Замрзната препорака-изгубена иднина

Ако ги анализирате и двете изјави, на Груевски и на Заев, тие во суштина одлично кореспондираат, бидејќи целта е само една – власт и сите придобивки за владејачките елити

По неколку одлагања, што е преседан, Европската комисија го обелодени најновиот извештај за напредокот на Македонија. Ајде што во него нема речиси никаде каков било забележителен напредок, но овој пат ЕК препораката за преговори ни ја замрзна до април идната година. До изборите, институциите на ЕУ од нас очекуваат во целост да се реализираат сите забелешки и препораки од фамозниот извештај на Прибе, преку таканаречениот договор од Пржино и секако, со избори што ќе бидат според демократските стандарди.

Богами, многу задачи и можеби затоа еврокомесарот Хан, веќе другиот ден по објавувањето на извештајот од Брисел, ни испрати видеопорака во која јасно е речено дека Македонија се соочува со една од најголемите политички кризи и дека „главен предизвик за вашите лидери е да ги исполнат нивните заложби, спроведувајќи го нивниот договор со добра волја и посветувајќи се во целост на итните реформски приоритети, за да го подобрат владеењето на правото во вашата земја. Вашите лидери мора да ги стават интересот на земјата и иднината на нејзините граѓани во средиштето на нивната работа“. Убаво кажано, ама се прашувам дали актуелните политички лидери и нивните „фамилии“ сакаат и можат тоа што ни го препорачува Хан, а е и во извештајот, да го направат. Ако нашите политички лидери навистина водеа есап за интересите на државата и граѓаните, а не исклучиво за себе и своите „фамилии“, дали ќе бевме на ова дереџе? Дома повторно истата слика и прилика како што е во последниве седум години откако добиваме препорака. Партиите ги извадија своите шублери и мерат до микрон што е позитивно, а што е негативно. Годинава имаме и некои нови „погледи“ на извештајот на ЕК. За премиерот Груевски најдобар извештај, ама и оценка за напредокот на државата ќе даде народот на идните избори?! Изјава, која иако одамна е надмината, би можел да ја разберам (што не значи и дека ја прифаќам) ако ја даде партиски лидер на некоја партиска манифестација, а не од позиција на премиер кој е најодговорен за состојбите во државата. Се прашувам дали премиерот Груевски со вакви изјави се храбри самиот себе и ги храбри своите најблиски. Можеби игра на картата што се вика индоктринација за која така елоквентно и пред се’, разбирливо во „Утрински“, напиша колегата Поповски во неговата вчерашна колумна. Едно сум сигурен, странците (Брисел и Вашингтон) овој пат нема да дозволат забелешките на Прибе, заедно со договорот од Пржино и извештајот на ЕК, да станат тоалет-хартија. Се прашувам дали во ВМРО-ДПМНЕ недостасува онаа потребна критична маса која треба отворено да му каже на Груевски дека не може да се поистоветат партијата и лидерот, од едноставна причина. Лидерот секогаш е променлива категорија, но за жал, токму поради вакви „политикантски симбиози“ на лидер-партија, многу партии заминале во историски заборав или, пак, се на маргините на политичкото живуркање.

Од друга страна, лидерот на опозицијата веднаш по извештајот на ЕК и изборот на новите министри храбро изјавува дека тој од април ќе биде новиот премиер, а не градоначалник. Дали и сега, кога СДСМ влезе во Владата, со двајца министри и неколку заменици-министри, може да се стави во графата опозиција или, пак, ни се наметнуваат некои хермафродитни решенија. Заев, кој досега најчесто зборуваше за враќање на демократијата, владеењето на правото, а со тоа и враќањето на довербата во институциите, сега директно ни се промовира за нов премиер. Изгледа неговите спин-доктори од западнобалкански маштап забораваат дека со ваква изјава договорот од Пржино и извештајот на Европската комисија го сведуваат на некаква си политикантска „тапија“ на Заев за премиерската фотелја.

Ако ги анализирате и двете изјави, онаа на Груевски и оваа на Заев, тие во суштина одлично кореспондираат бидејќи целта на двете страни е само една. Власт и сите придобивки за владејачките елити.

Ваква западнобалканска политикантска димензија, за жал, има и изјавата на пратеничката Ермира Мехмети – дека ако таа би била премиер, по ваков извештај на ЕК ќе си дадела оставка. Верувам дека госпоѓа Мехмети ова го кажа искрено и во тоа верува, ама таа е дел од парламентарното мнозинство. Ако веќе на премиерот не му паѓа на памет да си даде оставка, ако лидерот на ДУИ заедно со партиската „фамилија“ останува во власта, тогаш госпоѓа Мехмети нека му предложи на својот сопартиец и потпретседател на Владата, Фатмир Бесими, задолжен за европските интеграции, по ваков извештај да си поднесе оставка. Ама Фатмир Бесими веќе ни најави дека тој, односно целата Влада веќе почнуваат да работат на изготвување на некаков си акциски план! Ермира Мехмети, како пратеник, добро знае колку вакви „акциски планови“ кои ги прави Владата, односно Секретаријатот за европски интеграции, поминале низ Собранието. Што се реализирало од сето тоа, се гледа од последниот извештај на Брисел и од нашата замрзната препорака.

Во ова западнобалканско политичко милје се вклопуваат и медиумите и новинарите, едните дефинирани како патриоти, а другите како демократи. Патриотското новинарско здружение МАН соопшти дека извештајот е пристрасен, односно ЕК се потпрела на извештаите на „соросоидите“ и нивните медиуми во државата. Во таа пристрасност нивниот дописник од Брисел, кој го плаќаме сите ние, отиде дотаму што во својот извештај веднаш по прес-конференцијата на Хан не’ просветли дека препораката за Македонија да започнат преговорите, како и препораките што ги добија и другите држави, ништо не значат. Според овој новинар-патриот, Европската комисија, за да се оправда самата себеси пред европската јавност, дала вакви препораки, иако од проширувањето нема да има ништо. И веднаш по ваков прилог следува канонада за нашите успеси, пред се’, на полето на економијата. Еден податок кој го објави само МИА! Словенија, која според нашиве „патриоти-новинари“, ама и според некои пратеници од мнозинството, е многу зад нас, во првите девет месеци го зголемила извозот за 4,8 отсто и тој изнесува 17,78 милијарди евра, а увозот изнесува 17,18 милијарди евра, односно има трговски суфицит од 599 милиони евра. „Демократите“ а следат онаа погубна логика – што полошо за државата, подобро за нас, па така сега извештајот на ЕК анализиран од цел куп „експерти“ е главна тема на која и’ се посветува целосно внимание. А тоа што Скопје, Тетово и уште некои други градови се’ задушуваат во смог е вест за некаде долу во вестите, односно на страниците. Ама затоа ударна вест е секоја сообраќајка, секоја тепачка.

И да се вратам повторно на видеопораката на Хан во која тој предупредува дека земјава нема време за губење. Ајде, сите да се потрудиме и да ја отфрлиме индоктринацијата која ни е наметната и да се прашаме каде ни отидоа и кој ни ги украде овие 25 години самостојност. Ако самите не го најдеме одговорот, ниту Брисел ниту Вашингтон нема да можат да ни помогнат.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com