Дали ја застрелавме птицата шегобијка?

Почитувани, насловот на оваа колумна е можеби лош плагијат на насловот на колумната на почитуваниот Арсим Зеколи објавена на 21 овој месец во Утрински. Но мислам дека одговара и на нашата реалност која ете ја доживуваме со почетокот на изборната кампања. Имено оваа кампања (можеби уште поинтензивно од сите претходни) во македонскиот политички блок за жал е полна со оние најниски страсти кои водат во деструкција во ширење на страв дека ако победи другиот државата ваква каква што е (унитарна) ќе ја снема. Односно се оди на целосно уништување на политичкиот опонент. Слично е и во албанскиот политички блок и таму се оди на политичка ликвидација на политичкиот опонент. Некој ќе праша а каде е разумот. Е за жал одамна го нема и затоа па затоа мислам дека некако метафорично насловот на колумнта одговара на реалноста

Заеднички именител и во едниот и во другиот политички блок е манипулациите со етничката припадност и националните чувства. Имено партиите посебно така наречената голема четворка го дигнаа националниот бајрак на највисокиот јарбол и мавтаат со него кај своето избирачко тело. И уште нешто и во Македонскиот блок и во Албанскиот блок токму етничките прашање се користат едните да се претстават како единствените заштитници на етничките права и интереси а другите како нивни предавници. Па така во македонскиот блок според Груевски лидерот на опозицијата СДСМ Заев е предавник кој сака Македонија да ја федерализира, Албанскиот јазик ќе го направи втор службен јазик на цела територија. Ама ако ние (народот) му дадеме барем 62 пратеника Груевски тоа ќе го спречи. Од друга страна во Албанскиот блок иста музика Најблискиот соработник на господин Ахмети Артан Груби вели дека кога ќе победат албанското знаме ќе се вее во Струмица а ние кои не знаеме Албански ќе мораме да го учиме. Бидејќи уште кога беше донесен Уставот на независна Македонија јавно напишав дека на моите Албански сограѓани со Уставот им ги „стеснивме“ нивните права, кои ги имаа со Уставот од 1974 година, и бидејќи со Охридскиот рамковен договор е дефинирано правото и опсегот на Албанскиот јазик би ги прашал двајцата господа што во овие скоро десет години колку ДУИ е во власта направија за доследно спроведување на Албанскиот јазик како втор службен јазик барем на ниво на локална самоуправа. Или што направивте во тие средини каде што барем 20 проценти од населението зборуваат друг јазик, да заживее така нареченото интегрирано образование. Понатаму, Ахмети зборува за квалитетно образование пред се високо ама за него изгледа квантитетот (три државни универзитети на Албански јазик) ќе дадат и квалитет. Ех изгледа господин Ахмети како некогашен декларативен марксист не го разбрал баш Маркс. Или да прашам како пратениците од ДУИ освен почитуваниот Рафис Алити гласаа за изборот на актуелната Комисија за препречување на дискриминацијата во која седат двајца одамна познати и јавно декларирани албанофоби.

Како и да е кампањата продолжува и е за очекување да биде се по жестока, односно типична за нашето политичко милје и нашата политичка култура. И овој пат ќе изостанат вистински ТВ дебати посебно помеѓу претставници на „големата четворка“ односно нема да ги видиме четворицата лидери или како што јас ги именувам јавачите на нашата Апокалипса.

Ама има и новини. Ако во досегашните изборни циклуси бевме редовно „бомбардирани“ од партиски анкети ала институт Чуповски овој пат по с Телма за прв пат се појави како медиум со сопствена анкета. Колку оваа анкета е реална сега сите ќе се прашате. Во секој случај е многу пореална од оние на Институтот Димитрие Чуповски, ама и некој други слични со кои досега не преплавуваа те едните те другите. Анкетата е правена лице во лице знаци не е телефонска и со нејзе се опфатени илјада граѓани. И тука можеби е првата (можна) фалинка. Имено бидејќи ние одамна немаме попис не се знае точно колку не има понатаму кои се точните демографски показатели нормално етничката или верската припадност понатаму образовната структура и така натаму. Но во суштина сепак мислам дека анкетата е барем според она што го видовме во петокот(25) на Телма. И сега доаѓаме до она што е нај ајде да речеме „ексклузивно“ ама за некои и иритирачки. Имено ако утре се одржат изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 23,7 проценти од гласачите додека СДСМ ќе освои 18,9 проценти. Односно разликата е 4,8 проценти во корист на владејачката партија, ама ова е далеку од оние 63 пратеници кои ги бара Груевски. ДУИ би освоил 6,2 проценти од вкупното избирачко тело, додека ДПА би освоила 3,3 прценти односно ДУИ е во предност со само 2, 9 проценти. Да разјасниме анкетата е правена пред да почне официјално предизборната кампања.

Друга „фалинка“ на анкетата е што ги нема другите партии и коалиции и дека не правена по изборни единици како што е нашиот изборен модел туку на ниво на држава па така овие резултати не покажуваат каков ќе биде распоредот на пратеници во идниот парламент. Телма најави дека за околу 7 дена ќе излезат токму со такво истражување (по изборни единици) Истражување после кое „нештата ќе бидат појасни“!

Како и да е мислам дека веќе на сите треба да ни биде јасно дека изборите сами по себе нема ништо да решат. Тројката од Европскиот парламент која деновиве беше кај нас тоа јасно ни го кажа. Ветувањата кои „фрчат“ од сите страни се повеќе нереални да не речам на границата на апсурдот посебно оние економски ама во вакво општество како што сме ние сѐ уште „палат“. За жал ниту една партија посебно ова го очекував од опозициските партии, немаат храброст да ни кажат дека состојбата ни е онаква како што во незаконските бомби вели Ставревски цитирам ние немаме пари за леб а купуваме чоколада“? Ако е тоа така и ако се сака да се излезе од таа состојба тогаш е јасно дека ќе треба да го затегнеме ременот околу пантолоните за уште една дупка повеќе, барем за во идните две години. Во суштина од она што го гледаме од досегашната кампања повеќе од јасно е дека овие избори се однонасочни. Нивна главна цел е од една страна да се заштити Груевски и фамилијата а од друга страна да се спаси Заев и неговото друштво. Идентично е и во албанскиот политички блок. Ете затоа мислам дека насловот позајмен од колумната на Зеколи многу добро ја отсликува нашата реалност бидејќи ние навистина ја застрелавме птицата шегобијка

Тодор Пендаров

 

 

 

 

 

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com