ГРОТЕСКАТА НА НАШАТА СТВАРНОСТ

ко 1.600 вработувања во „Македонски шуми“, а во исто време во барабанот на сиромаштијата останаа уште 23.400 луѓе не е бизарно – тогаш не знам што е друго

Нашата стварност се’ повеќе можеме да ја дефинираме помеѓу гротескност и бизарност, а нам граѓаните сето тоа ни се пласира под веќе начнатиот слоган „Остваруваме“. Ако 1.600 вработувања во Јавното претпријатие „Македонски шуми“, со образложение дека станува збор за решавање на тешката социјална положба на овие наши сограѓани, а во исто време во барабанот останаа уште 23.400 луѓе не е бизарно, тогаш не знам што е друго. Ако го правите тоа преку електронско извлекување (за да се покаже непристрасност) и тоа во присуство на министри и со директен пренос преку јавниот сервис МРТ не е гротескност, навистина се прашувам каде одиме и како општество и како држава. Да вработиш на овој начин 1.600 луѓе и потоа да се рече дека Владата на овој начин ја решава тешката економска положба на 1.600 семејства, а притоа во барабанот ви останаа уште над 23 илјади семејства, кои и понатаму секојдневно живеат во сиромаштија, а потем тоа да го книжите во графата „Остваруваме“ е најблаго речено гротескна политика на вработување. Во суштина, целиот овој настан ми заличи на онаа позната американска лотарија за добивање работна виза, односно зелена карта. Разликата е во тоа што извлекувањето го следат во целиот свет. Ама донекаде и не ме изненадува. Во актуелната влада имаме неколку министри кои живееле, се образувале и работеле во САД и таму го остварувале она што со вика (American dream of life).

Ако си во политиката кај нас, посебно во врвот, се живее подобро од каков било американски сон. Затоа политичарите што владеат можеби решиле и на оние 30 проценти наши сограѓани, на кои сиромаштијата им станала и дневна и ноќна мора, да им понудат барем една вечерна секвенција од American dream of life преку лотарија за вработување. И така во таа гротескност и бизарност на нашето секојдневје се вклопува и најновата најава дека Владата од Нова година ќе финансира доаѓање странски експерти кои ќе им помагаат на македонските компании како до ја подобрат својата конкурентност, производство или услуги!? Во суштина, кај нас во сите овие години на самостојност секоја влада ја вергла истата оваа „мелодија“ (странски експерти и искуства), само аранжманот е различен.

Некаде до 2007 година слушавме кога некој наш премиер, министер ќе се вратеше од некоја посета во странство, секогаш зборуваше како нивна цел е да се пренесат искуствата и решенијата од таа држава. На ова Влада изгледа повеќе и’ се допаѓа да носи странски експерти. Не знам дали се сеќавате дека прв таков странски „експерт“ беше Словенец, донесен за генерален директор на Јавниот сервис МРТ (му беше дадено и македонско државјанство за да може законски да ја врши функцијата). Резултат од овој експерт беше јавниот сервис, кој во тоа време беше клинички мртов (и финансиски и технолошки, а уште пострашно во професионалното остварувањето на својата функција) стана зомби. За жал, иако оттогаш се сменија неколку генерални директори, МРТ се’ уште е зомби во професионалната функција, иако техничко-технолошки колку-толку се обнови со пари од буџетот. Да не ја заборавам и госпоѓата Моника Маковеј од Романија, советничка во Владата за борба против корупција. Резултат од нејзиното советување спектакуларно ни го кажа нашиот нов индиски пријател и голем инвеститор Субрата Рој, кој рече дека кај нас нема корупција. Па, донесовме експерт во Заводот за здравствено осигурување, цел куп експерти кои обучуваа судии, па нашиот хиперактивен министер за здравство ќе носи лекари експерти кои ќе ги обучуваат нашите… и ете сега експерти за нашите компании, сето тоа на сметка на буџетот, односно наша.

Во оваа гротескна и бизарна секојдневност феноменално се вклопува и опозицијата и тоа веќе добри седум години. И кога и формално направија промени во водството, СДСМ и понатаму не може да се ослободи од своите гротескни идеи и програми кои, демек, ќе ни донесат подобра сегашност и „посветла“ иднина. Не можат да ги надминат одамна истрошените и бизарни обвинувања, како што беа становите на Груевски, а сега ги актуализираа становите на министерката Јанкулоска. Замислете, по толку долгонајавувана партиска програма, лидерот на СДСМ ни најави дека партијата ќе предложи државата на граѓаните да им враќа 15 проценти од ДДВ, што сите ние го плаќаме кога купуваме, на пример, прехранбени производи, облека, гориво за автомобилот или одиме на бербер… ако ни даде сметка. Понатаму, според Заев, сите ќе станеме некакви квази даночни инспектори, бидејќи сметките ќе ги собираме за државата на крајот на годината да ни врати 15 проценти. Односно, ќе заживеало давањето фискални сметки и, воопшто, даночната дисциплина. На овој начин ќе се јакнела средната класа, која кај нас е одамна уништена.

Ова ја надминува и политичката гротескност и бизарност. Каква е таа даночна, економска, а најмалку социјална логика? На пример, по некој повод некој на сопругата или на партнерката и’ купил ѓердан „сваровски“ платен со своја приватна картичка, а не со службена како што го стори тоа пред години еден министер. Според најновите мерки на СДСМ, државата ќе му врати 15 проценти од ДДВ за ѓерданот. Да бидам и јас бизарен, Заев не објасни дали за да ги добиеме тие 15 проценти од ДДВ-то ќе треба со куфер да одиме во УЈП и да им ги однесеме сите сметки. Ако е тоа така, УЈП веќе идниот месец да организира нова „лотарија за вработување“, барем за околу две илјади луѓе, МРТ и така во секој момент е подготвена за директни преноси од „јавен интерес“, барабанот остана полн со 23 илјади луѓе… Само се прашувам дали оваа власт ќе го книжи на своето конто „Остваруваме“ или опозицијата ќе отвори свое конто „Реализираме“.

Резултат на оваа наше секојдневје се апатични граѓани. Резултат на оваа гротескност и бизарност се оние над 300 илјади иселени, пред се’, млади луѓе кои своето темелно човеково право да обезбедат достоен живот преку своето работење, знаење и вештини го побараа некаде по светот. Зар прифаќањето ваква стварност не прави од нас (како граѓани) канибали на сопствената сегашност и иднина. Ова ме потсетува на големиот поет Пабло Неруда, кој напишал: „Не дозволувај да умираш секојдневно, не заборави да бидеш среќен“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com