ДРЖАВАТА КАКО КРАВА ЗА МОЛЗЕЊЕ

Што ќе прави еден пратеник, кој е советник на министер, кога министерството ќе испрати закон во Собранието – ќе лобира за него или ќе биде критички анализиран

Навистина е понижувачки кога странец, па макар тоа бил шефот на канцеларијата на Националниот демократски институт (НДИ), преку малиот екран на една од телевизиите ви кажува дека тие ќе организираат телевизиски дебати со кандидатите за иден претседател на државата. И, нормално, на нас, „политички примитивци“, ни беше кажано дека тоа е нешто вообичаено за САД и секако добро за нас како граѓани кои на овој начин ќе можат да се определат на кој кандидат ќе му го дадат својот глас. Патем, односниот господин овде е над десет години и се’ уште ни продава, односно не’ учи што е тоа демократија.

За разлика од некои други странци, кои многу брзо научија да комуницираат на македонски, овој господин во овие десет години не успеа да го научи македонскиот јазик, па така преку телевизијата се обрати на својот мајчин (англиски) јазик. Ама тоа не ништо страшно. Затоа не верувам дека тоа е причината зошто нашите политички елити досега не научија дека телевизиските дебати се една од најнормалните алатки, не само во изборните кампањи, туку во општата политичката култура на секое нормално и демократско општество. Кај нас речиси две децении со полн капацитет дејствуваат цел куп странски „невладини организации“, како што е веќе споменатата НДИ, па Вестминстер фондацијата, до неодамна беше присутна ИРИ, тука се веќе целосно одомаќените Институтот „Конард Аденауер“ и неговиот идеолошки конкурент „Фридрих Еберт“ и секако вечниот Сорос, кој има потрошено стотици милиони евра токму за да ја научиме демократијата.

А какви ни се резултатите од тие „шнел курсеви“ по демократија или речено со современиот демократски јазик „воркшопови“, можете да видите во извештаите на „Фридом хаус“, на Стејт департментот и во ред други извештаи на „странски“ релевантни субјекти. Се прашувам дали странциве ни испраќаат лоши „даскали“ или нашиве политички елити не ги бива. Галиба, од двете помалку.

Еден од најновите успеси на демократијата деновиве објави опозициската ДПА. Имено, според документите кои беа покажани, министерот за одбрана како свои советници за хонорар од 500 евра месечно ги ангажирал пратеничката Ермира Мехмети (случајно од иста партија на министерот ДУИ) и советникот во Советот на Скопје, професорот Владо Поповски (пак случајно од ВМРО-ДПМНЕ). И сега замислете, која демократија е кога пратеник за хонорар од 30 илјади денари е ангажиран како советник на министер за одбрана. Значи законодавната власт за пари подработува за извршната. А според Уставот тие се строго поделени и независни. И сега се поставува прашањето дали пратеникот, кој е на платен список на некое министерство, кога од тоа министерство ќе дојде закон на дневен ред во парламентот тој ќе се однесува како пратеник или за добиениот хонорар во суштина ќе биде лобист на министерството и министерот. Вакво нешто е можно само кај нас. Професорот Владо Поповски, како советник во Градското собрание, дури јавно тврди дека нема ништо спорно во сето ова, бидејќи тој како бивш министер за одбрана, па шеф на Агенцијата за разузнавање, има за што да го советува надлежниот министер? Професорот Поповски изгледа од скромност заборави да спомене дека беше и еден од авторите на Уставот од 1991 со кој најблаго речено беа „стеснети“ правата на Албанците во споредба со Уставот од 1974 година, но испушти и некој други свои знаења и вештини…..(меѓу другото и одличен познавач на печурки). Како и да е, ова за институциите не е ниту малку спорно.

Во суштина, да не сме во предизборна кампања, не верувам дека ДПА ќе ја откриеше оваа афера. Дали е ова нова содржина и метод во кампањите на албанските политички партии? Ако се направи и површна анализа на сите досегашни кампањи на албанските политички партии (без разлика за какви избори станува збор), секогаш акцентот се ставал на „албанската кауза“. Сега ДПА покажува дека во иднина ќе слушаме многу повеќе кој функционер на ДУИ купил стан куќа, лапнал тендер, односно ќе се наслушаме како едните се чесни и недолжни ангели, а другите полоши од најцрниот шејтан. А во суштина и едните и другите државата си ја разбираат пред се’ како крава за молзење. И да биде работата во духот на демократијата – сето ова се случува иако формално кампањата ниту за претседателските ниту за парламентарните избори не е почната.

Во духот на нашето разбирање на демократијата е и гласањето на дијаспората. Како што веќе споменав во минатата колумна за претседателските збори во трите надворешни изборни единици се пријавиле нешто повеќе од 8 илјади наши сограѓани. Според пишувањата на медиумите, власта сега е загрижена дали за парламентарните ќе се пријават барем толку, односно дали ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ги добие трите пратенички места, па го ангажирала надлежното МНР да испрати емисари кои низ светот ќе се обидат кај нашинците да ја разбудат патриотската свест и одговорност. И нормално и ова е демократија, иако нешто слично нема никаде во светот.

Како и да е, предизборниот циркус, кој формално започнува в понеделник, јасно покажува што ни подготвиле актерите. По се’ изгледа, овој пат главна тема ќе биде кој што спечалил, како спечалил, колку заборавил да пријави, а колку однел на некоја егзотична дестинација. Нели и тоа е демократија, да си ја молзеш сопствената крава… пардон, држава.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com