ДЕМОКРАТИЈАТА КАКО МОЈА И ТВОЈА СЛОБОДА

Ефес или Троја денес се турски, но дали националната етногенеза на Турците се темели врз античка Грција. Дали и Бугарите се антички Македонци, бидејќи Филип Втори го основал денешен Пловдив

Демократијата како начин на мислење, како лична определба, како култура на однесување, не е нешто со кое се раѓаме и ни е дадено од бога или од мајката природа. Дури, според некои психолози, ако луѓето од одредени социјални категории се максимално искрени каков политички систем сакаат, тогаш богатите (по наше, лакуните) би се зазеле за плутократија, на интелигенцијата (по наше, експерти за се’ и сешто) би им било блиско таканареченото аристократско уредување, односно тоа што го пишувал Платон. Многу други граѓани би се зазеле за автократско уредување на чело со нивниот сакан водач (мислам дека ова кај нас би имало најмногу приврзаници) додека некои, навистина во мал број, би се зазеле за вистинска демократија.

Демократијата сфатена во денешно време претставува свесна одлука и е условена како со одреден степен на знаење така и со многу голема доза на стрпливост, односно со такво ниво на политичка култура која подразбира способност и подготвеност за компромиси, како во процесите на креирање одредени политики, така и во водењето на државата. Не треба да потсетувам дека демократијата и мојата и ваша слобода без владеењето на правото е само флоскула. За жал, во овие дваесетина година на транзиција, не успеавме да создадеме правна држава на ниво како што е на пример Словенија, Чешка, Полска, балтичките држави – ги наведувам само државите кои како Македонија до 1991 година живееја во еднопартиски и авторитарни системи. Затоа, перманентно ни се случува манипулациите, благодарејќи на контролата врз медиумите да стануваат вистини, наспроти правата вистина да излезе на виделина. Тоа што посебно ми пречи е фактот дека и денеска за изречен или напишан збор и личен став, кој не кореспондира со моменталната официјална политика на владејачката структура, се врши вистински линч врз тој што тоа го рекол или напишал.

Токму таков вид на линч и најгруба дисквалификација е колумната на Паско Кузман „За тројанскиот коњ во Македонија“ од 24 јануари, каде што тој во еден класичен болшевички метод се пресметува со текстот на професорот Димитар Димитров со наслов „Политика на спомените и спомениците“ објавен во неделникот „Граѓански“ од 12 јануари. Господинот Паско Кузман прави и една методолошка грешка. Имено, непишано правило е кога полемизирате со авторот на некој текст тогаш вашата полемика треба да ја објавите во истиот медиум во кој бил објавен написот. Причината за ова е многу едноставна – не можете да знаете дали читателите на „Утрински“ во исто време се читатели на „Граѓански“ и обратно. Ама тоа не е најважното.

Во споменатиот текст на професорот Димитров (според мене) аргументирано се критикува апсурдноста на антиквизацијата на националниот идентитет на македонскиот народ, односно апсурдноста на откривањето на нашата етногенеза во античките Македонци. Професорот Димитров истакнува (според мене точно) дека оваа нова „преродба“ на македонскиот идентитет ја руши Светиклиментовата традиција врз која се темели македонскиот национален идентитет. Во исто време, пишува Димитров, „наместо новата историска реалност да ја коригира политиката на меморијата, ние преживуваме опит меморијата да ја коригира актуелната реалност“. И на крајот „безумно големиот број скапи споменици покрај симболичкиот антички наратив претставува и економска и социјална диверзија“, пишува Димитров.

Во својата „полемична“ колумна господин Паско Кузман не само што вели дека професорот Димитров, по се’ изгледа, не ја познава историјата и археологијата, туку на два пати многу грубо го обвинува професорот Димитров дека неговиот текст оди на рака на нашиот источен сосед и нивната теза за бугарскиот идентитет на македонскиот народ. Ерго, професорот Димитров е Бугарин или најблаго речено бугарофил и затоа напишал таква критика за овие „боси фалангисти и преродбеници“. Навистина, не знам дали професорот Димитров се чувствува како Бугарин, Србин, Грк или Марсовец, тоа е негово право и навистина ниту ме интересира ниту тоа може да биде предмет на дискусија. Во својот текст тој ниту со еден збор или, што би се рекло меѓу редови, не зборува за некаков бугарски идентитет на македонскиот народ. Но, во духот на едноумието и тогашниот метод на „диференцијација“ археологот Паско Кузман многу јасно го „издиференцира“ Димитров како Бугарин. Дури Паско Кузман го подучува дека се’ што е најдено во македонската почва е наше, македонско. Точно, тоа е наше, како што денеска Ефес или Троја се турски, ама не дај боже да им речеш на Турците дека нивната национална етногенеза се темели врз античка Грција.

Понатаму, наивно прашувам дали и Бугарите се антички Македонци, бидејќи Филип таткото на Александар го основал денешен Пловдив, односно некогашниот Филиполис. Зар Диоклецијновата палата во Сплит или Арената во Пула денеска не се хрватски, ама ајде кој археолог или историчар во Хрватска ќе ви рече дека Хрватите не се Словени. Не знам дали археологот Паско Кузман знае дека Туѓман во текот на војната во Хрватска испрати дури и некаква „стручна“ екипа во Иран со цел да најде персиска етногенеза кај Хрватите, ама таа теза ниту науката (онаа вистинска) ниту јавноста не ја прифати. Нешто слично имаше и во Словенија уште за време на СФРЈ, кога познатиот словенечки поет Матеј Бор се обиде да ја бара словенечката етногенеза кај античките Венети, ама ниту политиката ниту стручната јавност тоа не го прифатија. Не верувам дека господин Паско Кузман знае дека во Уставот на денешна Словачка во преамбулата пишува „…ние Словаците изразуваме благодарност до светите браќа Кирил и Методиј кои ја донесоа писменоста во Моравија“. И наместо на плоштадот Македонија денеска да стои споменик на свети Кирил Методиј и да се фалиме пред странските туристи дека сме ја описмениле речиси половина Европа сега го имаме воинот на коњ, дело на помлад асистент од нашата ликовна академија.

И уште нешто ме изненадува, Паско Кузман во време на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ со буџетски средства направи навистина големо дело со обновувањето на Плаошник и откривањето на Климентовиот универзитет. Лично мислам дека сето тоа е огромен придонес не само за македонската археологија, туку воопшто за нашиот национален и културен идентитет. Арно ама, колку што се сеќавам, тогаш Паско Кузман ниту со еден збор не спомена дека нашиот идентитет треба да го бараме кај античките Македонци.

Паско Кузман има право да се чувствува како што тој сака или едноставно верува. Ама нема право со силата на политиката, а не со аргументите на науката да ми го менува мојот и не само мој идентитет. А ако некој се дрзне, како што го стори професорот Димитров тоа да го критикува, тогаш Паско Кузман повторно со аргументите на политиката го „лустрира“, навистина не како кодош туку како Бугарин, односно бугарофил. Ете, тоа е моделот на демократијата кај нас и мојата и ваша слобода.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com