ДОМАШЕН НАДРЕАЛИЗАМ

По „низата победи“ ВМРО-ДПМНЕ го доведе општеството до таков степен на надреализам, што дури и Дали да беше жив, тешко ќе можел да го наслика

Судскиот совет се’ повеќе станува трагикомичен со своето папагалско повторување дека новинарите и медиумите вршат најголеми притисоци врз судството и судиите. Така, Судскиот совет ни го „разоткри“ одговорот зошто и кој е виновен што ние како држава сме на листата на „Фридом хаус“ на 125. место кога станува збор за слободата на изразувањето, владеењето на правото и демократијата. Односно во групата на делумно слободни држави во „симпатично“ друштво со цел куп „егзотични држави“, кои верувам многу од членовите на Судскиот совет не можат ниту на карта да ги најдат. За нивна информација, бидејќи не верувам дека ги читаат извештаите на „Фридом хаус“, дури нам толку блиското Белизе е пред нас и е во групата на слободни држави.

Секако, новинарите се „виновни“ зошто во сите „позитивни извештаи“ на Европската комисија судството, односно целата судска власт се апострофира како најпроблематична. Од партизираноста која се влече од осамостојувањето, преку влијанието на власта, па се’ до коруптивноста. Наскоро ќе дојде новиот извештај од ЕК и можам со голема сигурност да предвидам дека судската власт пак ќе биде оценета како една од „најслабите алки“. Во оваа навистина надреалистична општествена реалност во која живееме (барем ние кои останавме овде) имаме и нова епизода, која сега е на самиот почеток, ама веќе јасно се гледа дека ќе биде бизарна, иако нема да недостига онаа балканска жестина. А како ќе заврши, исто така, знаеме. Во мислите го имам мојот „најомилен министер“ Тодоров, кој го покрива здравството и против кого опозицијата неделава поднесе интерпелација поради последните трагични настани кои се случија со родилката во Гевгелија, потоа во Скопје и уште цел куп трагични настани во нашето современо и „реформирано здравство“. Во секоја нормална држава по оваа серија смртни примери министерот ќе си поднесеше оставка. Во Јапонија ако возот доцни, надлежниот министер си дава оставка. Во Шведска министерка за труд и социјала си даде оставка поради тоа што дошла на работа со такси и платила со службена картичка, иако по 36 часа ги вратила парите. Во Словенија министер за внатрешни работи си даде оставка бидејќи во соседна Австрија беа фатени двајца словенечки полицајци како вршат разбојништво.

Кај нас, освен министерот Пешев, кој по двете авионски несреќи си даде оставка, досега никој друг не направил таков гест. А имавме атентат врз претседател, па имавме превртување на брод на Охридско Езеро, па купување ѓердани „сваровски“ со државни пари, па криење на убиството на Мартин Нешкоски од страна на полицаец – ова се само неколку најдрастични примери по кои немаше оставки ниту разрешувања.

И сега да се послужам со зборовите на премиерот Груевски изречени по настаните на белградскиот аеродром и пиштолот на господин Мијалков. Тогаш премиерот Груевски изјави дека господин Мијалков, ете, имал доблест и признал дека пиштолот е негов и дека од невнимание (заборавеност) го имал во својата торба! Колку сето ова со „заборавеноста“ на господин Мијалков и „пропустот“ на скопскиот аеродром да звучи надреалистички, се прашувам каде е сега таа „надреалистична доблест“ кај мојот „најомилен министер“ Никола Тодоров. Или пак Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не го даваат Нино, кој покрај „успесите“ кои ги направи прво во Министерството за образование и потоа прекомандуван во министерската фотелја за здравство, сепак, се покажа како „одличен шеф“ на изборниот штаб, кој донесе, ако не се лажам, две победи. Добро, народот кај нас одлучува кој ќе победи?! Ете уште една епизода од нашата надреалистичка општествена стварност која ја живееме од осамостојувањето, па до денес.

Со тоа што по оваа „низа на победи“ ВМРО-ДПМНЕ, донекаде потпомогната и со нашата опозиција, ја доведе државата и општеството до таков степен на надреализам, што дури и славниот Дали да беше жив, тешко ќе можел да го наслика или, пак, некој од познатите филмски режисери на надреалистичкиот бран ќе го пренесел на филмско платно. И со тоа дојдовме до уште еден „историски“ потег на Груевски сега пласиран како „твит“: „Македонскиот народ одлучува за својата иднина!“ „Твитот“ беше реакција на амбасадорскиот „брифинг“ пред Владата во кој на дипломатски јазик (ако воопшто целиот овој амбасадорски перформанс може да се именува дипломатски) беше кажано кој го блокира договорот од Пржино и кои се обврските на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски како партиски лидер, но и обврските на СДСМ (да не ги пука бомбите). И, ете, премиерот „твитна“, патриотските медиуми удрија веднаш цела канонада на еуфорична поддршка на овој „патриотически“ твит. Ама се’ со краток здив.

Во средата по враќањето Груевски го пофали настапот на дипломатите и нивната посветеност за остварување на договорот. И да не биде сето ова пак сфатено како некаковси надреализам, многу реално настапи министерот за финансии, кој најави дека во тек е постапка за отворање посебна сметка за специјалното обвинителство и декаќе се одобрат парите.

И што сега? Во суштина, барем она што јас го разбирам, сега странците на договорот од Пржино повторно гледаат само како безбедносно прашање, а не како темел за почнување на процесите на демократизација на државата и општеството. Односно, на процес преку кој ќе бидат вратени принципите на владеење на правото и функционирање на правната држава, а со тоа и враќање на довербата во институциите. За жал, веќе не можеме да зборуваме за ваква димензија на договорот од Пржино. Тука вината не е само кај власта, односно кај ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и со тивката поддршка од ДПА, туку во голема мера е и кај СДСМ, односно кај двоецот Заев – Шекеринска. Нели Заев се колнеше дека нема да попушти за воведување само една изборна единица, ама од тоа нема ништо. Нели ќе се проверуваше избирачкиот список од врата на врата, ама и од тоа нема ништо.

Убеден сум дека Заев нема веќе да пука бомби. Ако има нови бомби, тие ќе ги пукаат некои ала „Буревесник“. А нема да ме изненади ако некојси патриотски портал некаде од странство почне да пука бомби во кои главни ѕвезди ќе бидат од опозицијата. Понатаму убеден сум дека во новиот извештај на Европската комисија, за напредокот на Македонија нема експлицитно да ни биде одземена препораката, ама затоа ќе биде преполн со критики и забелешки што не сме направиле и што ќе треба да направиме. Односно, ќе биде некаковси хермафродитен извештај, што ќе овозможи на едните да фалат, а другите да пукаат по него со најтешка артилерија. Надреалистички, нели?

Во тој надреалистички балкански дух дури ќе ми биде драго дека Судскиот совет и судиите (не сите) повторно ќе биде разочарани, бидејќи повторно ќе бидат „грдото пајче“ во извештајот. Што со главните актери и нивните фамилии. Убеден сум дека пред се’ Вашингтон, ама и Брисел, нема да им прости за сето ова што од јуни се случува кај нас и затоа ставам фикс дека партиските лидери од Груевски преку Заев, Ахмети и Тачи заедно со нивните фамилии сега ја пеат лебедовата песна. Проблемот е што не гледам кој кај нас умее да ја засвири Бетовеновата „Ода на радоста“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com