ЗАБОРАВЕНА 1968 ГОДИНА

Барањето за оставка на министерот за образование е најлегално и најлегитимно. Целата јавност или некој нејзин сегмент може во секое време да побара оставка на некој министер или на Владата

Gaudeamus igitur,
iuvenes dum sumus;
Post iucundam
iuventutem,
post molestam
senectutem
nos habebit humus.

Кога ги гледав студентските протести искрено ме вратија во мојата младост, но во истовреме кај мене разбудија и чувство на тага бидејќи и овој пат, барем според мене, се покажа дека кај нас се’ уште ја нема онаа критична маса која може да донесе квалитетни промени. Лично им се восхитувам на тие млади луѓе кои учествуваа на протестот и достинствено го изразија својот револт против воведувањето на екстернотo оценување за студентите и тоа два пати во текот на студиите. Но овие протести уште еднаш покажаа дека ние како јавност многу поблиску сме до она што го викаме „сеирџии“ отколку вистинска критична и во истовреме одговорна јавност, пред се’ за својата сегашност и иднина.

Зошто го велам ова. Според статистиката, во Македонија на сите универзитети (приватни и државни) има 57.746 студенти. Машала! Од овој број околу 89 проценти се на државните универзитети додека другите се на приватните. Не треба да потсетувам дека универзитетски центри, покрај Скопје, денеска се и Тетово, Битола и Штип. Од овие речиси 58 илјади студенти на протестите немаше повеќе од три илјади. Во Тетово, Битола и Штип немаше ниту еден. Не забележав ниту еден транспарент на кој би можел да идентификува некој од приватните универзитети. Зарем е можно меѓу 58 илјади студенти само овие 2-3 илјади да се загрижени што се случува со високото образование. Некој ќе рече дека студентите се плашат од оваа „недемократска“ власт.

Ајде да се вратиме во далечната 1968 година (јас тогаш имав 18 години) кога Франција, но и цела Европа, ја тресеа студенски демонстрации. Зарем студентите во Париз не знаеја дека Де Гол нема да попушти и на крајот и тенкови излегоа на улиците на францускиот главен град. Ама француската и европската јавност застана на страната студентите, па дури и Канскиот фестивал порано ја спушти завесата како знак на солидарност.

Истата година во мај и во СФРЈ се одржаа студенски демонстрации, посебно во Белград каде што на десетици илјади студенти излегоа на улица. Слично беше во Загреб и во Љубљана. Богами тогаш да излезеш на улица да демонстрираш против власта требаше и храброст, но и свест за сопствената одговорност за сегашноста и иднидната. А кај нас? Тогаш една група студенти, претежно деца од „Водно“, собрани околу неделникот „Фокус“, направија еден број кој не и’ се допадна на власта и беше забранет. УДБА собра неколкумина, кои после неколку часа беа пуштени и толку. Во суштина и тогаш кај нас имаше само една мала затворена група на млади салонски револуционери, штитени од своите родители и огромна маса на „сеирџии“, а тоа се покажа 40 години подоцна.

Во мај 2008 година во цела Европа и на просторот на некогашна Југославија се одбележа 40-годинишнината од студентските демонстрации. Во Кан на Фестивалот дури по 40 години се прикажаа оние филмови кои во ’68-та поради предвременото затворање не беа прикажани. За жал, само кај нас, дури и оние некогашни салонски револуционери, заборавија што правеле пред 40 години. Некои од нив станаа министри, некои „големи новинари“, некои, еве веќе две децении, ни продаваат „пуфки“ и не’ учат, подобро речено, продаваат демократија, цивилно општество, слобода на медиуми и секогаш добро платени.

Дека тоа е така докажуваат и реакциите, односно се она што се случува по овие настани. Да почнеме од медиумите. За оние самонаречени „патриотски“ медиуми речиси и да немаше демонстрации. Што се однесува до универзитетските професори на протестот не видов ниту еден, иако воведувањето на екстерното оценување ако не директно тогаш индиректно и нив ги задира. Не знам, можеби сега професорите им враќаат „мило за драго“ на своите студенти кои не ги подржаа кога професорите протестираа против законот за високо образование.

Изјавата на претседателот на студентскиот парламент – „Не е време за протести“е одличен егземплар како се станува политички полтрон. Власта, како по обичај, е во право. Министерот за образование, Абдулаќим Адеми, во својата прва изјава ги нападна студентите дека протестите биле „политички обоени“ (секако од опозицијата), бидејќи студентите побарале оставка од него. Демек, само политичките партии можеле да бараат оставка?! Точно министре. Протестот на студентите имаша политичка димензија, бидејќи беше против конкретна политика која вие ја креиравте и се вика воведување на екстерно оценување. И тоа е легално и легитимно. Како магистер по металургија можеби малку ви се туѓи некои политиколошки и социолошки термини и дефиниции, ама секако добро знаете дека на секоја акција има и реакција. Барањето за ваша оставка (патем, студентите зборуваа за ваша одговорност) е најлегално и најлегитимно барање, кое јавноста општа или некој нејзин сегмент (како што е студентската јавност) може во секое време да побара оставка на некој министер или на Владата. Барем така е во демократскиот свет.

Објаснувањето дека со ова ќе се подобрел квалитетот на високото образование воопшто не држи вода. Надлежниот министер, а и Владата прво треба да расчистат како се делеле „шаком и капом“ акредитации за отварање на факултети и универзитети. Понатаму, како е можно државните универзитети и со кој професорски кадар да отвараат факултетски „експозитури“ речиси во секое село. Одговорете си на прашањето колку е вмешана политиката во избор на професори и асистенти. А посебно ако зборувате за квалитет прашајте се зошто во Македонија одвојувањето за научно-истражувачката дејност е на ниво на африканска држава. Господине Адеми, во секоја нормална држава министерот за образование ќе си поднесеше оставка не заради овие протести, туку заради немање греење во училиштата, исклучување на струјата, заради учебници во кои деца се учат на покорност и целивање на рака…

Во Црна Гора неделава министерот за здравство си поднесе оставка затоа што во болницата во Биело Поле почина новороденче поради инфекција, од која биле заразени пет бебиња. Во политиката тоа се вика објективна одговорност. Колку ли министри во изминативе две децении, вклучувајки ги и актуелниве, кај нас, заради објективна одговорност, досега требаше да си одат! Замислете, се јави и нашиот претседател. Потсетувајќи дека е и универзитетски професор, тој и во оваа пригода остана на ниво на онаа негова антологиска изјава „разумен компромис е разумен компромис“.

Сега очекуваме тие нови измени во законот за високо образование или реформи како што ги нарекува министерот, да дојдат во Собранието, мнозинството ќе си ги изгласа и ние како јавност и понатаму ќе си гледаме „сеир“. И бидејќи ја започнав колумната со студентската химна доликува и со неа да завршам:

Vivat academia!
Vivant professores!
Vivat membrum quodlibet;
Vivant membra quaelibet;
Semper sint in flore.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com