ДВАЕСЕТ И ПЕТ ГОДИНИ ПОДОЦНА

 
“Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата, но за жал сè повеќе Македонци изгрејсонцето го гледаме од запад. Боли тој поглед, но боли и погледот детски кога немаш да му дадеш ништо во испружената рака.

Честит празник татковино! Те сакаме. Ти ништо не ни згреши. Ние тебе ти згрешивме. Прости“!

Ова е пост на неговото Правосвештенство отец Пимен постирана но неговиот Ф/Б профил пред една година точно на 8 септември. Денеска овие размислување на владиката Пимен ниту малку не изгубиле од својата актуелност и реалност. За жал во изминатава година само чемерноста, барем јас така мислам, кај огромното мнозинство граѓани е зголемена. Годинава можеби заради јубилејот од 25 години имаше само повеќе типичен политички балкански фолклор кој посебно провејуваше во обраќањето на персоната од Водно кој ете со наши гласови е на функцијата претседател. Ама како што вели народот ако нешто криво посадите тоа криво и ќе расте. Па ајде да погледаме односно да се потсетиме на некои факти, од пред дваесет и пет години. Имено на 8 септември 1991 година на пример Словенија и Хрватска беа веќе и формално раздружени од некогашната заедничка држава СФРЈ. А ние ете отидовме тогаш на референдум на кој и денеска тврдам дека имаше типично хермафродитско прашање кое во истовреме беше и најблаго речено скоро незаконско. Зошто? Бидејќи референдумското прашање во суштина се состоеше две прашања едното беше, Дали сте за Самостојна Македонија која ќе стапи во сојуз со другите Југословенски држави. А и апсолвент на право или политички науки би требало да знае дека на референдум се поставува само едно прашање. И така Македонија како неуспешна приказна почна да се создава. Донесовме Устав во кој на нашите Албански сограѓани им ги “стеснивме“ нивните индивидуални и колективни права кои ги имаа со Уставот на С Р Македонија од 1974 година. Како заврши сето тоа во 2001 година сите видовме. Се надевам дека не треба да потсетувам како го добивме “акронимот“ БЈРМ односно (FYROM). Понатаму, моравме да го смениме првото знаме, па моравме да го менуваме Уставот односно да се откажеме од уставната категорија која се однесуваше на македонското малцинство во соседните држави. Патем вакви уставни решенија денеска има во Уставите кај сите европски држави кои имаат свои малцинства во соседните држави. (Хрватска, Словенија Унгарија Словачка и така натаму се до Шведска) Ако до 1991 година благодарејќи на Едвард Кардељ градевме самоуправна држава и зборувавме за плурализам на интереси. Во „самостојна“ Македонија наместо политички плурализам и демократска држава почнавме да градиме партиска држава односно партизирање на сите пори од државата и оштеството. Посебно оваа партизација дојде до типично балканско совршенство во последните 8 години односно по првите предвремени избори. Ама за жал и на листата на Фридом Хаус од 2008 година постојано паѓаме и ако пред осум години бевме само оценети делумно слободна држава и тоа со тенденција да станеме слободна држава денеска сме во категоријата на неслободни држави. Браво наши. Ама затоа на листата на Дуинг бизнис сме биле најдобри не само во регионот, не само во Европа, ама во светот. И еве сега само една паралела со некогашната ни братска Словенија. Според бројот на жители, тука сме некаде два и кусур милиони (разликата е во тоа што Словенците имаат редовно попис и во секој момент знаат колку имаат жители дома а колку по светот) Таму просечната плата во јуни е нешто помала од 1.100 евра кај нас помалку од 400 евра. Ама ајде да погледнеме колку луѓе кај нас имаат просечна плата. И сега за она најважното во економијата, извозот и увозот. Ова Јанезиве минатата година извезле неверојатни 23,940 милијарди евра а увозот им бил 23, 304 милијарди евра. Односно Словенија бележи суфицит од околу 600 милиони евра. А годинава исто. Во првите 6 месеци извозот е околу 12, 5 милијарди евра а увозот околу 11, 9 милијарди евра. Односно суфицит од околу 600 милиони евра. Ало мајстори вашиот рејтинг на Дуинг бизнис можете да го обесите на опашката од мачката или да си го ставите знаете каде… Во овој период  од 25 години Словенија остана на два државни универзитети и еден приватен универзитет а кај нас богами ниту државните ниту приватните не можат да се избројат. Ама затоа не треба да ве чуди дека Љубљанскиот универзитет (со гордост потенцирам тоа е и мојот универзитет) е меѓу првите петстотини на Шангајската листа. Вакви паралели кои можам да ги правам скоро на сите подрачја нема многу да ни помогнат освен што ќе го зголемат чемерот кој барем ние постарите си го носиме, па не како некави југоносталгичари туку поставувајќи си го прашањето зошто Словенците Хрватите еве и Црна Гора отидоа толку напред а ние не. Зошто Словенците па дури и Хрватите останаа Словени иако многу пред нас и таму се појавија “лудаци“ кои се обидоа да најдат некој други етнички корени Словенците демек биле Венети а Хрватите дури своите корени ги бараа во Иран. Ама и во СЛовенија и во Хрватска ниту експертската јавност ниту политиката а најмалку граѓаните ги прифатија овие квази научни глупости. А кај нас од 2008 систематски ни се менува идентитетот правејќи не антички па така имаме монументални споменици од едната страна на Вардар на Аце па татко му Филип секако и мама се преку мостот. Па имаме фаланга па лавови  па се што е ново мора да биде барок ама и на старите згради им се менуваат фасадите и стануваат со помош на стиропорот барокни изданија.А тоа што е најстрашно се најдоа цел куп експерти, универзитетски професори дури и по некој академик од разни научни дисциплини (историја, право, археологија, архитектураи така натаму) кои за триесетина сребреници си ја продаваат науката И замислете за овој луксуз се потрошија над 650 милиони евра, а во истовреме еден посилен дожд однесе 23 животи и никому ништо. И така сторијата за Македонија како неуспешна приказна продолжуваме да ја градиме. Последниве скоро две години како да сето ова не ни беше доста па преживуваме една од најтешките политички кризи. Странците кој веќе две децении не држат “над вода“ да не се удавиме во сопствената државотворна мизерија и неспособност.  Па не затоа што не сакаат тука пред се поради нивните долгорочни стратешки интереси еве и овој пат ги зедоа дизгините и го напишаа Пржино 1 па Пржино 2, па ни го напишаа законот за СЈО. Како стојат работите ќе пишуваат и закони за специјални судови. Власта или подобро речено “фамилијата“ засега цврсто се држи, односно игра пред се на картата на каква таква стабилност на државата а со тоа и на регионот а плус преку класичниот клиентелизам и контрола на медиумите успева веќе со години вешто да манипулира со нашата одамна деполитизирана јавност. Опозицијата и покрај сите оние “бомби“ кои во секоја нормална држава досега ќе ја “одуваа“ власта за жал си остана изгубено во времето и просторот. Па така во очи на празникот се
“истопорија“ пред главниот влез на Собранието, сите дотерани како да ќе одат на театро. Заев ни прочита еден срце драпателен говор демек еве сега ние по 11 декември кога ќе дојдеме на власт ќе ја вратиме државата на правиот пат. Новинарите слушаа камерманите снимаа изјавата заврши. Се направија уште неколку фотки по се изгледа од официјалниот фотограф на опозицијата и толку. Само ме интересира дали на фотките се гледа и резултатот од Шарените кои ете така уметнички го украсија Собранието или фотошопот се ќе покрие.

Честит празник татковино!

Те сакаме. Ти ништо не ни згреши. Ние тебе ти згрешивме. Прости“!

Во право сте отец Пимен, ама Бог простува додека иторијата и политиката по правило не простува.

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com