ДВЕ СТРАНИ НА МЕДАЛОТ

„Лутите непријатели“, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, на моменти имаат многу слични или идентични ставови. На пример, зошто од СДСМ не слушнавме дека ќе се заземат за воведување на изборен праг на ниво на држава

Повеќе пати во моите колумни имам напишано дека самонаречените новинари „патриоти“ и исто така самопрогласените новинари „демократи“ во суштина се само две страни на еден медал. Во овие 24 години самостојност имаше редица „пребези“ од едно во друг табор. Имавме новинари кои беа ангажирани во „Фабрика“, а денеска се портпароли во некои министерства; имавме уредници „демократи“ кои сега се, исто така, уредници, ама „патриоти“. Имавме „компањони“ и лични пријатели на „лицето“ Б.Ц. и му „везеа словопојки“, а сега истите пишуваат „епски писанија“ за актуелниот премиер и проектот „Остваруваме“. Да не го заборавам „Ало, началниче“, кој во овие години на транзиција од голем фан на Слободан Милошевиќ и на домашната „левица“ и лут противник на ВМРО-ДПМНЕ транзитираше во голем обожавател на „десницата“ и нејзината програма од 100 чекори, надградена и проширувана во сите овие години. А богами и тој се надгради и академски и политички, па како што самиот вели, од сите досегашни и актуелни политичари само еден му е куќен пријател, а тоа е премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Една од карактеристиките на „новинарите патриоти“ е перманентен негативен став до САД кога станува збор за нивната политика и ставови до Македонија, ама и кон Брисел не се ниту малку понежни. Деновиве Другарот Геро во својата редовна колумна објави отворено писмо до амбасадорот на САД, господинот Бејли. Во писмото, Другарот Геро, бара одговор од амбасадорот Бејли дали американската администрација избрани македонски новинари (патриоти) ги носи на студиско патување во САД каде што им „перат мозок“ (моја формулација) да пишуваат против Сорос, односно „Отворено општество“?! Во суштина, Геро претходно го испратил тоа писмо до амбасадорот ама бидејќи досега не му било одговорено, ете, сега го објавува пред македонската јавност.

Понатаму, од писмото научивме дека актуелниот американски амбасадор се’ уште не го поканил другарот Геро на тет-а-тет средба, ама и претходниот амбасадор тоа не го сторил. Кој ли пропуст, да не речам гаф, на американската дипломатија, и која скромност од другарот Геро, кој, ете, преку своите медиуми ја информира македонската јавност за ваквото непримерно однесување на американската дипломатија. Во суштина, „новинарите демократи“ (патем, Другарот Геро себеси се смета за некаков нивен гуру) веќе подолг период, најблаго речено, изразуваат разочарување до политиката на Вашингтон и Брисел кон актуелната Влада и премиерот Груевски. Сетете се само што се’ не беше речено и напишано за еврокомесарот Хан после онаа негова изјава во Вашингтон, која се однесуваше на последните избори кај нас. Како и да е, и новинарите патриоти, а и новинарите демократи сега заеднички според онаа народната, фрлаат дрва и камења против Брисел и Вашингтон. Зарем сето ова не се две страни од ист медал?

Неделава продолжија преговорите помеѓу потписниците на договорот од Пржино. Се преговара околу измените на изборниот закон, посебно околу гласањето на дијаспората и начинот на изборот на трите пратеници од дијаспората. Иако преговорите се одвиваат зад добро затворени врати, се има впечаток дека „лутите непријатели“ ВМРО-ДПМНЕ (како власт) и СДСМ (како опозиција) на моменти имаат многу слични или идентични ставови. На пример, барем досега од СДСМ не слушнавме дека ќе се заземат за воведување на изборен праг на ниво на држава. Понатаму, СДСМ мудро молчи кога станува збор за масовните предизборни и многу често чудни предизборни коалиции на двете големи партии, со цел куп пајтон партии, ама кои носат по некое пратеничко место не за нив туку за „големиот брат“. ВМРО-ДПМНЕ јасно кажа дека не треба во овој дел ништо да се менува во сегашната законска регулатива.

Што се однесува до гласањето на дијаспората и трите пратенички места и тука, иако на прв поглед, се чини, дека имаат различни ставови во суштина, разликите се чисто кванитативни, односно опозицијата бара да не се случи повторни да имаме пратеник во парламентот избран само со 350 гласа. Не ми е јасно зошто сега СДСМ не се зазема за искуството од европските држави кои имаат свои иселеници низ светот. Имено, секаде во Европа дијаспората гласа, ама ниту во една европска држава во националните парламенти нема пратеници од дијаспората. Веќе многу пати го имам споменато словенечкиот модел за решавање на прашањето со гласање на дијаспората. Но затоа СДСМ сега евтино кокетира со дијаспората, демек би требало да се обезбеди само некаква поголем квантум при изборот на пратеници. Зарем оние силни експерти, спин доктори на СДСМ и секако водството не се свесни дека ако не се промени оваа законска одредба и ако има избори во април идната година, ВМРО-ДПМНЕ уште сега може да си запише на своето конто три пратеника.

И еве едно бесплатно мое размислување за СДСМ. Зарем не би било подобро место трите пратенички места од дијаспората, тие да се заменат со три пратеници од малите етнички заедници, како што е во Хрватска. Нели сме ние мултиетничко општество или можеби бинационална држава. Некој ќе рече дека ова мое размислување е демагогија, патриотите ќе ме прогласат за предавник на македонската кауза. Ама токму со демагогија и некое ново измислено античко потекло и корени, еве до каде „дотуркавме“. И ајде сега речете дека по овие прашања ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не се две страни од еден медал. И сега ајде сите заедно да размислиме дали со ова ќе се промени сегашниот систем на формална парламентарна демократија на партизирана држава и наместо владеење на правото имаме владеење на политикантски и лукративни интереси. Систем кој така успешно го развиваме прошируваме и надградуваме цели 24 години. Јас мислам дека не.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com