ЕУ ЈА ИСПУШТИ МАКЕДОНИЈА

А каде со другите принципи врз кои се темели Европската унија? На Брисел не му е многу гајле колку имаме демократија, колку кај нас владее правото, како ни функционираат институциите, каде е тука солидарноста

Ако сакаме да бидеме нешто помеѓу бизарноста и евтин цинизам, тогаш може да се каже дека резултат од пропаднатите разговори во Брисел е откажаната посета на еврокомесарот Хан на Сараево и разочараноста на овој Австриец од недостиг на одговорност и лидерство кај нашиве. Како „сосед“ Хан би требало подобро да го познава балканскиот политикантски менталитет, па нема толку многу да се разочарува. И нормално, како и секој политичар, Хан патетично додава дека ние како граѓани заслужуваме повеќе демократија, владеење на правото и европска иднина.

Нашиве лидерски „цветки“, Груевски и Заев, не отстапувајќи ниту за милиметар од својот типичен балкански политикантски менталитет, веднаш почнаа со заемни обвинувања кој е виновен за пропаднатите преговори во Брисел. Премиерот Груевски во неговиот препознатлив популистички настап го обвинува лидерот на опозицијата дека се плаши од избори и од соочување со народот, бидејќи катастрофално ќе загубат и тој и неговата партија(СДСМ). Затоа, според Груевски, сега преку продлабочување на кризата која негативно влијае врз економијата, процесот на странски инвестиции и секако, вработувањето, Заев и СДСМ очекуваат нешто да добијат за себе. Во суштина, Груевски не рече ништо ново од она што досега го имаше повеќепати кажано. Оваа негова „теза“ тој надолго и нашироко ја објасни на митингот на ВМРО-ДПМНЕ. Кога станува збор за избори, ВМРО-ДПМНЕ и Груевски како лидер, пред се’, преку владините реклами се нон-стоп во некаква предизборна кампања. Затоа, разбирлива е сигурноста со која Груевски е подготвен да оди на избори ако треба веднаш или во април идната година. Ако се точни информациите кои ги објавија некои медиуми, Груевски бил подготвен на СДСМ да им даде дури три министерства, меѓу кои и за финансии и за внатрешни работи, ама премиерската функција да ја задржи барем до крајот на годинава, односно три месеци пред изборите. Ако е тоа точно, тогаш е разбирливо зошто СДСМ не ги прифатил овие услови. Имено, ако во Скопје на 2 јуни нашиве лидери со помош на еврокомесарот Хан, ама и на американскиот амбасадор Бејли, се договорија за некаков транзициски период до април идната година, логички би било тој период да го води некаква влада (транзициска, експертска или не знам веќе каква) во која ќе ги нема ниту Груевски ниту Заев. Затоа Груевски, ако навистина е толку сигурен во себе, во успесите кои за овие девет години ги постигна тој како премиер, ако толку му се при срце Македонија и македонските граѓани, зошто не се повлече од функцијата премиер во таа транзициска влада. Неговото одење од функцијата премиер со ништо не ја делегитимира ВМРО-ДПМНЕ како партија која во Собранието има мнозинство и во таа преодна влада, секако ќе има свои министри. Останува фактот дека довербата во институциите е изгубена, а за ова вината е, пред се’, кај мнозинството и со тоа и на Груевски како премиер и партиски лидер.

А какви ни се нашите институции, најдобро илустрира вчерашната акција на полицијата во Ваксинце. Замислете, беше потребно да дојдат новинари на британската телевизија Канал 4 за да направат и објават репортажа за мигрантите од Сирија и другите држави од Исток, дури преку ГПС-системот на мобилен на еден од мигрантите точно да ја лоцираат и куќата во Ваксинце каде што се чуваат емигрантите, па нашава полиција да направи уште една „успешна акција“. И нормално, никој не е одговорен за ова.

На Заев како лидер на СДСМ не може да му се оспори политичка и лична храброст кога со објавувањето на „бомбите“ почна да го разоткрива владеењето на Груевски, поточно владеењето на коалицијата Груевски-Ахмети. Но тука се покажа дека и Заев се занимава со политикантски калкулации. Имено, реално гледано, досега не е објавена ниту една „бомба“ која посериозно би го компромитирала ДУИ, односно Ахмети. Заев ова го објаснува дека со тоа може да се загрозат меѓуетничките односи. Ако настаните во Куманово во кои осум припадници на МВР ги загубија животите и беа ликвидирани десетина терористи не ги нарушија меѓуетничките односи, тогаш каква е таа „бомба“ што може да ги наруши меѓуетничките односи. Оттука, сам по себе се наметнува заклучокот дека Заев калкулира ако по предвремените избори повторно победи ДУИ и „нормално“ СДСМ, дали ќе може да направи коалиција со интегративците? Ех, што ти е Балкан!

Понатаму, не сум убеден дека двоецот Заев-Шекеринска има капацитет или подобро речено, волја да изврши демонтажа на партиската држава. И двајцата се „деца“ на партија, поточно на партиски лидер кој го започна процесот на партизација на државата и државните институции.

Во оваа наша 25-годишна трагедија, одлично се вклопува и меѓународната заедница, особено ЕУ. Да потсетам, во 1992 година во Лисабон на самитот на ЕУ тогашниот француски претседател Митеран ја поддржа Грција која се спротивстави да биде призната самостојноста на Македонија, иако според Бадинтеровата комисија само ние и Словенија ги исполнивме условите за признавање како суверени држави. Резултат на оваа одлука се референцата ФИРОМ и перманентната блокада која ја турка нашиот јужен сосед, иако е во спротивност и на резолуцијата на ОН и пресудата од Хаг. Оттогаш па до денеска, ЕУ кон Македонија води исклучиво прагматична политика. А таа прагма се сведува само на едно. Стабилност во државата, а со тоа и стабилност во регионот. А каде со другите принципи врз кои се темели Европската унија? На Брисел не му е многу гајле колку кај нас имаме демократија, колку владее правото, како ни функционираат институциите, каде е тука солидарноста… Од сето ова кај нас нема ниту буква. И во една таква атмосфера многу лесно виреат и егзистираат лидери ала Бранко, Љупчо, Али, Груевски, Тачи, Заев, Шекеринска и слични „ендемски“ видови. Во една таква атмосфера имаме многу невладини организации, но за жал, многу малку вистински граѓански организации ама многу партиски приврзоци. Во таква општествена атмосфера, имаме цел куп медиуми од печатени преку електронски, понатаму портали ама дали можеме на една рака да изброиме медиуми кои ги почитуваат професионалните стандарди. И ЕУ сето тоа го толерира и убеден сум дека ќе го толерира и понатаму само за да се зачува стабилноста во државата и регионот.

Ете тоа е нашата реалност. Тоа е реалноста на ЕУ кон нас и како држава, и како општество, и како граѓани. Во една од колумните од оваа година го цитирав Фром и неговото дело „Бегство од слободата“, во кое се зборува за граѓанската непослушност. Мислам дека навистина е дојдено време за таква граѓанска непослушност, која нема да се манифестира со тотално антагонистички кампови пред Владата односно пред Собранието, туку со онаа вистинска граѓанска непослушност каква што делумно ни ја покажа Студентскиот пленум.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com