ДУНАВ-МОРАВА-ВАРДАР-СОЛУН: ИЛИ НАУЧНА ФАНТАСТИКА

Идејата за каналот тргна од Србија. Но, тоа е толку скап проект, па дури и бесмислен, затоа што Морава и Вардар немаат доволно вода за пловидба

Навистина се двоумев дали да пишувам за сегашната политичка криза. Ама, едноставно, ме одбива постојано да опишувам за исти работи кои постојано ни се случуваат во 22 години самостојност. И повторно не знам по кој пат странците ни кажуваат дека ни е потребен дијалог, демократија, владеење на правото, независни и професионални институции. А кај нас сето тоа перманентно недостасува и циклично предизвикува кризи.
Не знам по кој пат ни доаѓаат странски медијатори кои ни даваат идеи како да ги решиме проблемите, а потоа нашиве ќе ги продаваат како свои. Сите со право се лутиме за апсурдниот спор со името преку кое нашиот јужен сосед не’ блокира во остварувањето на нашиот „историски сон“ за членство во ЕУ и НАТО и така името ни стана и „бенчмарк“, ама сега во Парламентот на ЕУ ќе ни го плеснат дијалогот како нов „бенчмарк“. Остваруваме, нели!
И токму затоа решив со вас почитувани читатели да ја споделам научно фантастичната сторија со наслов пловен канал „Дунав-Морава-Вардар–Солун“. Идејата, која во регионот ја пласира или подобро речено повторно ја актуализира, е стара повеќе од еден век, ја туркаше министерот за рударство и просторно планирање на Србија Милан Бачевиќ. Во некогашна СФРЈ беше двапати оживувана. Првиот пат во 1963, а потоа во 1973 кога е направен и идеен проект. Според тоа идејно решение овој пловен канал од Дунав би започнувал некаде после Смедерево, до Солун би бил долг околу 650 километри од кои околу 350 километри во Србија додека рестото останува на нас и најмал дел на Грција.

Според тогашните пресметки (1973 година) цената на целиот проект би била минимум околу 17 милијарди долари. Целта на овој проект беше да се скрати патувањето до централна Европа за околу 1.200 километри. Според некои груби пресметки, денеска овој проект би чинел минимум околу 100 милијарди долари, иако во моментов нема никаква пресметка. Имајќи ја предвид конфигурацијата на теренот, најскапиот дел отпаѓа на Србија, нешто поевтин би бил тој во Македонија, иако гледано од технички аспект ништо поедноставен, а најевтин и технички наједноставен би бил делот кај нашиот јужен сосед.

Каква е состојбата со вакви пловни канали во Европа. Последен ваков канал е „Рајна-Мајана–Дунав завршен 1992 година, а го правеше Германија и тоа многу долго. Каналот е долг 171 километар, а за жал не успеав да најдам колку чинел. Идеја за пловен канал имаат Французите, Сена–Скелт, со цел Париз да се поврзе со пристаништата во Антверпен и Ротердам. Овој канал би бил долг околу 106 километри, но поради многу поволната конфигурација на теренот би чинел околу 5 милијарди евра. И во Хрватска од поодамна има идеја за канал Сава – Дунав во Славонија, долг 60 км и би чинел минимум 600 милиони евра.

Но, ајде да „запловиме по нашиот канал“ од Дунав до Солун. Каналот за безбедна пловидба ми морал да биде широк минимум 60 метри а длабочината барем 2,5 до 3 метри за да можат по него да пловат бродови со максимална носивост од 1.500 тони. Неговата изградба, велат српски експерти, би траела минимум дваесет години, а поради скромниот воден капацитет и на Морава и на Вардар со своите притоки се доведува во прашање дали тој канал навистина би бил пловен за бродови. Бидејќи ниту Србија ниту Македонија имаат пари за вакво нешто или можност да се задолжуваат, Грција и така е во долгови до гуша, промоторот на оваа идеја, споменатиот српски министер Бачевиќ, вели дека ќе се оди на барање на странски инвеститор кој би го добил каналот на концесија. Според српските медиуми Бачевиќ пред десетина дена во Кина потпишал протокол со некоја кинеска државна компанија која треба да изготви студија за издржливоста на оваа идеја. Но, тоа е само протокол не е ниту договор.

Економските експерти во Србија тврдат дека концесионерот на овој иден пловен канал би требало да управува барем сто години за да си ја поврати инвестицијата, секако, ако има нормални цени за пловење по каналот. Кој инвеститор, па макар бил тој од Кина, ќе чека еден век за да ја поврати својата инвестиција. Понатаму српските експерти истакнуваат дека Солунското пристаниште и денеска има највисоки давачки во споредба со сите други пристаништа во регионот (Копар, Риека, Бар, Констанца во Романија, Драч). На пример, Србија денеска 80 проценти од т.н. контејнерски извоз и увоз го прави преку пристаништето во Копар-Словенија кое за три пати е поевтино од Солунското.

Инаку на територијата на Република Македонија каналот би влегол некаде кај Куманово, а со Вардар би се споил кај вливот на Пчиња крај Катланово. Тоа значи дека Скопје нема да биде пристанишни град, нема да има кварт на „црвени фенери“ и за жал бродовите од проектот на Скопје 2014 остануваат закотвени на суво. Ама добро е тоа што останува уметничката инсталација „Жални врби“ а богами и мостот „Око“ со сите свои уметнички фигури. Но затоа велешани ќе можат повторно да се вратат на некогашните гемии. Богами, сега ни фали само поморска академија која ќе продуцира капетани за бродови на долга пловидба цели 650 км. А имајќи ја предвид „инвентивноста“ на нашите приватни универзитети, нема да ме изненади ако на некои од нив се отвори барем правец за вакви студии.

За време на неодамнешната посета на српскиот премиер Дачиќ во Скопје, премиерот Груевски околу ова прашање вешто дипломатски одговори дека Владата е заинтересирана за овој проект како и за секој друг кои ќе овозможи економски развој на државата и на регионот. Ако ова го преведеме на обичен јазик најблиску би било „добро, ќе видиме“. Од друга страна, од онаа самонаречена група на новинари патриоти во речиси секоја пригода не испуштаат да истакнат дека со проектот „Вардарска долина“ сега налепен на пловниот канал Дунав-Морава-Вардар-Солун (секако со парите на Кинезите) Македонија ќе стане една од најразвијните држави не само во регионот туку и пошироко. И така индискиот милионер Субрата Рој кој ете се заљубил во Македонија, Охрид ќе го направи туристичка елитна дестинација попозната од езерото Комо во Италија, тогаш е ред да им дадеме можност и на нашите кинески пријатели да ја изразат својата приврзаност, да не речам љубов до Македонија. Дури може да се случи токму тука кај нас да ги решат и некои свои билатерални проблеми (границата на Хималаите, Тибет) кои им се влечат со децении. И зарем сето ова не ви личи на научна фантастика… ама добро „пали“ и ги замаглува вистинските предизвици и реалноста во која живееме.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com