Догледање во наследниот некролог

Насловот малку прилагоден е од документарниот филм „Видимо се у читуљи“ на Б 92 снимен во дeведестите година на минатиот век посветен на белградското подземје посебно на познатиот Земунски клан. На филмот ме потсетија оние морони и морнки кои ги објавија некролозите на странските амбасадори, инспирирани од „државничкиот говор“ на Груевски пред зградата на ДИК додека се расправаше околу приговорите кои беа поднесени легално и легитимно од политичките субјекти кои учествуваа во изборите (БЕСА и СДСМ). Каква разврска добија споменатите приговори прво од ДИК, а потоа и во Управниот суд сите знаеме. Но тоа е едната страна на медалот. Ајде малку по темелно да го анализираме говорот на Груевски посебно неговото тврдење дека странците (дипломатите) се мешаат во внатрешните работи на државата. Ајде нека е така ама се знае како се реагира на такво нешто. Имено Груевски наместо да ја „пали“ масата демонстранти, нека си го повика својот министер за надворешни работи и нека го праша што тој работи. Имено ако навистина некој дипломат се „меша“ во внатрешните работи (а по правило секогаш зад тоа „мешање“ стои државата од каде што доаѓа дипломатот) меѓународната заедница препишале цел куп мерки кои може да ги преземе државата домаќин секако преку министерството за надворешни работи а не на улица. Од најобичен вербален демарш па до онаа нај остра мерка а тоа е откажување на гостопримството односно протерување на дипломатот (persona non grata според Виенската конвенција со која се уредуваат дипломатските односи). Ама кај нас бидејќи одамна не ни функционираат институциите ама затоа си имаме хазајин (газда) кој ете ако треба прво ќе ја „запали масата“ а потоа ќе ни се повторува историјата. Арно ама Американскиот Стејт Департмент веднаш ни одговори, осудувајќи го говорот на Груевски и изразувајќи загриженост за развојот на политичката состојба.

Но да останеме на домашните состојби. Се она то се случуваше и што се случуваше и што ќе се случува по 11 декември односно денот на изборите. Во суштина однесувањето пред се на ВМРО-ДПМНЕ може да се сведе само на едно. Непочитување на законите и процедурите, не почитување и не признавање на одлуките на државните институции во овој пример ДИК и на Управниот суд, а сето тоа е од причина што демек од извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ е оценето против интересите на народот а со тоа и на партијата. Затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласувањето?? Формулација, со која со една проѕирна демагогија се обидува водството на ВМРО-ДПМНЕ да се оправда пред своето членство. Имено ако по прегласувањето во Теарце работите останат исти тогаш очекувајте ВМРО-ДПМНЕ да се фали како ете народот уште еднаш направил разлика и гласал за оние кои градат и обезбедуваат „светла иднина“. Ако работите се променат односно ако се смени бројот на пратеници во корист на СДСМ (пата пата односно 50 : 50 пратеници) тогаш очекувајте пискотници (па не од Галичник до Река) „туку до небо“ како е направен изборен инженеринг од страна на СДСМ, соросоидите плус меѓународниот фактор само со цел да не се почитува волјата на народот кој ја даде победата на ВМРО-ДПМНЕ.!? Дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае изборите и нема да влезе во новиот парламент. Сепак да верувам дека нема да ја направат истата грешка која ја направи СДСМ по изборите во 2014 година.

Дека ние сме навистина најблаго речено фолклорно општество зборува и фактот дека по изборите на 11 декември четворицата лидери (кои се повеќе наликуваат на четворицата јавачи на апокалипсата) се прогласија за победници а во суштина сите изгубија. Но да одиме по ред.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев кој поред неоспорната личната храброст, покажа дека јазикот му е побрз од мислата или што би рекле во Дебармаало главата му е само за на бербер треба да си даде оставка на лидерската позиција бидејќи освои едвај 49 пратеници. Секако со него треба да си заминат и неговите „најблиски“ предводени од госпоѓата Шекеринска која ќе ја паметиме по тоа дека редовно ги менува изборните единици и никако да победи. Фактички сега во петката каде што ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ освоија ист број пратеници ова и е најдобар скор.

Никола Груевски, ако сме ние колку толку нормална држава требаше да си оди заедно со фамилијата уште кога пукна првата бомба. Зошто? Затоа што како премиер поставил Министер за внатрешни работи и шеф на УДБ неспособни личности кои поради својата неспособност овозможиле некои незаконски повеќе години да прислушува на илјадници граѓани. Еве ја користам формулацијата на ВМРО-ДПМНЕ. Ама знаеме дека тоа не беше доста дури по настаните во Куманово и под притисок на домашната ама и на странскиот фактор Јанкуловска и Мијалков формално си заминаа од своите функции. Дали треба да потсетувам дека пред изборите Груевски богами засипна од викање дека му се потребни 63 пратеници. Ајде што не го доби бараниот број туку неговиот скор е бајаги полош од оној во 2014 година и затоа тој и фамилијата треба да се повлечат. Арно ама тоа нема да се случи се до некоја нова Панорама.

Господинот Али Ахмети исто така е голем губитник според освоените пратенички места. И наместо сега да ни продава демагогија демек за него во прв план се интересите на граѓаните и државата, евроинтеграциските процеси и демек сега се консултира со членството дали да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ нека ги почитува демократските принципи кои владеат во Европските држави и после ваков пораз нека си поднесе оставка заедно со својата „дружина“

Господинот Мендух Тачи кои полека но сигурно ДПА од времето на Џафери ја сведе на маргинален политички субјект веќе одамна требаше да биде дел од политичката историја.

Но за жал нашите политички елити се светлосни години оддалечени од европската политичка култура. Од принципите и стандардите на демократијата правната држава и владеењето на правото, човековите права и слободи, иако а отворат уста втор збор им се токму овие вредности, па дури и кога со своите говори поттикнуваат нетрпеливост, демек и тоа е според демократските принципи!?

Ама вината е и кај нас граѓаните. Наместо  како критична јавност овие четворица јавачи на апокалипсата да ги испратиме во историскиот отпад некои од нас постираат некролози на странски амбасадори. Е па да не ни се случи идниот некролог да биде посветен на државата.

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com