ДОБРА ВЕСТ

Колку и да звучи болно, Грција со својата дипломатија е по вторпат победник во нашите евроатлантски определби

Една добра и две лоши вести – вака некако госпоѓа Шекеринска го сублимира извештајот на Европската комисија уште пред да влезе формално во собраниска процедура. Добрата вест е препораката да добиеме датум за почнување на преговорите, а лошите вести се дека во извештајот во целост е избришана придавката „македонски“, што е факт дури и кога станува збор за јазикот. Втората вест е дека Република Македонија назадува во реформите, и тоа на сите полиња!? И тргна лавината. Кулминацијата се одвива во Собранието каде што расправата по извештајот се’ уште трае додека го пишувам овој текст.
Всушност, нема ниту некоја вистинска расправа, туку, пред се’, поаѓајќи од првата лоша вест (бришењето на придавката „македонски“) и со лошо (читај на балкански начин) спинување на некои факти од извештајот, се наслушавме како Владата е лоша неспособна и треба да си оди, ама и владејачкото мнозинство со иста мерка и со иста муниција враќа назад. За жал, колку да звучи болно, факт е дека Грција е победник по втор пат со нејзината дипломатија во остварувањето на нашите евроатлантски определби, ама, исто така, и врз принципите како на ЕУ така и воопшто на меѓународното право.
Се’ почна уште во 1992 година на самитот на ЕУ во Лисабон кога Грција успеа апсурдниот спор со нашето уставно име што тогаш се појави да го наметне како агенда на Брисел. Тогаш многу држави-членки на ЕУ – Холандија, Данска па дури и Италија – беа, најблаго речено, вџашени од ова барање и не го прифаќаа овој апсурд. Работата ја заврши тогашниот француски претседател Франсоа Митеран кој изјави: „Факт е дека Македонија не преставува ниту воена, ниту економска, ниту каква било реална закана за Грција, но ние мораме да ги почитуваме чувствата на нашите грчки пријатели…“. Тие чувства ЕУ ги почитува до денес. Не сакам да правам историски ретроспективи, ама бидејќи кај нас многу малку сме научиле од историјата, а политичките елити кога доаѓаат на власт веднаш се однесуваат како историјата да почнува со нив, накратко да потсетам на неколку факти.

Сетете се како политички беше ликвидиран Васил Тупурковски во тоа време, кога само како гласник го пренесе предлогот кој во името на ЕУ му го даде австрискиот вицеканцелар Алојз Мок. Предлогот беше Централна Балканска Република Македонија, плус пари во вид на кредити и донации (околу 600 милиони долари). Апсурдноста на спорот, за жал, стана реална во моментот кога прифатиме во Обединетите нации да станеме членка со акронимот ФИРОМ. Тогаш ни беше пласирана тезата дека ова ќе се реши за три до шест месеци. Не верувам дека тогашниот државен врв бил наивен и верувал во ова, ама ова беше добро искористено за домашна употреба.

Навистина штета што во тоа време госпоѓа Шекеринска не беше во Парламентот, па можеби тогаш ќе предложеше формирање кризна група како што го предлага сега. Арно ама, сега предлогот е, што би рекле дипломатите, „малку доцна“, како што ни рекоа во Букурешт кога државниот врв (претседателот Црвенковски и премиерот Груевски) прифатија да влеземе во НАТО со името Република Македонија (Скопје). Тезата дека заради антиквизацијата сега е избришанана придавката „македонски“, дури од собраниската говорница опозицијата набројуваше колку пати додека тие биле на власт била употребена во извештаите, најблаго речено, е трагикомична.

Да потсетам, за првпат зборот „македонски“ почна да се брише во Советот на Европа (ако не се лажам, во 2005 година). На ова тогаш јавно предупреди професорот Фрчкоски. Тогаш од антиквизацијата немаше ниту „А“. Не ја бранам антиквизацијата. Лично се чувствувам како Македонец што припаѓа на словенската група народи како што се Полјаците, Чесите Словаците Словенците, Бугарите, ги наброив само оние што денес се членки на ЕУ. Уште помалку прифаќам дека Македонија (оваа наша) е лулка на светот, а тоа го докажуваме со некои артефакти како што е „каменот од розета“. Факт е дека европската цивилизација се темели, пред се’, на античката култура или ако саката еленската, како што е и факт дека Грција и грчката нација светот ги гледа и ги препознава како наследници на Хелените и еленската култура.

Опозицијата ја обвинува власта дека не ја искористила сегашната тешка економска положба на Грција, демек, сега кога Атина е слаба ќе попушти за името. Ова не е ништо друго освен тотално непознавања на состојбите. Имено, ЕУ и САД нема да дозволат Грција да се дестабилизира од две причини: едната е да се спаси Еврозоната и идејата за обединета Европа. Другата се надоврзува на првата е геостратешката положба на Грција во Медитеранот кој е многу турбулентен во моментов. И сега, кога Грција треба да прифати цел куп навистина тешки услови и болни мерки за излез од кризата, нашава опозиција мисли дека сме можеле да притиснеме на ЕУ и на САД да ја натераат Грција да попушти. Вчера грчкиот министер за надворешни работи во Вашингтон од госпоѓа Хилари Клинтон доби поддршка за надминувањето на кризата и за стабилноста на Грција.

И така ние дома ќе го искористиме извештајот на ЕУ уште еднаш само како добра алатка за меѓусебни безмилосни пресметки на власта и на опозицијата. Граѓаните преку собранискиот канал ќе ја следат во живо оваа пресметка и имајќи ја предвид нашата политичка култура и менталитет, а секако инспирирани од настапите на „своите“ пратеници, ќе се воодушевуваме на нашите, а ќе ги пцуеме противниците. Добро е дека веќе почнува викендот, а, богами какви сме сите, веќе в понеделник ќе заборавиме на извештајот. А, во него има цел куп работи кои кога би станале вистинска реалност (колку да звучи банално тоа зависи од сите нас) сите ние овде би живееле подобро, па не мислам само во економска смисла.

П.С. Добра вест во сета оваа папазјанија е колумната на почитуваниот Агим Јонуз објавена во „Дневник“ пред два дена. Ашколсун ортак.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com