ЕВРОПА ТУКА И СЕГА

Во регионов регатата кон Брисел ја предводи Црна Гора. Тоа е реалноста, која можеби за нас е фрустрирачка

Ако ние не можеме (или не сакаме) во Европа, тогаш Европа ќе дојде кај нас. Верувам дека многу од читателите на „Утрински“ ќе го препознаат ова парафразирање на познатата изрека за Мухамед и планината. На оваа компарација ме наведе најновата туристичка акција на амбасадорот на ЕУ, заедно со амбасадорите на некои држави членки со автобус (кој, секако, ги исполнува европските еколошки стандарди) да прошетаат по внатрешноста на нашата „библиска“, „вечна“ и европска Македонија и да го одбележат Денот на Европа. Амбасадорот Орав заедно со своите колеги амбасадори, ама и по некој наш министер, на граѓаните им ги претставуваше придобивките од членството во ЕУ.

Бидејќи со оваа амбасадорска туристичка тура се опфатени руралните подрачја, барем како што слушнав по телевизиите, луѓето се распрашувале и ги интересирало за фондовите на ЕУ за развој на земјоделството и руралните средини. Што им одговорил на ова амбасадорот на ЕУ не беше пренесено, ама затоа се пренесе неговата изјава дека Европа не’ сака и не’ чека да ги почнеме преговорите и да станеме полноправна членка! Се прашувам дали на земјоделците им беше кажано дека токму земјоделството е еден од најтврдите ореви во преговорите што секоја земја кандидат ги имаше со ЕУ. На пример, дали амбасадорите им кажале дека печењето ракија дома не е според стандардите на ЕУ. Не верувам дека амбасадорите им објаснија на младите, кои така весело мавтаа со сини балони и европско знаменце, што значи фразата „полски водоводџија“.

Не сакам ова да биде разбрано како критика до амбасадорот Орав и неговите колеги. На крајот, тоа е дел и од нивните дипломатски активности. Во рамките на одбележувањето на Денот на Европа, треба да се вброи и интервјуто на претседателот Ѓорге Иванов за МИА. Во интервјуто претседателот Иванов вели: „ЕУ ни се нуди како проект кој треба да обединува врз основа на вредности, критериуми и принципи. Таа Европа ние ја сакаме, не сакаме Европа која уценува, па дури и поставува ултиматуми… Ако важат едни принципи за сите членки, тие треба да важат и за нас, а не ние да сме исклучок… А сето тоа навистина фрустрира“. Убаво кажано, ама претседателот Иванов кој својата академска кариера ја почна на катедрата за меѓународно право на Правниот факултет, добро знае дека во меѓународните односи интересите, а не принципите ја водат и ја креираат меѓународната политика. Светот глобално би бил многу подобар ако важат единствени принципи и вредности, но не е така. На пример и Хрватска, која набрзо формално ќе стане членка на ЕУ, во текот на преговорите беше неколку пати „принципиелно блокирана“ од своите соседи членки на ЕУ. Словенија ја блокираше околу познатиот граничен спор, додека Италија ја блокираше кога Хрватска ја прошири својата економска зона на Јадранско Море, иако тоа и’ го дозволува меѓународното поморско право.

Ние како обични граѓани имаме право да зборуваме и да манифестираме фрустрираност поради непринципиелната политика на ЕУ. Но, сите добро знаеме дека кога нашите државни и политички лидери на странците ќе им ја пренесат оваа фрустрација секогаш одговорот е ист: „Ние ве разбираме и затоа ве охрабруваме спорот со Грција да го решите што е можно побрзо“… и така дваесетина години. Е, тоа е навистина фрустрирачки, а таа фрустрација можеби најдобро се гледа преку фактот дека 230 илјади се иселиле од Македонија, а страшен е фактот дека секој втор млад човек својата иднина ја гледа надвор од државата.

Иако кај нас е создадена перцепција дека во рамките на ЕУ речиси сите држави членки се на „наша страна“, а Грција е осамена и со злоупотреба на правото на вето не’ блокира, во суштина не е така. Во Европската унија е заземен став дека држава кандидат не може да ги почне преговорите доколку има отворени и нерасчистени прашања со некој членка на ЕУ. Донекаде за ова е „виновна“ и Словенија, која речиси една година ја блокираше Хрватска поради познатиот спор со границата во Пиранскиот Залив. На крајот и двете страни прифатија овој спор да се решава пред Меѓународниот арбитражен суд, со тоа што е прифатено словенечкото барање судот да суди според правото и правичноста.

Понатаму, дури и кога почна процесот на ратификација во националните парламенти на одлуката за полноправно членство на Хрватска во ЕУ, Словенија притисна и Загреб прифати решавањето на прашањето со штедните влогови на хрватските граѓани во некогашна Љубљанска банка да се одложи за 15 години. Токму затоа веќе сега треба да ни биде јасно дека во јуни повторно од Брисел ќе ја добиеме горе-долу истата оцена формулирана како – „имате напредок, ама…“

Како што во својата анализа истакнува European Policy Center (познат тинк-танк центар од Брисел) кога станува збор за проширувањето на ЕУ има два аспекта, еден добар и еден, да речеме, помалку добар. Првиот е дека должничката криза која добро го здрма еврото, сепак не ја уби идејата за проширување. Онаа помалку добра е фактот дека проширувањето како процес е забавено и според споменатата анализа сега по Хрватска до крајот на оваа декада нема да има проширување со нови членки. И ако тука се додаде лошото искуство што Брисел го имаше со Бугарија и Романија и проблемите кои се отворија внатре во ЕУ, односно друга политична реалност, тогаш е разбирливо зошто темпото на проширување е забавено, Унијата станува поригорозна кога се во прашања критериумите за членство.

Во регионов регатата кон Брисел ја предводи Црна Гора, зашто Хрватска од 1 јули и официјално ќе биде членка на ЕУ. Тоа е реалноста која можеби за нас е фрустрирачка. Од друга страна, треба еднаш засекогаш да ја надминеме перцепција дека ЕУ ќе не’ храни со пари од бриселските фондови. И утре да станеме членка на ЕУ, напредокот во економијата, инвестициите, стандардот и демократските процеси ќе зависат од нас самите. Зар нашиот сосед Бугарија, па и Грција не се доволен доказ за ова. И што сега, ни останува само одвреме-навреме дома да ја слушаме европската химна, Бетовенова „Ода на радоста“. Велат, музиката помага за ублажување на фрустрацијата…

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com