ЕВРОПА ЈА СТАБИЛИЗИРА КРИЗАТА, А И НИЕ

Ако се оствари банкарската унија, во ЕУ тоа би било најголемо откажување на националната сувереност

Ерго! Зар ова не е уште еден доказ дека ние сме вистински Европејци, само уште да влеземе во европското семејство. Сето ова се случи во средата. Уставниот суд на Германија го запали зеленото светло за Германија да го потпише договорот за формирање постојан механизам за стабилност на еврото (EСM) во кој Германија ќе влезе со околу 190 милијарди евра, додека, на пример, Словенија ќе треба да влезе со околу 324 милиони евра. Овој механизам во почетокот ќе располага со околу 500 милијарди евра, а подоцна ќе има 700 милијарди евра.
Во средата, во Стразбур на седница на Европскиот парламент претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, пред пратениците во своето излагање истакна дека се подготвува план за воведување единствена заедничка контрола на сите банки во еврозоната, а ги има околу шест илјади. Нормално, единствениот „контролор и надзорник“ би била Европската централна банка. Втората „бомба“ на Баросо беше дека на Европа и’ е потребна „федерација на национални држави“. Ако го следевте работењето на Европскиот парламент преку интернет, ќе видевте дека некои му аплаудираа на Баросо, некои остро го критикуваа, ама мене лично ми се допадна дискусијата на лидерот на европските либерали кој истакна дека на Европа не и’ е потребна федерација на национални држави, туку „сојузна унија на европски граѓани“.

Федерализацијата нема да се случи утре, односно, како што рече и Баросо, за ова ќе треба да се менува и Лисабонскиот договор. Но, затоа банкарска унија може да се оствари релативно брзо (во почетокот на идната година) и за ова не е потребно менување или дополнување на Лисабонскиот договор. Ако ова се оствари, а за тоа е потребен консензус, тоа би било најголемо откажување од она што го подразбираме под поимот национална сувереност во историјата на Европската унија. Секако, околу ова ќе се кршат копјата меѓу државите членки. Ама сите прифаќаат дека на Европа и’ се потребни реформи кои водат токму во тој правец, ајде лаички, но разбирливо, да го именуваме федерализација.

Да се вратам сега дома, во нашата европска Македонија. Минатата недела ДУИ, која во целост се противи на Предлог-законот за бранителите (тоа е легален и легитимен став), најави дека ќе го блокира Собранието, поточно четириесеттата седница на која меѓу 33 точки од дневниот ред е и Законот на бранителите. И така „кризата“ во владината коалиција се пресели во Собранието. Што се случуваше нема да повторувам, бидејќи верувам дека сите го видоа тоа „во живо“. Во јавноста кружеа најразлични морски теории зад кои храбро застанаа многу аналитичари, експерти, познати новинари… Така, се наслушавме дека ни е потребно формирање на ново парламентарно мнозинство, секако без ВМРО-ДПМНЕ, која ќе го истера овој мандат, па дека е потребна техничка влада, повторно без ДПМНЕ, која ќе подготви избори за март идната година заедно со локалните, дури имаше и такви храбри кои тврдеа дека избори ќе имаме веќе во ноември. Опозицијата (СДСМ со своите коалициски партнери), која го подржува споменатиот закон, и овој пат покажа дека едноставно не ги бива. Наместо да обвинуваат дека сето ова е фингирана игра на владината коалиција во пресрет на локалните избори, зошто уште минатата недела не поднесоа барање за гласање за доверба на Влада што и Уставот и Деловникот го овозможуваат, па ќе се видеше за три дена (толку е рокот во кој мора де се одржи седница на Собранието) дали ова е криза во владината коалиција или финта. Можеби одговорот зошто тоа не го направија го даде лидерот на НСДП, кој искрено рече – а што ќе сменат изборите.

Во средата работите се променија. Министрите за надворешни и одбрана Поповски и Бесими рака под рака заминаа за Брисел. Во Собранието ДУИ гласаше за законите кои ги предлага Владата. Значи, се’ функционира, иако разликите околу Законот за бранители остануваат. СДСМ глумеше „навредена девојка“ и чекаше пред пленарната сала ДУИ јавно да се изјасни дали ќе гласа за законите на Владата!? Верувам дека будно ја следеле седницата на Собранискиот канал и го видоа одговорот на ДУИ. Па така вчера влегоа во пленарната сала и се изгласа Законот за следење на електронските комуникации, кој беше наша обврска од европската агенда, што е секако во интерес на сите нас како граѓани, но и во политичка корист на СДСМ.

Во сета оваа „калакурница“ единствена жртва е заменикот-народен правобранител, чие разрешување (заради одење во пензија) не помина. Бидејќи неговиот избор и разрешување се врши според Бадинтеровиот принцип. ДУИ во понеделникот (додека траеше кризата) гласаше против. Зар се заборави дека Бадинтеровиот принцип во суштина се темели врз човековите права и слободи и нивната заштита. Бидејќи сега тој принцип беше злоупотребен, се прашувам што ќе преземе народниот правобранител, кој е должен да ги штити правата на граѓаните кога тие се кршат од страна на државните институции.

Е ајде сега речете дека ние сите не сме Европејци.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com