ЖЕШКА ПОЛИТИЧКА ЕСЕН

По здодевното лето во кое медиумите од демократски мештап не’ удавија со тоа каде летувал Груевски, а патриотиве со успесите (виртуелни) на Владата, многу реално и жестоко (со тупаници) влегуваме во есента

И додека светот се’ уште се бори и стравува од Еболата, ние, поточно мојот „омилен“ и хиперактивен министер за здравство тој проблем го „реши“. Набавени се скафандери за медицинскиот персонал и на аеродромот поставени се демек термички камери!! Во меѓувреме, ни се појави и инфективна жолтица, ама и тоа го реши неуморниот министер за здравство. Добро, со помош на младиот министер за труд и социјална политика. Имено, и двајцата наредија да се изврши дезинфекција на детските градинки, училиштата болниците и така натаму. Министерот за труд и социјална политика удри и еден „шнел курс“ за лична хигиена и миење на раце!! Аман, нели сме 21 век, нели живееме во Европа и сме дел од европската култура и цивилизација и плус антички и сега еден скоро голобрад министер ни зборува за лична хигиена и миење раце. Само да прашам. Ако не беше жолтицата во градинките и училиштата немаше да имам дезинфекција и дератизација??? Патем, на пример во Словенија минимум два пати во годината се прави дезинфекција и дератизација на градинките, училиштата, станбените објекти и така натаму. Ама да се вратам на мојот „омилен министер“. И додека успешно ја реши еболата и жолтицата, некако со бактеријата листерија, што би рекле кај мене во Дебар Мало, се „врза у чвор“. Те листеријата ја има таму, те онаму, те нема квантификација и ред други контрадикторности, кои за воља на вистината не ги изрече министерот, туку почнаа од најразлични институции кои се дел од министертвото.

Посебно трагикомичен беше директорот на Агенцијата за храна или веќе како се вика. Мене лично сето ова ми заличи на она што се случуваше за време на птичјиот грип, ако не се лажам пред 8-9 години. Тогаш се најде една мртва кокошка и тогашниот директор на Ветеринарната управа (денешна Агенција за храна) цели десет дена едноставно не знаеше како да ја спакува и да ја испрати мртвата кокошка во референтна лабораторија во Лондон. Можеби затоа министерот за здравство на своите прес конференции не дозволува да се праша ништо друго освен однапред одредената тема.

Некој ќе рече што сум се фатил за овие „маргинални работи“ кога ни се случуваат ете тепачки во Собранието. Знам дека ова звучи цинично, ама ние како по обичај од ова правиме драми. Се сеќавам на европратеничката Дорис Пак која после инцидентот во Собранието од септември 2007 година на новинарско прашање изјави: „Не разбирам зошто од сето ова се прави толку голема афера. Тепачки има за жал и во другите европски држави, па ништо“. Кај нас веднаш имаме експертски мислење и анализи, па ад хок анкетни комисии кои како што рекол и еден Черчил успешни се само аферата да ја скријат под тепих. И по инцидентот во вторникот на седницата на Комисијата за финансирање и буџет повторно исто. Замислете кое експертско мислење е дека лидерите на партиите треба да седнат и да го обноват политичкиот дијалог!! Ова само кај нас се вика експертско мислење.

Опозицијата која и така го бојкотира Собранието сега овој инцидент го гледа како уште еден доказ дека тие се во право што не ги признаваат изборите и го бојкотираат парламентот. Дали тие помислиле дека нивниот бојкот само ја „нагризува“ институцијата парламент, но и другите институции кои и по овие дваесет и кусур години се’ уште се на „стаклени нозе“.

И кога еден убав ден опозицијата ќе ја освои власта, се прашувам во какви институции тогаш ќе функционираат? Се има впечаток дека опозицијата со овој политички опортунизам поткрепен од страна „нивните експерти“ мисли дека ќе го сруши ова владејачко мнозинство и тие ќе дојдат на власт. Владејачкото мнозинство задоволно трие раце поради ваквиот навистина безидејна опозиција. Во исто време нивниот политички опортунизам (симлифициран преку слоганот „Остваруваме“) благодарејќи на многу фактори стана доминантен во општеството и ужива подршка од тотално деполитизираното и осиромашено избирачко тело. Ние можеме да правиме одлични анализи и издржани историски компарации на актуелните лидери со Зиновљев и екуменскиот Патријарх на Константинопол Генадиус Втори Сколариус ко паѓа во „прегратките на отоманскиот Султан Мехмет Втори, кој го освоил Константинопол. Ама се прашувам колку од нас ја разбрале оваа брилијантна анализа на почитуваниот Зеколи. Односно, дали нашето општество, држава и секако ние граѓаните се’ повеќе гравитираме кон таканаречената Единаестта теза на Фоербах, научна расправа потпишана од класиците на марксизмот. А, ако ја поедноставиме на нашата реалност би значела, или ние граѓаните ќе се промениме, а со тоа ќе ги промениме состојбите во општеството и државата, или ќе не нема и како општество и како држава (во оригиналот пишува ќе имаме варварско општество).

Но, пак да се вратам на последниот инцидент во Собранието, или поточно на реакциите. Навистина за мене непозната НВО со многу звучно име „Заедничка визија“ (останува дилемата со кого) бара сите Албанци пратеници прво да се извинат на Албанскиот народ за нанесениот срам и да си поднесат оставки на функцијата пратеник. Е па да ги прашам овие од „Заедничка визија“ ако веќе ја оценуваат тепачката како срамна, тогаш срамот паѓа на целиот парламент и на сите граѓани во Република Македонија без разлика на нивната етничка припадност, а не само на Албанците. Зошто на пример албански пратеник за нас обичните граѓани би бил само за Албанците, а македонскиот би бил само за Македонците. Па ајде една мала илустрација. Тетово нема вода, нема депонија. Дали ова ги погодува само Албанците или ова е проблем и на Македонците и другите кои живеат во Тетово. Дали тоа значи дека од 6. изборна единица Македонец не смее и не може да се обрати до пратеник Албанец за некој проблем и обратно. Е, тука некоја заедничка визија барем јас не гледам освоен ако овие од оваа НВО немаат некој друга Заедничка визија која се темели на етнички принцип и големи етнички држави. И ете не повторно во гравитациското поле на Единаесеттата теза на Фоербах која води во варварско општество. Е па нека ни е со среќа.

И така после досадното лето во кое медиумите од демократски мештап не удавија со тоа каде летувал Груевски, а патриотиве со успесите (виртуелни) на владата, еве многу реално и жестоко (со тупаници) влегуваме во есента која ќе биде по се’ изгледа жешка. Можеби денеска ( 28 август, кога ја пишувам колумна) ќе не „олади“, да не речам „замрзне“ госпоѓа Меркел која како германски канцелар ја води конференцијата за евроатланската иднина на државите од Западен Балкан. Ама ние (сите кои живееме во Македонија) знаеме секогаш многу брзо да се вжештиме, па дури и да „прегориме“ пред да стигнеме до онаа вистинска и толку потребна граѓанска димензија.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com