ГРАЃАНИ ИЛИ ТЕЛИЊА – ШТО СМЕ?

СДСМ и Шарени, врескајте, хистеризирајте, смислувајте бајати досетки, спинувајте и плачете од сега па до Декември, но Грујо денеска ви го наби до балчак и седмо колено. Ова е постот на господин Арсим Зеколи објавен на неговиот фејсбук профил. Можеби звучи малку грубо ама точно опишува што се случи вчера (31 август) во клубот на пратениците каде што лидерите на четирите партии, поточно четворицата јавачи на нашата општествена а богами и државна апокалипса се договорија следните слободни, демократски, кредибилни избори да се одржат на 11 декември.

Груевски вчера во својот препознатлив балкански манир на вистинскиот хазајин (газда) прво задоцни  на состанокот, а потоа откако работата заглави околу петтиот член на она ад-хок тело кое ќе врши мониторинг на медиумите а кој требаше да биде Албанец, излезе пред камерите и ја извести “рајата“ дека тој и ВМРО-ДПМНЕ ги прифаќаат сите услови и барање на СДСМ само да не наоѓаат оправдување за бегање од избори. Што се однесува до спорниот петти член Груевски тоа го препушта на СДСМ и на ДУИ, а кога тие ќе се договорат нека го викнат тој ќе се врати и ќе го потпише документот. И така бидна. Откако ДУИ и СДСМ, најдоа компромисно решение во гостиварчанецот Љуљзим Хазири, Груевски се врати и го потпиша договорот заедно со останатите лидери напишан нормално на Англиски јазик. И така нашиве лидери патриоти од македонски и албански маштап многу лесно заборавија на својот патриотизам и ако е потребно од претставниците на Вашингтон и Брисел ќе потпишат документ напишан и на клинастото писмо. Ама затоа сега па се до 11 декември ќе ни ги отечат со своите одамна излитавени патриотски флоскули (floskula patriotike). Можеби и затоа Тачи најискрено по потпишувањето изјави дека тој само во меѓународниот фактор (Вашингтон со асистенција на Брисел) гледа каков таков гарант дека ќе има колку толку кредибилни и фер избори.

Како и да е игранката веќе започна и тоа во министерството за Внатрешни работи. Вчера министерот за внатрешни работи Чавков си даде оставка и веднаш “премиерот“ Емил Димитриев предложи нов. Тоа е професорот Оливер Андонов. Во истовреме Чавков оди повторно на функцијата директор на Јавната безбедност, а се прави и промена на првиот човек на УБК. Што се однесува до Оливер Андонов тој е уште еден класичен пример на квази интелектуалец кој науката одамна ја продал за позиции а со тоа и пари. Ама навистина е повеќе од бизарност да прифатиш да бидеш министер едвај 15 часа. Мнозинството навистина многу млачно се обиде да ја брани оваа лакрдија ама на крајот гласачката машинерија си го направи своето. Односно Груевски со овој потез посебно враќањето на Чавков на првиот човек на Бирото за Јавна безбедност е само уште еден обид да се заштити “фамилијата“. Но за жал вакви бизарности лакрдии или што било да кажете во секоја нормална држава би било политичко самоубиство. Кај нас во ова политичко милје и фолклорна политичка култура Груевски и со ова ќе испадне херој.

За жал веќе подолго време во таа бизарност или лакрдија која започна со првиот договор Пржино 1 а ние како граѓани редовно ја чувствуваме на своја кожа и џеб, учествува и опозициската СДСМ или подобро речено актуелното раководство двоецот Заев-Шекеринска. Дали тоа го прават свесно или не, дали тоа е плод на незнаење и неразбирање на политиката или станува збор за некакви и нечии интереси не е ни важно односно не ја оправдува најголемата опозициска партија. Лично повеќе пати имам јавно речено дека господин Заев колку да е храбар човек (тоа мора да му се признае) и релативно успешен градоначалник, сепак се покажа дека не може да води партија која претендира да ја освои власта. Другиот член на овој двоец госпоѓа Шекеринска беше лидер на СДСМ и на првите предвремени избори во 2008 доживеа најголем пораз со само 18 пратеници. Нејсе според моето скромно познавање на нештата и политиката, мислам дека Шекеринска кога станува збор за нејзиниот демократски капацитет е многу блиску до демократскиот капацитет на Груевски, само рака на срце нејзиниот демократски капацитет е секогаш спакиран во скапа убава и добро одбрана гардероба, да не речам амбалажа.

Да се вратиме на почетокот на овој текст односно како што вели почитуваниот господин Зеколи “Грујо ви го наби до балчак“. Имено дали некој сериозно верува дека тоа ад–хок тело кое ќе треба да врши мониторинг на електронските медиуми ќе направи нешто. Дали верувате дека со методологијата (демек била француска) нешто ќе смени во медиумите или во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги. Патем стручната служба ќе го прави мониторингот и тие ќе доставуваат извештаи до ад-хок телото избрано строго по партиски критериуми. Искрено (можеби субјективно) петтиот член не го познавам и не можам да судам за него, но другите со исклучок на колегата Трпеновски се луѓе кои со „даљинец“ ќе бидат управувани од партиските штабови. Понатаму, СДСМ предложи кандидат за нов одговорен уредник на информативната програма на МРТ. Санта Аргирова ја познавам повеќе од две децении и можам само едно да кажам таа е висок професионалец кој секогаш ги почитувала и сигурно ќе ги почитува новинарските стандарди. Но МРТ е мастодонт кој 25 години е само најобичен трансмисиски каиш на секоја политичка структура. Навистина во овие 10 години на владеење актуелната власт најблаго речено е вградена не само кај новинарите и луѓето кои таму работат на која било функција туку еве бизарно речено во сите пори на МРТ. Имено да не се заборави дека над одговорниот уредник е програмскиот директор кој може да смени секоја одлука на одговорниот. Затоа не очекувајте дека во тие сто дена ќе видиме вистински телевизиски дебати, нема да видиме нешто критично за владејачката структура и фамилијата. Дека ќе слушнеме и видиме прилог во кој се критикува опструкцијата врз СЈО. Убеден сум дека во тие сто дена нема да се види или слушне за сиромаштијата во која живеат околу 30 проценти од населението, односно ќе ја видиме  реалната оптествена стварност.

И сега се поставува основното прашање кога ние како граѓани ќе доживееме да започнат процесите на тоа што странците велат европски стандарди. Односно кога ќе започнат процесите на демократизација на општеството, процеси кои ќе водат кон функционални институции, кои ќе водат кон владеење на правото и независноста на судската власт. Богами се плашам дека од ова нема да има ништо без разлика кои ќе победи. Проблемот е во тоа што ние граѓаните како телиња повторно мирно и дисциплинирано на 11 декември ќе излеземе на избори и ќе им дадеме легитимитет на актуелните ама одамна надминати политички елити. Односно ако веќе немаше критична маса за да се појави нов политички субјект ни останува само да покажеме односно да ја употребиме она  што се вика граѓанска непослушност и да ги бојкотираме изборите. Некој ќе рече дека ова потсетува на некаков анархизам одамна надминат. Можеби, но има цел куп примери кога токму граѓанската непослушност изразена со протести но и други демократски форми предизвикала позитивни промени како кај самите политички субјекти така и во општеството. Тоа е можноста секој од нас прво пред самиот себе покаже дека сме одговорни за оваа држава и за ова општество. Односно да покажеме дека навистина има разлики, меѓу нас како граѓани ви за ви фамилијата на чело со хазајинот Груевски како и двоецот Заев Шекеринска.

Тодор Пендаров

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com