Да живее дискриминацијата

Една од најголемите бламажи за нас како држава и општество во последно време е изборот на д-р Тони Науновски за член на Комисијата за заштита од дискриминација

Денеска, 15 јануари, би требало многу работи во државава да се разјаснат. Од оставката на премиерот Груевски, а со доаѓањето на Хан, можеби дефинитивно ќе знаеме кога ќе бидат идните предвремени избори. Лично не верувам дека СДСМ ќе прифати да имaме избори на 24 април.
Но неделава ни се случи, барем според мене, една од најголемите бламажи како држава и општество – тоа е изборот на д-р Тони Науновски за член на Комисијата за заштита од дискриминација. Да одиме по ред, па прво да го погледнеме неговото CV онака како што е приложено во официјалните документи кои можете да ги видите на веб-страницата на Собранието. Оваа личност, која од собраниската говорница беше квалификувана дека е фашист, е професор на Универзитетот МИТ во Скопје. Во својот курикулум наведува 24 научни трудови од кои, верувале или не, 18 се предговори или поговори за одредени изданија.

За да бидам појасен, ќе наведам две: за „Етиката на Спиноза“, издадена од издавачката куќа „Ѓурѓа“ во 2010 година, напишал предговор; за истата издавачка куќа за книгата на Часлав Милош „Заробен ум“, нашиов д-р напишал поговор. И ете така, има цел куп, демек, научни трудови. Во другите „научни трудови“, се појавува како коавтор, а нема да верувате – неговиот последен научен труд, наведен во курикулумот под број 24, се’ уште е во печат. Да не грешам душа, за некои списанија со веб-адреса www.fazan, потоа „Акт“ и „Книжевно житие“ објавил нешто што на интернет не се наоѓа или можеби јас не знам како да ги најдам овие негови „научни трудови“. Како кај нас се станува доктор на науки и како се станува професор на универзитет е друго прашање. Нека му мислат оние што зборуваат за Шангајската листа.Проблемот со д-р Науновски, кого пошироката јавност сигурно го знае преку неговите колумни во „Дневник“, а особено преку неговото гостување кај оној најгабаритен „патриотски новинар“ (кој е познат како љубител на бесење слики ама и кози) е дека во своите ставови многу јасно изразува говор на омраза, а на моменти и класична албанофобија.
Да расчистиме. Овој член на Комисијата за заштита од дискриминација има право јавно да зборува и пишува дека е против Охридскиот рамковен договор. Има демократско право да бара негово поништување и бришење на сите уставни амандмани кои произлегуваат од Рамковниот, ама нема право да сее омраза против моите албански сограѓани или за национални предавници да ја квалификува не само опозицијата, туку и сите оние што не само по ова прашање не мислат како него.

Зошто една „персона“ ала д-р Тони Науновски „дотурка“ до член на Комисијата? Еве ќе наведам само две негови колумни. Едната е од 11.08.2014 година, а другата е од 24.11.2014 година, објавени во веќе споменатиот весник, кои се полни со, најблаго речено, јазик на омраза. За жал, ниту ЗНМ преку Судот на честа ниту која било друга невладина или владина институција реагираа на јавно изнесените ставови на персоната. За неговите телевизиски настапи (кои се во истата таа идеолошка матрица, ви препорачувам да ги погледнете на „Јутјуб“) повторно никакви реакции од оние кои се повикани, без разлика дали станува збор за здруженија, за невладини организации, за независни регулаторни тела, па се’ до надлежни државни институции. Оваа персона стана член на Комисијата за заштита од дискриминација благодарение на фактот што ние повеќе од две децении сме нефункционално општество и нефункционална држава.

Некој ќе рече – мнозинството го избра, опозицијата се бореше „лавовски“. Точно, ама само делумно. Д-р Тони Науновски не се појави одеднаш, туку од многу поодамна е присутен во јавноста. На споменатата пленарна седница, дури и опозицијата направи јасна дистинкција помеѓу споменатиот Науновски и на пример, д-р Александар Спасеновски, за кого со сигурност можам да кажам дека кај него нема да помине каква било појава на дискриминација. Тоа можам да го кажам и за д-р Беким Кадриу. За другите кандидати кои не ги познавам, сакам да верувам дека исто така ќе се спротивстават на каква било појава на дискриминација во нашето општество.

И сега доаѓаме до она што реално ја покажува сликата на степенот на разбирање на парламентарната демократија од страна на политичките партии. Во суштина, ако д-р Тони Науновски е бламажа за разбирањето на заштитата од дискриминација, ДУИ со гласањето за него покажа и докажа дека партиските алаш-вериш се над се’, па дури и над основните човекови права и слободи. Објаснувањето што на седницата го даде господин Џевад Адеми (кого лично го почитувам) дека мора да го притиснат зеленото копче бидејќи се гласа „топтан“ и за кандидатите кои тие (ДУИ) ги предложиле, во овој случај, барем за мене, не е оправдување. Имено, ако сакале, тоа можеле да го спречат во Комисијата за избори и именувања, каде што листата се утврдува поединечно за секој кандидат. Јас како граѓанин очекувам од секој пратеник, без разлика на неговата партиска, етничка, верска припадност, да го даде својот максимум и да ми обезбеди мене и на сите граѓани целосна заштита кога станува збор за каква било дискриминација. Во оваа жална слика за парламентарната демократија, единствена светла точка беше потпретседателот на Собранието, Рафис Алити, кој уште пред гласањето јавно го изрази својот револт и со право забележа дека предлогот Тони Науновски да биде избран за член на Комисијата за заштита од дискриминација е срамота за цела Македонија и за сите политички субјекти. Затоа, рече тој, ќе гласа против целата листа. Со други зборови, пратеникот на ДУИ, Рафис Алити, покажа што значи да се има „кичма“ и принципиелно да се бранат универзалните вредности кои немаат никаква допирна точка со партиската, националната, верската или друга припадност.

Посебно разочарување е госпоѓа Ермира Мехмети, која на социјалните мрежи се „правда“ дека биле присилена така да гласа. Само неколку дена пред тоа, таа зборуваше како еден друг нејзин сопартиец и пратеник, поради своето однесување, го руши угледот на ДУИ и на лидерот Али Ахмети. Тоа е таа госпоѓа која барем до вчера воопшто кај пошироката јавност важеше за современ и добро образован политичар, проевропски ориентиран, а еве сега гласа затоа што некој така и’ рекол? Навистина жално.

Да се вратам на денешниот ден кој многумина го сметаат за ден „Д“. Дилемата е дали денеска со доаѓањето на еврокомесарот Хан ќе се разрешат некои дилеми и прашања кои произлегуваат од договорот од Пржино. Ако судиме според последното интервју на Заев за Канал 5 (според мене, Заев се поврати барем на нивото што го имаше во јавноста од мај минатата година), СДСМ нема да прифати избори закажани за 24 април. Ако судиме според максимално скржавото соопштение кое дојде од Вашингтон по средбата на премиерот Груевски и потпретседателот на САД, Џо Бајден (Владата мора да создаде услови за веродостојни избори, а притоа не се споменува 24 април), како и според ставовите на европската тројка, пред се’ европратеникот Ховит, се има впечаток дека и странците инклинираат кон одложување на изборите.

Навистина не се знае со кои аргументи премиерот Груевски денеска ќе го убеди еврокомесарот Хан дека имплементацијата на договорот се одвива според договорената динамика. Иако Груевски најави дека тој ќе си поднесе оставка веднаш и затоа изборите ќе мора да се одржат на 24 април. Од друга страна, изјавата која неодамна дојде од ВМРО-ДПМНЕ дека ако нема избори на 24 април, Груевски нема да си даде оставка, мислам дека нема така лесно да помине како аргумент ниту во Вашингтон ниту во Брисел.

Како и да е, денеска со право сите очекуваме работите барем малку да ни станат појасни, односно вистински да започне процесот на решавање на политичката криза. Изборите, па без разлика дали тоа биле во април, јуни, септември, сами по себе нема ништо да решат. Во спротивно, странците морковот ќе го заменат со нешто друго, а тоа се одлични услови персони ала д-р Науновски да почнат да виреат во општество како што е нашево и тоа без разлика на националната верската или партиската припадност.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com