ЕВРОПСКИ КОЛОСЕК

Ако работата згусти, тука се Филе, Ховит и другите наши странски пријатели кои само ќе ни твитнат и ете ние повторно се враќаме на „европскиот колосек“

И така ни дојде „тројката“ од Европа, за неколку часа успеа опозицијата да ја „убеди“ дека треба да оди на локални избори, и дека треба да се врати во парламентот. Замислете овие основни принципи на демократијата (избори и парламент) ние или подобро речено нашите политички елити и по дваесетина години се’ уште не ги сфатиле. И во духот на нашата балканска политичка култура уште пред „тројката“ да слета во Брисел нашиве почнаа да се препукуваат што било договорено, посебно разликите беа дали ќе има или ќе нема предвремени избори!!! Со ова, уште еднаш кај нас се повтори дека вистина во политиката е само она што луѓето кои одлучуваат во политиката, го сметаат за вистина. И бидејќи европските бирократи си имаат дома доста работа и проблеми (на пример се’ поизвесно е дека Бугарија и Романија на идниот самит на ЕУ нема да добијат зелено светло за влез во шенген-зоната) тие решија овие наши „разбирања на вистината“ да ги расчистат преку социјалните мрежи. И европаратеникот Ховит на својот профил на „Твитер“ ни прво „твитна“ дека во договорот нема датум за предвремени избори, неделава твитна уште еднаш на оваа тема, ама во суштина ништо ново. И готово. Сега сите одат на локални избори, а опозицијата се врати во парламентот. Власта задоволна, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на конвенцијата на кандидатите за градоначалници прв пат призна дека опозицијата и нејзиниот лидер Бранко Црвенковски и тоа како му „одат на рака“ и нему и на ВМРО-ДПМНЕ да се на власт еве веќе седум години. А богами, како што тргнала работава, Никола Груевски има шанса да стане македонски Хелмут Кол. И веднаш да расчистиме, за да не ни се лутат нашите комшии и повторно да не’ „кодошат“ во Брисел дека некој „недоветен“ колумнист или „запален антички Македонец“ ги нарушува добрососедските односи и бара од премиерот Груевски да стори се’ за реунификација (соединување) на сите делови од некогашна „античка Македонија“ распарчена со Букурешкиот договор. Не, споредбата со Хелмут Кол (канцелар од 1982-1998) ја направив само со должината на неговото владеење. И еве бидејќи уште еднаш „победи разумот“ и ние како држава повторно се вративме во некаков „европски колосек“ секако со твитање на нашите европски пријатели предлагам ВМРО-ДПМНЕ или пак владата (и така ќе оди од наш џеб) „да пукне уште еден споменик“. Имам и предлог. „Лада нива“ (излеана во бронза, бетонот може да распукне) локација – кај „Рекорд“ каде што се промовираше „Отпорот“.

И токму кога опозицијата се врати во парламентот ни се случија два многу посериозни „отпори“. За жал, и двата со етнички предзнак и двата насилни кои не’ доведоа на насловните страници во медиумите, како во регионот така и во Европа. Причина, изборот на Талат Џафери за нов министер за одбрана. Легално и легитимно е да се критикува и спротивставува наименувањето на кој било министер. Само сетете се со кои маки Обама во сенатот го „протна“ актуелниот министер за одбрана на САД. Причините зошто господинот Талат Џафери не е „добар“ за министер, а беше добар за заменик-министер е фактот дека тој бил командант на УЧК. Точно, ама факт е дека ДУИ (партијата на Талат Џафери) од конфликтот па до денеска освен во периодот 2006-2008 секогаш е главниот коалициски партнер во владите. Навистина не знам и не ме интересира, колку министри или други високи функционери од ДУИ во сите влади, биле припадници или команданти на УЧК. Мислам дека крајно време е да ја прифатиме оваа реалност ако навистина сакаме да градиме вистински соживот со нашите албански сограѓани. Лично за мене е неприфатливо кога министер на ДУИ јавно ќе каже јас одговарам само пред својот партиски шеф, а не пред Владата и премиерот. Само сетете се зошто Хари Костов си даде оставка како премиер. За жал, тоа размислување е се’ уште присутно. Со тоа од една страна многу јасно се гледа етничката поделеност и наместо функционална извршна власт која се темели и се практикува исклучиво на владеење на правото, имаме партиска. Ама ние и на ова се научивме. А, ако работата згусти, тука се Филе, Ховит и другите наши странски пријатели кои само ќе ни твитнат и ете ние повторно се враќаме на „европскиот колосек“. И згора на ова СДСМ предлага „македонски фронт“ за Кичево и Струга, секако против албанскиот. ВМРО-ДПМНЕ во принцип прифаќа. Жалосно.

Инаку, во целокупната слика на сето она што се случуваше по 24 декември („црниот понеделник“) се’ до доаѓањето на европската тројка и твитнувањето на Ховит и враќање на „европскиот колосек“ посебна трагикомична улога имаа „нашиве експерти“. Што се’ не слушнавме. Од експертската изјава „подобро лоши институции отколку бојкот“, па до некои срамежливи размислувања дека се можни делумни избори кога имате пропорционален изборен модел!! Во таа „научно експертска“ трагикомедија посебно место со својата колумна „Преврат во Собранието“ (Утрински 27.2.2013) има и професорот Светомир Шкариќ. Имено, професорот Шкариќ настаните од 24 декември („црниот понеделник“) ги гледа и ги објаснува преку Законот за Собранието, посебно член 49, кој како што вели не можел да го „смисли ниту Орвел“. Патем, ако тоа е воопшто важно, лично бев против Законот уште пред неговото усвојување кога во Собранието во мандатниот период 2006-2008 дојде како идеја, секако од страна на нашите странски пријатели. Не затоа што сум добар познавач на уставната материја, туку од фактот дека освен Финска, која има нешто сличен закон (барем според името), ниту една европска држава нема Закон за Собрание. Ова се проверува на веб-страниците на сите парламенти. Но, да се вратам на колумната. Како еден од врвните познавачи на уставно-правната материја (искрено сум убеден во тоа), зошто тогаш, професоре, не напишавте колумна и не предупредивте на орвеловскиот карактер на законот. И уште пострашно е дека Вие како советник на претседателот Иванов (навистина со статус на надворешен) зошто тогаш не го предупредивте претседателот Иванов наместо експресно да стави потпис на овој Закон, според неговите уставни надлежности да не го потпише и со вашите стручни забелешки да го врати во Собранието. Останува само да шпекулирам дали ако тоа се случеше, овој закон ќе беше донесен. Тогаш не знам од кои причини молчевте. Понатаму, почитуван професор Шкариќ, велите дека актуелниот претседател на Собранието ви бил симпатичен до 24 декември кога според вас станал Наполеон односно Кутузов. И сега кога веќе не ви е симпатичен и евоцирате некакви спомени од 1999 година кога прв пат сте го сретнале во Министерството за правда.

Тогаш вие и уште други професори заедно со тогашниот министер Камбовски „опуштено сте дебатирале“ за конкретна уставно правна материја. Вељаноски, тогаш на положба на заменик-министер, стоел од страна, молчел и не сакал да ви се придружи, веројатно од страв пред Вас и другите академски професори!! Арно ама, сега со Законот „симпатичниот“ Трајко Вељаноски веќе не се плаши, а вас ете ви станал несимпатичен. Жалосно е, почитуван професор Шкариќ, за вакви размислувања, пред се’ за уставно правната наука со која не само јас туку и многу други и кај нас и надвор ве идентификуваат. А, што се однесува до вашите емоции навистина тоа е ваша лична работа во која немам право да се мешам, ама вршењето на која било државничка функција не треба да се оценува, барем не од научен авторитет како што сте вие, со симпатични или несимпатични емоции. Нејсе, и ова ќе помине… Важно е дека ние сме на „европскиот колосек“, само никако да тргнеме…

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com