистина, не треба да се потсетува на апсурдноста на спорот кој го наметна Грција. Навистина, на сите ние јасно како нашиот јужен сосед го злоупотребува својот статус во ЕУ и НАТО. Навистина, од авион се гледа непринципиелноста на меѓународната заедница (на пример, непочитувањето на пресудата од Хаг). Тоа се факти. Ама со логиката сите ни се виновни, сите се против нас, не само што ништо не решаваме, туку, едноставно речено, тонеме во Западен Балкан.

И кога од една страна имате процес на „стеснување“ на Западен Балкан а вас не ве ставаат ниту на дневен ред (знам, многу ќе речат уште еден „заговор“ против нас) тогаш ви останува само онаа груба пропаганда убаво завиткана со патриотски чувства и гордост. И така ќе се слушнете дека ЕУ е клуб во кој ете има држави кои се’ уште имаат свои колонии!? Па, ќе ви објаснуваат како таму нема почитување на човековите права, па ќе ви се сервираат приказни за расизам и нетрпеливост, како младите во поголемите држави членки немаат перспектива и така натаму.

Бидејќи поводот беше влегувањето на Хрватска, нашиве патриотски определени медиуми и „новинари“ од сите можни аспекти и агли ни ги претставија сите негативни аспекти и проблеми со кои ќе се судрела Хрватска како членка на ЕУ. Барем за мене најступиден беше насловот „Хрватска се фати во орото кога се кине европскиот тапан“. Ама од „европскиот искинат тапан“ сиромашната Хрватска идната година ќе добие околу 12 милијарди евра (тоа не се кредити) за нејзино преструктурирање и приспособување. За ова нашиве патриоти не кажуваат ниту збор. Тоа не значи дека Загреб овие пари ќе ги добие во кеш, туку ќе мора да предложи квалитетни економски, но и општествено оправдани проекти и програми.

И за да биде оваа виртуелна слика поуверлива, во смисла што ќе ни е ЕУ, работите ни одат добро и без Брисел, ќе се пласираат информации од типот дека наши млади ќе можат да студираат на врвните ликовни музички и филмски академии во светот на сметка на државата. Понатаму, на наши лекари агилниот министер им обезбеди специјализации во Рим на клиниката каде што се лечи папата, па на врвни клиники во Германија, а ете сега, благодарејќи на посетата на премиерот на Кина, наши лекари ќе одат да специјализираат традиционална кинеска медицина.

Кога ја споменав Кина се сеќавам на претходната посета на премиерот. Успешна сто проценти. Тогаш патриотите новинари не’ убедуваа дека Кинезите сега ќе дојдат со минимум една до две милијарда евра инвестиции во проектот „Вардарска Долина“, кој ќе ја прероди македонската економија, а дури од соседните држави (пред се’, Грција) ќе доаѓаат работници. Овој пат, барем во официјалните изјави и соопштенија, не се споменува „Вардарска Долина“, ама на Кинезите им е понудено да добијат своја слободна индустриска зона. За волја на вистината, оние, демек демократи и европско насочени елити, на секоја посета или каква било соработка со Кина, Русија или која било друга држава надвор од ЕУ, врескаат дека Владата стратешки се преориентира. Глупост до глупост.

Но, сликата се’ уште не е комплетна. За да се замагли фактот дека Западен Балкан се стеснува, а ние остануваме закотвени во него, ви треба и „домашен непријател“ или како што сега се нарекува „рушење на митовите и митологијата“. И тука е Комисијата за лустрација која го лустрираше Славко Јаневски. Бил кодош, а оние патриотине (од сферата на новата патриотска-античка култура) го прогласија и за плагијатор, арамија… и уште не знам што Ние сме единствена држава која лустрира луѓе кои веќе една деценија се починати. Во суштина не се руши некаков мит, туку писател кој е преведуван на повеќе европски јазици, и кој, без разлика на се’, е реалност во македонската современа книжевност и култура.

Сето ова е доволно за јазот и поделеноста во општеството да продолжи да се продлабочува… на патриоти и предавници, на демократи и автократи, на транзициски и современи политичари и политички елити… За жал, останува историскиот факт дека најголем непријател на македонскиот народ била токму таа наша постојана поделеност и внатрешен антагонизам, кој речиси секогаш имал и има многу повеќе ирационални чувства и емоции отколку реални причини… Кога тоа ќе го разбереме се плашам дека регионот Западен Балкан ќе се сведе само на една енклава која има и некакво чудно име ФИРОМ…

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com