ГЛОБАЛИЗАЦИЈА – НЕ, БАРОК – ДА

Банално е кога ќе слушнеш од министер дека „топката е во рацете на Атина“. Тоа го знаеме и го слушаме веќе 20 години. Проблемот е што не можеме да ја земеме „топката од Атина“ и да одиграме барем нерешено

Самитот на Г-8 заврши. Додека сите учесници (лидери) веќе се вратија дома, американскиот претседател од Северна Ирска, каде што се одржа самитот, замина во Берлин во официјална посета на Германија. Последен пат Обама беше во Германија пред пет години, ама тогаш како претседателски кандидат. И еден куриозитет од тоа време. Обама тогаш побара да зборува пред берлинците, ама сакаше собирот да се одржи пред Бранденбуршката порта. Тогашната и сегашна канцеларка госпоѓа Ангела Меркел тогаш го одби Обама, со објаснување дека не може секој кој ќе посака да зборува пред Бранденбуршката порта. Обама одржа говор, на кој се собраа двесте илјади луѓе, во еден берлински парк.
Сега Обама не е кој било и затоа овој пат му се дозволи да се обрати, навистина пред избрани посетители, на плоштадот пред Бранденбуршката порта. Еден куриозитет од сегашната посета. Покрај средбата и разговорите со Меркел и претседателот на Германија, Обама се сретна и со лидерот на германските социјалдемократи, Пер Штајнбрук, кој за три месеци на парламентарни избори ќе се соочи со Меркел.

Иако самитот на Г-8, барем за јавноста, помина во знакот на Сирија, што е разбирливо, сепак, не треба да се занемарат и другите теми за кои се расправаше, посебно околу препречувањето на даночните малверзации и перењето пари. Во прифатената и потпишана декларација од сите учесници јасно стои дека владите, односно националните даночни институции (од целиот свет) мораат отворено и без административни пречки да соработуваат меѓу себе и да разменуваат информации. Во декларацијата е истакната потребата овие информации да бидат достапни до државите во развој, каде што е потребна и конкретна помош во борбата против даночното затајување и корупцијата која најчесто ја прават мултинационалните компании.

Некој можеби наивно ќе рече дека сега овие од Г-8 повторно сакаат сите да не’ „усреќат“ и да го направат светот поубав. Не е баш така. Членките на Г-8 не го прават ова ниту од алтруизам или некаква филантропија, туку, пред се’, од свои интереси. Имено, и на Кина и на Русија, ама и на САД или Франција, им е многу важно да го намали одливот на капиталот кон оние даночни рајски дестинации. Како сето ова ќе заврши и колку ова ќе не’ „усреќи“ нас, малите, неразвиени, а богами корумпирани држави, останува да видиме.

Ако самитот на Г-8 го погледнеме во контекст на процесите на глобализација (позитивни и негативни), има позитивна димензија. Во таа позитивна димензија е и учеството на највисоките претставници на ЕУ, Баросо и Ромпуј. Нивното присуство треба да се гледа во контекстот на идејата за договор за слободна трговија помеѓу ЕУ и САД. Ако договорот биде склучен (се зборува за негова примена од 2015 година), ќе претставува многу значајна димензија во целокупните светски односи. Самиот факт дека тоа ќе значи своевидно економско обединување на 50 проценти од светскиот БДП зборува многу. На инсистирање на Франција од преговорите е исклучена „културата“, односно аудиовизуелните содржини, што лично ми се допаѓа. Ако овој договор се реализира се очекува во Европа да се отворат околу 400 илјади нови работни места.

И сега малку виртуелно да шпекулираме. Ако ние заедно со Хрватите добиевме датум, тогаш, ако не годинава ама в година, можевме да бидеме членка на ЕУ. И сега ако од овие нови 400 илјади работни места барем 0,5 проценти се отворат кај нас, тоа значи вработување на 2.000 луѓе. За жал, сето ова за нас е виртуелно. Ама затоа ни малку не е виртуелно дека за неколку дена во Брисел повторно нема да добиеме датум за започнување на преговорите. Навистина, најблаго речено е банално кога ќе слушнеш од министер „топката е во рацете на Атина“. Тоа го знаеме и го слушаме веќе 20 години, а се изредија цел куп министри за надворешни работи. Проблемот е што никако не можеме да ја земеме „топката од Атина“ и да одиграме барем нерешено. Уште побанално е, да не речам и глупаво, кога се прават некакви експертизи и анализи што сакаше да ни каже Рикер за време на неговата посета кај нас. Па, така, ќе слушнете дека Рикер, наш голем пријател, сепак, дојде како висок службеник на Стејт департментот, ама неговата изјава да го следиме примерот на Србија и Косово и да се напуштат некакви митови, за овие аналитичари претставува притисок само врз Македонија, а на Атина и’ се гледа низ прсти. И да биде анализата „поуверлива“, се прави паралела како Американците преку својата стара доктрина ни дадоа морков со признавањето на нашето уставно име во билатералните односи, ама затоа потоа ни го удрија стапот бидејќи преку тоа тогаш помина Законот за територијалната поделба на единиците за локална самоуправа. Тоа што (за жал) референдумот против законот не помина, нека видат каков беше одѕивот во источна Македонија. Ама, овие „аналитичари“, сепак, сметаат дека САД и понатаму се нашите најголеми пријатели и сојузници и ќе ни помогнат.

На вакви контрадикции можеш само се насмееш, навистина кисело, ако се има предвид дека на овој или на оној начин ние се’ повеќе се оддалечуваме од сите процеси како на ниво на регион, така и на ниво на Европа, па ако сакате и глобално, кои со сите свои недостатоци, неправди, сепак, го движат светот во 21 век. Нашиот дух тоне во некое недефинирано минато, па затоа и цената од 6.000 евра за квадратен метар за киоск во барокен стил ни претставува вест која се „продава“ како нашето одење напред…

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com