ДВАЕСЕТГОДИШНА МЕДИУМСКА САГА

Не може вината за состојбата во медиумите да ја лоцираме само кај политичките елити, а ние новинарите да се претставуваме како жртви

Состојбата во медиумите во изминатите десетина дена беше повторно жешкиот костен на домашната политичка сцена. Се’ започна со седница на Собранието. Точката на дневен ред беше иницирана од страна на опозицијата. За жал, опозицијата не успеа да се надмине самата себеси во голата борба за билдање на сопствениот рејтинг во смисла – ние сме демократи, а власта е диктаторска.
Наместо конструктивен, критичен, но и самокритичен настап, опозицијата тргна во фронтален напад врз власта, обвинувајќи за нејзиниот недемократски капацитет, авторитарно владеење и целосна контрола врз медиумите. Парламентарното мнозинство одговори со истиот метод и така два дена се наслушавме некаква квазиисториска ретроспектива, која политичка елита кога била на власт колку лошо направила за медиумите, медиумскиот простор и за новинарите. На моменти слушнавме и трагикомични препукнување (трагични за медиумите и новинарите), како што беше онаа „Вие (опозицијата) ја направивте ’Фабрика‘ за да манипулирате со јавноста“. „Вие (актуелната власт) од таа ’Фабрика‘ направивте индустрија, а некогашни работници во ’Фабрика‘ сега се ваши портпароли“.
Во суштина, собраниската седница само го потврди фактот дека кај нас дваесет години политичките елити се заинтересирани и се борат само за контрола врз медиумите, додека слободата и независноста на медиумите и професионалноста на новинарите, како вредности и принципи ништо не им значи, освен кога се пресметуваат меѓу себе.

Би било опортуно ако вината за ваквата состојба во медиумскиот простор и во медиумите ја лоцираме само кај политичките елити, а ние новинарите се преставуваме само како жртви. Кој е крив ако за дваесет години во Македонија не се создаде новинарски синдикат кој вистински ќе ги штити економските и социјалните права на новинарите. Тогаш не треба да не’ изненадува, кога денеска слушаме како газдите плаќаат во кеш или ќе те осигурат на минималец, а другиот дел од платата го добиваш како авторски хонорар преку некоја независна продукциска фирма. Кој е виновен ако за дваесет години не успеавме да создадеме професионално здружение на новинари кое ќе може да ги одбрани принципите на професијата без разлика која политичка елита е на власт. Кој е виновен ако новинарската фела се подели на патриоти и предавници. Па потоа „првите пера“ на едната и другата група да пишуваат бедни политички памфлети до меѓународниот фактор, обвинувајќи се меѓу себе дека се необолшевици, автократи и уште какви не квалификации типични за балканската политичка култура.

И кога по првото писмо испратено од самонаречените демократи и леви интелектуалци, во еден од дневните весници беше (со право) дочекано на нож во коментарот на главниот и одговорен уредник на писмото на „патриотите новинари“, кај нас нема никакви реакции. И тоа е принципиелност и профеионалност?! Но затоа реакција на писмата искажана на еден суптилен дипломатски јазик ни стигна од комесарот Штефан Фуле за време на неговата посета во Скопје, кога отворено ни кажа дека и двете писма сериозно ќе се разгледуваат во Европската комисија.

Дали е ова доказ дека во свеста на нашата новинарска фела веќе се прифати ваквата поделба? Како да го сфатам предлогот на еден од новинарите „демократи“ кога јавно пред два дена побара меѓународниот фактор да ја презеде контролата врз медиумскиот простор и со нивна помош, а секако и со домашните „експерти“ „демократи“ и нормално невладини организации да се најде излез за сегашната состојба. Не знам дали овој „новинар-демократ“ инспирацијата за ова ја добил од она што се случуваше во Бугарија пред таа да стане членка на ЕУ кога и беше воспоставен таканаречен меѓународен валутен борд што ја водеше монетарната политика.

Како и да е, во овие дваесет години, не само на полето на медиумите, туку и во другите сегменти, ние бараме некаква помош од меѓународниот фактор. Во овие дваесет години десетици милиони долари странците потрошија кај нас само за развој на медиумите за независноста и професионалноста на новинарите, ама резултатите се, најблаго речено, катастрофални. За мене тоа е доказ дека ако сами дома не си го решиме прашањето, никој однадвор нема да ни го реши. Бидејќи неделава во организација на ЗНМ започна дебата помеѓу Владата и новинарите за сите овие прашање би било добро ако за почеток и ЗНМ и Синдикатот на новинарите побараат од Владата во еден разумен рок, да речеме 3-4 месеци, да ги прочешла сите медиуми и да утврди како во нив се остваруваат сите оние закони кој на овој или на оној начин влијаат врз работата на медиумите и врз положбата на новинарите.

Според мене, тоа би било вистинска можност да се утврди фактичката положба и состојби во медиумскиот простор сфатен во најширока смисла на зборот. А дури потоа можат да се утврдат приоритетите и носителите на конкретни акции и мерки. Во спротивно, уште долго на листата на Фридом хаус Македонија ќе биде во групата на делумно слободни држави.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com