ДЕМАГОШКИ БОЈКОТ НА СДСМ

Точно вели професорката Десковска дека претседателот на Собранието може кога сака да ги констатира оставките, ама точен е и фактот дека пратениците од опозицијата можеа да ги вратат платите во буџетот на државата

Како држава и како општество навистина стануваме уникатни. Имено, според најновото истражување на јавното мислење правено од ИРИ, популарноста, односно поддршката на Владата бележи благ пад во споредба со истражувањето правено веднаш по изборите. Многу од вас ќе речат што има тука уникатно? Ништо, ама уникатен е фактот дека во исто време стрмо паѓа рејтингот на опозицијата, односно на СДСМ. Така, според ова истражување ако утре би имало избори, СДСМ би освоил помалку пратенички места од последните парламентарни избори (34) кои не ги признаваат. Дури, што е за прв пат кај нас, СДСМ има понизок рејтинг од ДУИ. Нормално, за наши услови и нашето ниво на политичка култура СДСМ веднаш истакна дека не ги признава резултатите и бројките од ова истражување, иако тоа го први ИРИ (Меѓународен републикански институт). Значи, пак Американците, односно нашите најголеми сојузници, како што знаат често пати да истакнат токму највисоките претставници на СДСМ. Како и да е, СДСМ фаталистички останува на своите позиции да го бојкотира Собранието се’ додека не се формира некаква „техничка“ влада која би организирала нови избори. Ние можеме колку сакаме да зборуваме за авторитарното владеење на оваа влада за контрола врз медиумите, за нефункционирање на правната држава и така натаму, ама останува фактот дека опозицијата предводена од СДСМ јавноста не ја препознава како општествен и политички субјект кој би можел да ја добие довербата на граѓаните.

Македонското избирачко тело (не мислам на етничка припадност, туку граѓанска) ако до вчера излегуваше на избори да гласа против, а не „за“, веќе од изборите во 2006 година почнува да гласа „за“ конкретен политички субјект. ВМРО-ДПМНЕ тоа го разбра и затоа од 2006 година, па до денес постојано не’ бомбардира со цел куп пораки (на пример, „Осмели се“ или „Знаењето е сила, знаењето е моќ“), не’ удави со илјадници проекти од кои највидлив, најкичест, но и најмногу не’ „заглави“ со „Скопје 2014“.

Сите велат дека кај нас транспарентноста е на ниско ниво и затоа имаме „отчетност“ и тоа од ниво на градоначалник, преку премиер, министри и влада, па се’ до претседател. Сето ова максимално добро (за нашето ниво на политичка култура) пласирано од страна на ВМРО-ДПМНЕ преку нивните спин-доктори создава перцепција дека, ете, некој навистина 24/7 се грижи за мене како граѓанин. Колку сето ова е реално а колку виртуелно, или колку во ова има манипулации, па ако сакате и „купување“ во суштина, барем за нашето милје, нема некое поголемо значење.

Опозицијата се покажа како тотално неспособна да одговори на ваквите „манипулации“. На ниво на салонски револуционери тие сега сета своја идеологија ја сведоа на „бојкот“. Во извештајот на посматрачите на ОБСЕ/ОДИХР има цел куп забелешки, но, според мене, има една клучна реченица: На денот на изборите граѓаните можеле слободно да ја изразат својата волја. Речено по „нашки“, никој не ме контролирал зад параванот кого ќе заокружам.

Но, СДСМ со своето салонско револуционерство ете веќе четири и пол месеци го бојкотира Собранието. Навистина, по речиси двонеделно „натегање“ пратениците од СДСМ ги доставија своите оставки до Собранието, точно е дека претседателот на Собранието го одлага продолжувањето на седницата на која на дневен ред се и оставките. Но затоа пратениците на СДСМ максимално рационално и без бојкот ја примаат пратеничката плата која не е баш за потценување. Кај нас пратениците имаат коефициент од 3,5 проценти. Тоа значи дека тие месечно примаат просечна македонска плата помножена со 3,5. На пример, професорката Рената Десковска или портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, секој месец добиваат помеѓу 62 и 64 илјади денари (во зависност од минатиот труд) и кога ќе помножите со четири и пол месеци доаѓаме до сума од 280 илјади денари. Народот би рекол ниту лук јал ниту лук мирисал, ама околу 280 илјади денари капнале на трансакциските сметки.

Точно е како што вели професорката Десковска дека претседателот на Собранието може кога сака да ја продолжи седницата и да ги констатира оставките, ама точен е и фактот дека ако сакаа, пратениците од опозицијата можеа едноставно да ги вратат платите во буџетот на државата или да ги пренасочат во некаков фонд наменет за хуманитарни потреби. Некој ќе рече дека ова е демагогија. Точно, ама ова е демагогија на моја сметка како граѓанин, за разлика од демагошкиот бојкот на СДСМ, кој е на сметка на сите нас како граѓани.

И да биде целата работа уште побалканска во политичка смисла на зборот, сега и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ оваа состојба ја поврзуваат со извештајот на Европската комисија, кој треба да биде објавен за неколку дена. Ако добиеме негативен извештај, односно ни се одземе препораката за датум за преговори (која досега ја добивме пет пати, а од датум нема ниту „д“) ќе следиме жестоки обвинувања помеѓу власта и опозицијата кој бил виновникот за ова. Ако тоа се случи навистина веќе не е важно кој е виновен, бидејки последиците ќе си ги понесеме сите .

Но, по се’ изгледа, сепак ќе добиеме каков таков позитивен извештај, односно препорака за датум. СДСМ очекува дека во извештајот препораката ќе биде условувана со враќање на опозицијата и политичкиот дијалог. Лично не верувам дека со условот за техничка влада од политичкиот дијалог нема да има ништо. Сето ова што ни се случува јасно покажува дека сегашните актуелни политички субјекти се веќе исцрпени и не можат да одговорат на сите предизвици со кои се среќаваме и како држава и како општество. Мое скромно мислење е дека навистина е созреано времето за вистински нови политички субјекти.

Во Словенија на последните два изборни циклуса победуваат тотално нови политички субјекти. На последните (јули оваа година) победи Листата на Миро Церар, а на претходните Позитивна Словенија, која, за жал, поради суетата на лидерот пропадна. Но не е само Словенија, сетете се на Италија, но и некои други западноевропски држави каде што полека, но сигурно се појавуваат нови партии. Но ние редовно доцниме зад случувањата и политичките трендови во Европа.

П.С. Ќе заборавев да го споменам министерот за здравство, кој свечено се заколна (како што мојата генерација се колнеше како титови пионери) дека ќе се бори и ќе го казнува секој доктор кој и минута ќе задоцни на „Мојот термин“. По сето ова што го направи во здравството, како да не ми биде мој „најомилен министер“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com