ДЕМАГОГИЈА

Во изминативе две децении на сите парламентарни избори ни се нудеа еден куп убаво спакувани лаги и празни ветувања а ние како гласачи ги „лапнавме“ како битолски локум

И така неделава ни поминува со тропски температури и високо зрачење. Ама неделава во Скопје се вжешти и политичката сцена. Повод се исечените дрва кај хотел Бристол, бидејќи тука ќе се гради зграда во која ќе биде сместен Советот за радиодифузија. Надлежните, дрвјата ги исекле под закрила на ноќта и со полициско обезбедување. Па тоа не го сториле заради големите дневни температури и да ги заштитат работниците од жештината и високиот индекс на УВ зрачењето, туку кај нас тоа веќе станува фолклор демек да не се „возбудуваат“ граѓаните и да се избегнат протестите на луѓето кои живеат таму. И во духот на нашиот политички фолклор опозицијата и власта ова го искористија за уште една меѓусебна пресметка и обвинувања кои во суштина се на ниво на гола демагогија.
Демек граѓаните на општина Центар на неодамнешните локални избори со дадената доверба на опозицијата јасно покажале дека се против политиката на Владата за градење на споменици и барокни згради. Точно, ама тоа не значи дека одлуките кои ги донела бившата локална самоуправа во Центар, секако ако тие се донесени во законска процедура, сега треба да се анулираат. СДСМ го обвинува Груевски дека се скрил и заминал на одмор за да не се соочи со гневот на граѓаните …. ВМРО-ДПМНЕ повторно со контра обвинувања, дека СРД во време на последната влада на СДСМ зел во наем простории на некогашна „Агромеханика“ и само во последните 7 години на име на кирии платил над милион евра (математиката баш не го кажува тоа), а газдата на некогашна „Агромеханика“ е близок со СДСМ!!??

И ајде да продолжам во духот на таа демагогија. Зарем дури сега кога се исекоа дрвата опозицијата дозна дека ќе се гради зграда на СРД. Или каде беше опозицијата да протестира кога се носеше оваа одлука. Понатаму, зарем на актуелната Влада и требаше седум години да утврди дека Советот за радиодифузија плаќа висока кирија и замислете на газди блиски до СДСМ!!! Зошто Владата не соопшти колку други државни или пара државни институции агенции плаќаат кирии, на кого плаќаат и дали има блиски газди со владејачката партија. Понатаму, веќе трета деценија некогашната зграда на „Југобанка“ зјае празна иако државата е сопственик. Актуелната Влада демек почна со реконструкција на овој објект за потребите пред се’ на Министерството за финасии ама според динамиката со која се работи по се’ изгледа дека и до крајот на оваа деценија зградат нема да се заврши. Во оваа вжештена политичка атмосфера Советот на општина Центар и новиот градоначалник одржуваат седница на местото на „злочинот“ иако Жерновски добро знае дека не може ништо да се стори бидејќи новиот објект кој допрва треба да се изгради е во рамките на ДУП-от.

И секако тука е невладиниот сектор кои веднаш посадија нови дрвца. И замислете нашиве генијалци од невладиниот сектор организираа родителска средба на која родителите и децата ги едуцираат за заштита на човековата средина. И како методолошка алатка на децата им делат пиштоли на вода со кои дечињата ќе ги заливаат новопосадените дрвца. Најблаго речено „идиотизам“. Имено секој детски психолог ќе ви каже дека играчка пиштол, воден или на каписли е оружје и кај децата развива пред се’ агресивност и култ кон оружјето а во никој случај позитивен однос кон екологијата. Ама тоа е нашиот невладин сектор и цивилно општество.

И да се вратам повторно на опозицијата поточно на СДСМ на која овие тропски жештини не само што не и’ пречат туку и делуваат стимулативно. Новиот лидер Зоран Заев во интервјуто за „Утрински“ најавува дека од септември опозицијата активно се враќа во Собранието. Навистина ова ќе биде еден од ретките вистински политички потези на СДСМ во изминативе девет месеци. Без разлика на тоа како и колку е развиен парламентаризмот и воопшто парламентарната демократија (за што се винови пред се’ сите политички елити кои како власт или опозиција продефилираа низ Собранието во изминативе две децении) сепак парламентот е единствена институција каде што опозицијата може од една страна да ги артикулира своите интереси, ставови и програмски определби. Во исто време користејќи ги механизмите на функционирањето на Собранието опозицијата може колку- толку да контролира или подобро речено многу потранспарентно пред јавноста критички (а не критизерски) да ги претстави конкретните политики или спроведување на закони од страна на актуелната влада. На пример наместо преку прес- конференција да се повикува Владата да го објави договорот со Русија за вклучување на Македонија во Јужниот тек и гасификација на земјата ќе беше многу подобро опозицијата да го поздрави потпишувањето на договорот ама во исто време да го стави како точка на дневен ред на пленарна седница на Собранието каде што ќе можат да се разгледаат најразлични аспекти па ако сакате и дилеми околу сето ова. Арно ама се’ уште не знаеме кој и со која методологија и параметри ќе прави анализа на исплатливоста на гасификацијата во Македонија како услов за наше приклучување на Јужниот тек а богами има уште цел куп прашања кои би требале да ги знаеме. Ама ете од септември опозицијата се враќа во Собранието. Останува да видиме дали новото водство на СДСМ ќе донесе и нешто поквалитетно во опозициските клупи во Собранието.

Како новост во споменатото интервју Заев најавува дека во септември партијата ќе излезе и со нова програма која ја подготвуваат дури шеесетина најразлични експерти. Во ред ама ајде малку да ја погледнеме реалноста. ВМРО-ДПМНЕ владее веќе седум години не затоа што има програма позната како Програма во 100 чекори проширена и надградена, туку поради фактот што успеа преку многу активно работење на терен и секако со една агресивна пропаганда преку медиумите поголем дел од избирачкото тело да се идентификува со владината програма без рационално да погледа колку таа програма донесе вистински напредок како за државата во целост така и за граѓанинот како поединец. Имено СДСМ и Заев треба да знаат дека според истражувањата во општества со многу поразвиена политичка култура и демократија, околу 60 проценти од гласачкото тело си создава своја виртуелна идентификација со одредена политичка опција и врз основа на таа идентификација гласа а не врз основа на реалност и вистински бенефит што таа политичка опција и програма го обезбедува како за него, така и за општеството во целост. Затоа подготвување на партиска програма со која ќе се освојува власта во суштина е најлесниот дел. Патем не за џабе народната мудрост вели „хартијата трпи се“.

Ама ако погледнеме наназад во изминативе две децении на сите парламентарни избори ни се нудеа еден куп убаво спакувани лаги и празни ветувања а ние како гласачи ги „лапнавме“ како да се познатиот битолски локум. Што ќе понуди новата програма на СДСМ ќе треба допрва да видиме ама новиот лидер најавува дека тој кога ќе победи на изборите (еден убав ден и тоа ќе се случи само прашањето е кога) ќе остане на функцијата премиер само еден мандат бидејќи ќе спроведе радикални мерки после кои тој ќе мора да си замине!! Изјава која најблаго речено може да се вметне помеѓу блага демагогија и алтруизам.

И да се вратам повторно на исечените дрвја кај Бристол и новата зграда на Советот за радиодифузија. Во средата Владата излезе со резултати од анкета направена од „фамозниот институт“ Димитрие Чуповски според која над 70 проценти од испитаниците ја подржуваат владината одлука да се прави новиот објект за СРД. Во анкетата испитаниците со ист процент мислат дека е подобро Владата да гради свои објекти отколку да плаќа кирии и буџетските пари да завршуваат во приватни џебови. Ерго, Владата уште еднаш докажа дека води паметна политика која народот ја подржува (се идентификува). И така благодарејќи на овој „фамозен институт“ (патем институт подразбира пред се’ научна дејност а не правење анкети кои само ја поддржуваат Владата) дознав колку ние како граѓани сме паметни и рационални и затоа сакаме сопствен покрив над глава па макар тоа било за државните институции, а не да плаќаме кирии!! И ајде сега како да демонстрирам и да се бунтувам за пет исечени дрвја. Зарем заборавивме дека токму оваа Влада преку акцијата „Засади ја својата иднина“ посади на милиони и милиони дрвца ширум целата држава и притоа не подели ниту еден пиштол на вода на децата да ги заливаат дрвцата. Ама во општество како што е нашево и со ваква политичка култура која се сведува на ваши и наши односно на патриоти и предавници или на автократи и демократи, и во суштина на тотално апатична јавност, демагогијата станува наша секојдневна реалност.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com