ГЛОГОВ КОЛЕЦ ЗА ОПОЗИЦИЈАТА

Да ги прашам оние кои ги правеле спотовите за здрава храна владините спин-доктори – кога зготвиле дома леблебија нивните баби, мајки, сопруги

Ми се допадна написот во „Утрински весник“ со наслов „Пратениците не менуваат месо за житарки“, во кој се гледа дека до пратениците, по се’ изгледа, се’ уште не допрела најновата кампања од проектот „Остваруваме“ овој пат посветена на здрава исхрана. Пратениците, а и ние вработените најмногу сакаме во исхраната да има месо. Во меѓувреме видов и неколку „реклами“ платени од наши пари (околу половина милион евра) кои ја покажуваат целата бесмисленост на оваа акција.
Во суштина, снимените спотови заедно со рецептите за здрава храна се само лоша копија од познатиот телевизиски канал „24 kitchen“. Само еден пример. Како здрава храна се препорачува наут, или по наше леблебија. Па така леблебијата ја варите, па потоа во блендер да се добие густа маса… па потоа правите од тоа чорба и нормално користите маслиново масло и тоа екстра вирџин ладно цедено, кое чини минимум 250 денари. Да ги прашам оние кои ги правеле овие спотови, да ги прашам владините спин-доктори, па да го прашам и мојот „омилен“ министер за здравство, кога нивните баби, мајки, сопруги, дома зготвиле леблебија. Колку од нив користат исклучиво маслиново масло. Ние овде леблебијата (наут) ја користиме како „грицки“, додека нашите баби ја печеа и мешаа со кафе. Ако ние сме една од трите најсиромашни држави во Европа, како ќе си дозволи едно семејство да купува маслиново масло по цена од 250 денари па нагоре. Не е важно. Важно е по телевизиите да се вртат реклами како власта се грижи за нашето здравје. Односно, проектот „Остваруваме“ мора да тече.

Во рамките на таа грижа за нашето здравје еве се вклучува и градскиот татко кој ќе ни обезбеди чист воздух со тоа што се размислува да се воведе таканаречениот „пар-непар“, односно ние во Дебар Маало би рекле чифт-тек. Во суштина ништо ново за оние од мојата генерација некаде во почетокот на осумдесеттите години од минатото столетие кога тогашниот сојузен премиер, другарката Милка Планинц, ни воведе возење чифт-тек, но причината беше кризата со нафта и нафтени деривати. Неоспорно дека актуелниот возен парк во Скопје и тоа како придонесува за загаденоста, ама што со оние големи загадувачи? Кога веќе еднаш ќе проработат сите мерни станици и кога податоците ќе бидат транспарентни за секој граѓанин?

Во оваа трагична комедија која ја живееме веќе трета деценија во актуелниот момент одлично се вклопува и опозицијата (читај СДСМ). Реално ние имаме зомби-опозиција, на која, за жал, нема кој да и’ „забие“ глогов колец. Во суштина откако „зариба“ онаа легендарна „лада нива“, опозицијата како зомби лута во политичкиот простор. До каде оди ова зомби однесување на опозицијата покажува седницата на Извршниот одбор на СДСМ од средата на која заедно со пратениците се расправаше за бојкотот на Собранието. Актуелното водство, поточно двоецот Заев – Шекеринска, за да ја покрие својата лидерска неспособност инсистира на бојкотот на Собранието, а меѓу пратениците се’ повеќе расте „отпорот“ против ваквите ставови.

Во секое нормално општество каде што дејствуваат одговорни политички субјекти Заев и Шекеринска уште пред шест месеци ќе си дадеа оставки. За жал тие не само што својата партија (СДСМ) ја доведоа во стадиум на „политички зомби“, туку со себе ги повлекоа и помалите партии, како што се НСДП па ЛДП и така натаму. Ме изненадува, на пример, ставот на НСДП кои ако влезат во парламентот, ќе можат заедно со другите три пратеници од опозицијата да направат и своја пратеничка група, а со тоа да учествуваат во сите процеси на договарање и функционирање на парламентот.

За жал, во актуелниот политички момент што се влече веќе шест месеци нема „јунак“ кој на овој навистина зомби политички субјект ќе му забие глогов колец и ќе го ослободи и него и нас од ова умирање на рати. Дури се има впечаток дека на актуелната власт и’ одговара ваква лимбо позиција, или по наше „село без кучиња“, па може да си владее најкомотно. Само погледнете како помина вчерашната седница посветена на пратенички прашања, па ќе ви стане јасно зошто ваквата состојба и’ одговара на актуелната власт. Со еден збор, уште една успешна реклама за актуелната влада и парламентарното мнозинство. И во таа комоција ете сега „хит“ е здравата исхрана, односно користете производи од „шпајзот на моја Африка“! Пардон, јас се’ уште како да сум на каналот „24 kitchen“ и еве се префрлам на „Шпајзот од Македонија“ и се подготвувам да направам салата од шери домати (тоа се оние малине џимпурчиња)!

Ама некој ќе рече – не е се’ црно. Ете, на најновата ранг-листа на „Дуинг бизнис“ ние сме повторно лидери не само во регионот, туку можат да ни позавидат цел куп европски држави. И ако го споменам зголемувањето на платите во администрацијата за 4 проценти, пензиите за цели 5 проценти, можеме да ги простиме сите реклами, а не само оние половина милион евра за здрава исхрана. Е, па, сега баш не дошол нож до коска, па мораме да користиме ладно цедено екстра вирџин маслиново масло, може и зејтин од „Благој Ѓорев“, нели?

А што се однесува до нашиот политички зомби, можеби ќе почекаме да ни дојде некој „експерт од надвор“, па да ни организира неколку воркшопови и да научиме како се забива глогов колец.

п.с. Го злоупотребувам просторот и јавно му се заблагодарувам на Героски, кој по препорака на Фрчкоски ме прибра во 2004 година во „Дневник“ откако добив незаконски отказ од МРТВ – што се покажа и на суд.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com