ДАЛИ Е МОЖНА НАЕСЕН ПОЛИТИЧКА КРИЗА ВО СЛОВЕНИЈА

Прашањето е дали наесен актуелната владина коалиција на чело со премиерот Јанез Јанша ќе може да издржи

Искрено сакав и на оваа колумна како и на минатите две да и ставам ист наслов (Политичка перверзија) и секако да пишувам за домашни теми, ама уредникот на страната и мој почитуван колега уште минатиот пат пола на шега ми рече… Аман навистина ќе мислам дека живееме во политички перверзно општество. И затоа решив да пишувам за состојбите во Словенија. Иако од денеска во Словенија почнува летниот „политички распуст“ оваа наша некогашна братска република ја очекува многу жешка политичка есен во која можат да се случат многу големи политички промени. Притоа не мислам на престојните претседателски избори (во ноември) кои во Словенија најблаго речено секогаш биле „досадни“ и по се’ изгледа шансите се на страна на актуелниот претседател ДанилоТирк. Прашањето е дали на есен актуелната владина коалиција на чело со премиерот Јанез Јанша ќе може да издржи. Причините се познати, економската криза и задолженоста во еврозоната.

Како една од мерките кои ги предлага актуелната влада а околу која се кршат копјата е таканареченото „златно правило“ кое го донесе Брисел а се однесува на ограничувањето на задолженоста на државата кое не може да биде поголемо од 45 проценти од БДП. Премиерот Јанез Јанша и неговата владина коалиција сакаа ова правило да го стават во уставот со што тоа ќе стане и уставна категорија која не може така лесно да се менува. Навистина според Брисел ова може да се уреди и со закон но владата се определи да оди на уставни измени. На почетокот и опозицијата како да размислуваше во тој правец но прво партијата Позитивна Словенија на актуелниот градоначалник на Љубљана Јанковиќ се откажа од тоа, а подоцна и социјалдемократите посебно по изборот на новиот лидер, исто така се против тоа да се стави во уставот.

Интересен е и фактот дека и во самата коалиција која патем има тенко мнозинство од само 6 пратеници по се изгледа не се баш задоволни со ова како и со други мерки на штедење кои ги воведе или планира да ги воведе премиерот Јанша. Посебно слаб член во владината коалиција е Партијата на пензионерите и нејзиниот лидер и актуелен министер за надворешни работи Карл Ерјавец. Имајќи во предвид дека пензиите се замрзнати а на некои категории и намалени како и некои потези на Јанша сврзани со историјата и НОБ, доведоа до драстичен пад на популарноста на оваа партија.

Втора работа која на есен ќе биде тврд орев за актуелната влада е предлог законот за таканаречени урамнотежени јавни финансии. Закон кој пред се’ би требало да овозможи кратење на јавната потрошувачка. Само еден податок кој е од наш аспект фантастичен. Словенија оваа година од буџетот ќе треба да даде 1,5 милијарди евра само за плати, пензии и сервисирање на јавниот долг. Патем буџетот на Словенија за оваа година изнесува 8, 5 милијарди евра… и во тие за нас уште многу години недосегливи суми на средства… Словенија во мината година оствари извоз од околу 26 милијарди евра, односно над 82 проценти од БДП го остварува преку извозот. На пример „Горење“ со сите свои производи за да ги задоволи потребите на домашниот пазар му треба да работи само една недела (седум дена), а останатите 54 недели работи само за извоз!!!

Премиерот Јанез Јанша до пред некој ден сакаше сите овие уставни и законски проекти да ги заврши или барем да ги започне пред летниот одмор на парламентот ама сепак барем до пишувањето на овој текст за ова ќе се решава на есен. Јанша кој секогаш бил храбар политичар навестува дека гласањето во парламентот за овие работи ќе го врзе со довербата на Владата. Словенечкиот Устав а и Деловникот на парламентот тоа го дозволува. Тоа значи дека ако во септември кога споменатите решенија ќе дојдат во парламентот и ако не се добие двотретинско мнозинство, автоматски би значело паѓање на Владата. Навистина ако гледаме од агол на нашата политичка култура и реалност вакво нешто не верувам дека ќе го доживееме и кога ќе славиме 30 години од независноста и самостојноста. И секако се поставува прашањето што ако во септември падне владината коалиција на премиерот Јанез Јанша. Нови парламентарни избори, оваа опција по се изгледа никој не ја сака, бидејќи сите релевантни политички партии се свесни дека економската состојба во државата е повеќе од сериозна. Не смееме да си дозволиме да бараме финансиска помош од ЕУ во еден глас велат сите политички лидери. Втората опција е ако падне Владата да се оди со нов мандатар односно прераспределба на политичките сили во самиот парламент.

Токму затоа многу аналитичари во Словенија навестуваат дека за време на летниот одмор политичката сцена навистина некако заткулисно ќе биде многу жива и активна. По се’ изгледа договарања и преговарања помеѓу политичките партии веќе има. А дека ова е така потврдува и лидерот на пензионерите и актуелен министер за надворешни работи кој изјави дека за прашања сврзани со положбата на пензионерите тој е подготвен да размислува и за некоја друга коалиција. И бидејќи според Марфиевите закони кога работите одат на лошо не завршуваат само со еден проблем, се заоструваат и односите помеѓу Словенија и Хрватска. Не заради познатиот спор околу морската граница во Пиранскиот залив туку заради долгот на некогашна Љубљанска банка до хрватските штедачи кој беше некаде околу 650 милиони марки во 91 година. Словенците мртви ладни изјавија дека сепак тие можат да го одложат на неодредено време ратификувањето на влезот на Хрватска во ЕУ…..

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com