ЕНДЕМСКА ДРЖАВА

Кога ги слушав предлозите за продолжување на распустот, помислив на владината реклама за ендемски видови, но кога заменик-министерот изјави дека најсериозно ќе го разгледа предлогот, почнав да разбирам зошто сме ендемска држава

Признавам, насловот го „позајмив“, поточно ја парафразирав една од безбројните владини реклами, а се однесуваше какви ендемски врсти како домаќини се „ориѓаните“ до туристите. А, богами и зошто да не ја позајмам, и така е направена со наши (буџетски пари), што значи е и малку моја.
И ете ти бум. Хотелиерите од Охрид предлагаат почетокот на учебната година да се поместел од 15 септември за да може со тоа да се продолжела туристичката сезона. И сега, ајде, речете дека ова не е „ендемски“ предлог пар екселанс. Дали овие „ендемски туристички работници“, сепак помислиле дека, на пример, просечно македонско семејство со две просечни плати и со две деца од училишна возраст ќе може, на пример, од 1 па до 10 септември да си дозволи „луксуз“ да летува во Охрид и потоа кога ќе се врати да купи сето она што е потребно (од училишни торби, па до работни тетратки и се’ друго што е потребно за почетокот на школската година). Ако овие „генијалци“ мислеле на странски гости, повторно нема логика. Имено, во цела Европа школската година почнува помеѓу 1 или 5 септември, што значи на тие туристи не може да се смета. И објаснувањето на овие генијалци дека предлогот доаѓа поради горештините и климатските промени, односно летото трае подолго… Американците би рекле „индијанско лето“. Арно ама, што правиме со зимите. Секоја година кај нас, посебно во западните делови, снегот се мери во метри. Сетете се колку дена беше блокиран патот Маврово – Дебар, па колку села во струшкиот и реканскиот регион немаа струја поради снегот. Замислете сега туристичките работници од зимските центри да бараат зимскиот распуст да се продолжи барем за уште две недели, односно да трае еден месец.

И верувајте, кога ги слушав овие предлози навистина помислив на онаа позната реклама за ендемски врсти. Ама, кога слушнав како заменик-министер за образование пред камерите изјавува дека Министерството најсериозно ќе го разгледа предлогот, е богами почнав да разбирам зошто сме ние ендемска држава.

Но, да не бидат за ова виновни само „ориѓаните“, еве ние скопјаништата не сме ништо подобри. Откако нашиот градски татко ја направи позната „Коце Копакабана“ на Вардар, кој одамна е „испоганет“ и капењето е строго забрането, а поставените тушеви се уништени, сега ете ни поставија и палми. Ама ни тоа не е се’. Сега на палмите ќе им ставале тушеви кои секое сабајле и навечер, секако компјутерски водено, ќе ги тушираат палмите за да растат. Барем да го патентираме овој изум на нашиве генијалци и за нафта да го трампиме на Арапите за палмите во нивните оази. И, ајде речете дека ние не сме „ендемска држава“.

Но, за жал, не е се’ вака комично во сите овие ендемски појави. На пример, барем во Европа (ама без Западен Балкан) непоимливо е сопартијци за позицијата, претседател на огранок да потегнат оружје и едно лице да га загуби животот. Или, убиството на заменик-директорот на УЈП во Струга. Не знам дали се сеќавате, ама на последните локални избори на својот фејсбук-профил актуелниот градоначалник на Кичево стави своја фотографија во униформа на УЧК, а во рацете калашник. Е, која порака може од ова да извлечат младите освен земи пушка облечи униформа, оди малку во герила и ете стануваш градоначалник.

За волја на вистината, ова не е карактеристично само за албанската етничка заедница. Како да го разберам Геровски, кој на зрели години стана револуционер од типот на Михаил Бакуњин, кога на својот профил ја објави легалната дозвола за поседување на пиштол со објаснување дека ете тој има со што да се брани себеси и своето семејство. Верувам дека секој од нас кога станува збор за одбрана на своето дете или семејство ќе стори се’ и дека во такви моменти попуштаат сите вредности, социјални и психолошки „кочници“, односно настапува таканаречената „жолта пега“, ама да објавуваш дозвола за поседување на оружје, богами е ендемска појава. Сепак, другарот Геровски нели е прв меѓу „демократите“ новинари, а без оглед на се’, мавтањето со оружје не е баш некој демократски метод. Замислете, по масакрот на новинарите на „Шарли ебдо“ (Charlie Ebdo) француските новинари да почнеа на социјалните мрежи да објавуваат кој од нив имаат оружје и дека сами ќе се бранат. Од тука до анархизмот на Бакуњин има само тенка црвена линија.

Секако, ендемичноста најдобро се гледа во политиката и во она што се вика правна држава, функционални институции и владеење на правото. Еве, да почнеме од името под кое сме запишани и во ОН и во сите други меѓународни институции. Ако по дваесет и пет години ние не успеавме да направиме пречистен избирачки список, ако не успеавме како што е секаде во Европа да направиме вистинска Државна изборна комисија која има само една единствена задача да ги организира (технички аспект) и да ги спроведе изборите според законот. На пример, дури и кај еден Лукашенко опозицијата, а и ОБСЕ-ОДИХР, не го оспориле, на пример, избирачкиот список, иако секогаш извештаите се целосно негативни за изборите во Белорусија. Понатаму, владеењето на Орбан најблаго речено е контроверзно ако го гледаме од аспект на европските вредности на демократија, ама никој не го оспорува избирачкиот список или изборната комисија.

Ние 25 години дебатираме, се караме, каниме експерти од Европа, демек активно вклучуваме невладини организации со нивни „експерти“ и никако да направиме реален избирачки список и најнормална Државна изборна комисија. Можам до утре, или подобро речено, да напишам книга подебела од телефонскиот именик од најразлични ендемски појави, настани и слични глупости кои Република Македонија во овие речиси 25 години ја етаблираа како ендемска држава. Еве и последната криза одлично се вклопува во таа слика. Без да навлегуваме кој е помалку, а кој повеќе виновен. И што сега? Барем како што јас ги гледам работиве, странциве сепак се’ уште мислат дека можат да не направат колку толку нормална држава. Токму затоа и дојде до договорот од Пржино и онаа позната ноќна сеанса со комесарот Хан. Еве, сега демек разговори и преговори течат секогаш со „помош“ на некој странски „експерт“.

Не верувам дека странците, а пред се’ САД, но и ЕУ, се наивни и веруваат дека до април ќе можат да ги средат сите овие прашања. Иако, како што гледаме, се преговара за нов избирачки список, демек сите ќе мораме лично со документи на ново да се пријавуваме и регистрираме, па се преговара за ДИК. Во септември дури може да добиеме и таканаречен специјален Јавен обвинител, пред Нова година Груевски си заминува од премиерската функција и така натаму, односно се’ според договорот од Пржино. И така, додека ние како публика, поточно сеирџии, ќе навиваме за нашите, мислам дека во заднината странците (САД и ЕУ), пред се’ ќе работат дефинитивно да го решат најголемото и основно прашање, а тоа е ФИРОМ, кое треба да се реши до идниот самит на НАТО, кој ако не се лажам, ќе се одржи во јуни или јули идната година. Затоа, не сум многу убеден дека во април ќе имаме избори. А, ако тоа прашање сепак не се реши, е тогаш сум сигурен дека Македонија релативно брзо како држава, па макар била и ваква „ендемска“, ќе ја снема за секогаш.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com