ГЕНЕТСКИ МОДИФИЦИРАНА ХРАНА

За разлика од хибридните семиња, кои се добиваат со вкрстување на исти организми, овде се внесува ген од сосема различен организам во геномот, на пример, на доматот. Дали е тоа опасно?

Повод за овој текст е агенциска вест објавена во почетокот на неделава во повеќе странски медиуми дека во Конгресот на САД без расправа поминал закон, а претседателот Обама го потпишал, со кој производите на мултинационалната корпорацијата „Монсанто“ не подлежат на проверка дали штетно влијаат врз живите организми, а со тоа нема да може да се водат ниту судски спорови (Monsanto Protection Act).
Корпорацијата „Монсанто“ е најголема и водечка компанија во производство на генетски модифицирана храна (ГМХ), а пред се’ генетски модифицирани семиња на пченка, соја, домат… Оваа компанија која во средината на седумдесеттите години се прочу и како произведувач на бојниот отров „портокалов агенс“ со кој се запрашуваа шумите во Виетнам за да паднат лисјата, а со тоа да се откријат патеките и засолништата на борците на Виетконг. Иако тогаш се тврдеше дека овој „портокалов агенс“ не влијае врз луѓето, се претпоставува дека над половина милион луѓе умреле токму од последиците на ова хемиско оружје. Звучи малку цинично ама по се’ изгледа воената индустрија и земјоделското производство, барем кога станува збор за САД одат рака под рака, а богами и двете се максимално профитабилни.

Што е тоа генетски модифицирана храна? Кога пред неколку години на оваа тема разговарав со професорот д-р Зоран Поповски од Катедрата за биотехничко инженерство при Земјоделскиот факултет тој ми ги објасни работите многу едноставно и разбирливо. За разлика од хибридни семиња кои се добиваат со вкрстување исти организми, во ГМХ имаме внесување ген од сосема различен организам во геномот, на пример, на доматот. Го спомнав доматот бидејќи токму тој пред околу 18 години е првиот генетски модифициран земјоделски производ пуштен на пазарот.

Зошто се прават генетски модифицирани производи? Причините се различни, но целта е една и единствена – профит. На пример, со генетската промена може да се скрати времето на зреење, понатаму, може производот да се направи поотпорен на плевел или други штетници, односно да не се користат заштитени средства; може да се „подобри“, вкусот односно да се добие сакан вкус, па дури и боја. Денеска на пазарот имате сини каранфили добиени токму преку генетска модификација. Во светот се одгледуваат ГМХ земјоделски производи на 140 милиони хектари. Најголеми производители се САД, потоа Аргентина, Кина, Индија, Канада, Австралија. Притоа, најлиберална политика околу консумирањето генетски модифицираното производство на храна имаат САД. Во суштина, денеска во светот речиси три четвртини од производството на соја е генетски модифицирана, речиси половина од памукот, а тука некаде се приближува и пченката од генетски модифицирани семиња. На светскиот пазар денеска имате и генетски модифициран компир, шеќерна и маслодајна репка, а од обид на генетска модификација на 57 земјоделски култури комерцијално се користат десетина.

Во Европа важат многу строги правила за генетски модификувана храна. Во некои држави – Португалија, Шпанија, Чешка, Словачка, Романија и Холандија – на симболични површни се одгледуваат генетски модифицирани земјоделски производи. Во ЕУ ако во производот има 0,9 проценти ГМХ, тогаш тој мора да биде многу видно означен и купувачот може да знае што купува. Кај нас за ГМХ веќе неколку години ги имаме воведено европските стандарди и што е позитивно изненадувачки се спроведуваат во практиката.

Во Македонија нема никакво производство од генетски модифицирани семиња. Кај нас се забранува употреба на препарати кој ја поттикнуваат расата на домашните животни. Станува збор за хормони кои се генетски модифицирани. Оваа проблематика ја следат три министерства: министерствата за здравство, за човекова средина и за земјоделство, секако обединети преку Агенцијата за заштита на храната. Имаме и добро опремена и акредитирана лабораторија, а што е многу важно, имаме и добро обучен и образован кадар. Тоа што е проблем не само за нас туку и за Европа е што анималната храна добиена од животни кои се хранети со генетски модифицирани производи не се одбележува и не може да се контролира.

Се поставува основното прашање – дали сакам на трпезата да јадеме домат или компир кој е прскан со разни пестициди или генетски модифициран? Факт е дека досега нема посериозни анализи и студии за тоа како генетски модифицираните производи влијаат врз човекот или домашните животни. Експертите велат дека се’ уште е рано за вакви анализи, особено кога станува збор за човекот, бидејќи вакви производи на трпезите низ светот има само во последниве 18 години. Можеби влијанието ќе се покаже кај идните поколенија, а не кај нас.

Токму затоа во светот, пред се’ невладиниот сектор остро се спротивставува на користењето и ширењето на генетски модификувана храна. Еден од најпознатите борци против ова е Американката д-р Рима Лејбоу (Rima Laibow). На нејзината веб-страница www. HealthFreedomUSA.org навистина можете да најдете многу информации за генетски модификуваната храна. Оваа лекарка, која дипломирала на еден од најелитните американски универзитети, тврди дека зад генетски модификуваната храна (а ова не го опфаќа само земјоделството, туку и фармацевтската и хемиската индустрија), освен големиот профит има и уште една вистинска апокалиптична димензија. Таа тврди дека крајната цел е да се намали популацијата на земјава за околу 2,5 до 3 милијарди луѓе, а секако жртви ќе бидат државите во Африка Азија, односно сиромашните држави од „третиот свет“, но и оние најниски социјални категории во развиените држави кои купуваат ваква храна поради ниската цена. Секако тоа нема да се случи утре, вели д-р Рима (така е позната во светот), туку тоа е многу долг процес, но со зададена цел.

Тешко можам да ги прифатам прогнозите на д-р Рима за вакви апокалиптични сценарија, но во секој случај, токму таа со својата организација го проби и пласира во јавноста усвојувањето на горе споменатиот закон, кој без расправа беше усвоен во Конгресот. Таа за само неколку дена собра 250.000 потписи против споменатиот закон. Од една страна првата дама на САД, Мишел, во градината во Белата куќа одгледува здрава храна со која се хранат децата, а сопругот молкум потпишува ваков закон. Тука и’ верувам на д-р Рима кога зборува за огромниот профит и за лицемерството и поврзаноста на политиката со мултинационалните компании. Но во едно сум убеден. Експериментирањето со генетски модифицирани земјоделски производи, односно целокупното биогенетично истражување и експерименти ми личи дека ете сега само за профит некој сака да биде современ бог. Човековата историја не’ учи дека секогаш кога човекот „играл“ со природните, но и со општествените законитости, тоа завршило лошо. За жал, не само за тие „мали богови“, туку за милиони обични луѓе.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com