ДЕНОТ НА ДРВОТО-ЗАГУБЕНА ИДНИНА

Груевски купува време за себе и за „фамилијата“, затоа што е свесен дека според сите истражување ако има избори на 24 април, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Но таа победа за него ќе биде многу горчлива и со кратко траење

Ако не се лажам, неделава помина по шеснаесеттата по ред акција „Денот на дрвото – засадија својата иднина“. Велат дека овој пат биле засадени околу три милиони дрвца!? И ако ова го помножите со 16, тогаш доаѓаме до неверојатни речиси 100 милиони дрвца засадени досега. Ајде уште малку ваква весела математика. Од „Македонски шуми“ велат дека над 53 проценти од засадените дрвца се „фатиле“, што изнесува околу 50 милиони дрвца. Браво наши, ние богами со ова сме и на повисоко место од она на „Дуинг бизнис“.

Во суштина тоа е една убава идеја и акција, која не е нешто ново, барем не на овие простори. Власта, поточно актуелното водство на ВМРО-ДПМНЕ ја (зло)употребува како алатка за билдање на сопствениот рејтинг. Ајде да погледнеме на сето ова од друг агол. Прво, фактот дека оваа акција се прави сред недела и дека е „доброволно“ задолжителна, пред се’ за буџетарите и учениците, зборува дека е сепак наметната, а не нешто спонтано и свесно прифатена од страна на граѓаните. На пример, Словенците имаат редовни акции под мотото „Чиста Словенија“ и тие се одржуваат за време на викендот и нема да верувате одѕивот е огромен, рекордот е над 300 илјади граѓани што е 15 проценти од населението. Понатаму, ако знаеме така добро да го организираме пошумувањето зошто не знаеме или не сакаме да ја „исечеме“ шумската мафија која пустоши со шумите, без разлика дали се тоа приватни или во државна сопственост. И на крајот, зарем не би било крајно време наместо вакви акции на „политичко пошумување“ да се организираат вистински акции за чистење на нашата околина. Ако веќе повторно не можеме, односно не сакаме да имаме чист воздух и чисти реки, барем можеме да ја собереме пластиката што ја има каде и да се свртиш, барем можеме колку толку да го намалиме бројот на дивите депонии.

А што се однесува до „нашата иднина“, најдобро зборува последното истражување, според кое околу 50 отсто од младата популација својата „светла“ иднина ја гледа некаде во странство, додека 30 проценти од нив воопшто не би се вратиле во Македонија. Е, ајде сега да се прашаме чија иднина садиме.

Како стојат работите по се’ изгледа нема „иднина“ ниту договорот од Пржино. Имено идејата на „Пржино“ требаше да биде почнување на процес на демонтажа на сегашниот систем на владеење и практицирање на власта. Со тоа да започне процес за поставување, ајде да употребам малку патетика, на темели врз кои ќе можат да се градат принципите на парламентарната демократија, почитување на човековите права и слободи, вклучувајќи ја слободата на изразувањето, владеење на правото и правната држава. Односно, принципи и стандарди врз кои денеска се темели Европа. Нашите политички елити не сакаат да ги прифатат овие демократски принципи и стандарди, бидејќи со тоа ја губат својата положба и лукративните интереси. Во исто време, кај нас како општество не се создаде онаа критична маса која подразбира силно и пред се’ критично граѓанско општество, иако невладиниот сектор ни е квантитативно многу голем. На странците, за кои милуваме да речеме „нашите пријатели“, првенствена цел и интерес им е стабилноста на државата (иако се’ повеќе личиме на протекторат), а со тоа и стабилност во регионот. Токму затоа имаме и такви хермафродитни решенија кои, демек, се темелат на договорот од Пржино.

Ајде некој нека посочи каде во светот имаме и таканаречени „фластер министри“ кои можат да стават вето на одлуката на „вистинскиот министер“. И да биде работата уште поапсурдна како крајна инстанца, која ќе решава кога ќе дојде до ваков „расчекор“, е Државна изборна комисија во која мнозинството е од власта!? И неделава бевме сведоци на една ваква апсурдност. Министерот за финансии Ставрески донесе одлука државата на домашниот пазар на капитал да се задолжи за околу 100 милиони евра, а министерот-фластер Наумов удри вето. ДИК одлучи дека министерот Ставрески е во право, државата собра околу седумдесет и кусур милиони евра и ги исплати пензиите и платите. Во меѓувреме, имаше препукување преку медиумите кој е во право а кој не, „дежурните експерти“, типично за нас, со дијаметрални „експертски ставови“ ја објаснуваа ситуацијата и фарсата, а политичкиот кич (прочитајте ја вчерашната колумна на колегата Поповски) продолжува да се одвива пред нас. Јас не сум експерт за економијата, ама знам ако позајмуваш пари, на пример, да ги платиш сметките за струја тогаш, како што велиме во Дебар Маало, си „тропа“.

Сега тој политикантски кич се врти околу медиумите. Ова не ме изненади. Во последните две колумни пишував токму за ова и навестив дека и околу ова прашање странците ќе наметнат некаков компромис, а со тоа професионализмот во новинарството и понатаму останува само како мисловна именка. Во моментов преговорите околу имплементацијата на договорот се прекинати поради напуштањето на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. Причина е дека, наводно, опозицијата сака во целост да ја укине слободата на медиумите и да ги контролира, а ете ВМРО-ДПМНЕ тоа го брани и ако треба не се враќа во Клубот на пратениците се’ до 24 април идната година. Во суштина, сега само се купува време и се дефокусира јавноста од фактот дека се’ уште ги нема потребните закони без кои Специјалното јавно обвинителство не може да работи.

За жал, Заев и неговите најблиски (не СДСМ како партија) покажуваат дека го немаат оној потребен демократски, па ако сакате и државотворен капацитет кој е потребен во овој момент. Но, од друга страна, мора да се признае дека Заев е храбар човек и политичар и успеа да го скрши оној страв кој го наметна актуелната власт, а пред се’ вледејачката „фамилија“. Груевски купува време за себе и за „фамилијата“ (тука не мислам само на роднински врски) затоа што е свесен дека според сите истражувањ, ако има избори на 24 април, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Токму затоа на двоецот Заев-Шекеринска му одговара изборите закажани во април да се одложат. Од друга страна, и Груевски и „фамилијата“ се свесни дека победата за него ќе биде многу горчлива и со релативно краток здив, односно траење. Затоа мислам дека за ВМРО-ДПМНЕ е многу битно уште сега со повлекувањето на Груевски од премиерската функција да почне процесот на внатрешна „диференцијација“, што би рекле ние веќе „матори“ деца на еднопартискиот систем.

И така кај нас сите, поаѓајќи од свои тесногради интереси, се обидуваат да купуваат време. И така, додека ние според нашата фолклорна западнобалканска политичка култура купуваме нешто што не се купува, Западен Балкан како политичка категорија се’ повеќе се стеснува. Најновата одлука на НАТО Црна Гора да биде повикана полноправно да се приклучи во Алијансата е секако голем успех за граѓаните на Црна Гора и со големи политички и други консеквенции во регионот Ама кај нас сето тоа поминува во медиумите само со кратка вест без експерти и експертчиња, без официјални ставови и коментари од власта.

Некој ќе рече – па, ете, претседателот упати честитка до црногорскиот народ. Точно и богами на сите посети, а некако од почетокот на Пржино па до денес претседателот ни е повеќе надвор од државата и се занимава со светски прашања и проблеми (домашните ги препушти на странците) притоа не заборава на своите соговорници од Обама па надолу да им каже дека Македонија одамна заслужила да биде членка на НАТО, ама „лошите“ комшии тоа не го дозволуваат. Е, богами, во право беше ДУИ кога рече за Иванов дека тој не е лош човек, ама за државата не направил нито корисно.

Како и да е, времето си врви. Власта може ако сака барем еднаш месечно да организира „Ден на дрвото“ и да засадува дрвца. Ама иднината на државата е откорната. Дури 600.000 граѓани си замина некаде во светот. Трагичен е фактот што младите луѓе и денес својата иднина не ја гледаат дома туку некаде надвор во Европа и светот. Ама и за тоа е виновен некој друг, нели да не ги укинаа визите немаше да бегаат младите надвор. Сетете се само кој го изјави ова.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com