Где су паре – Нема Паре

 

Како бе нема паре. Зарем не се пари оние 140 градинки кои ќе се градат со кои како што пишува „Вечер“ цитирам “Груевски го решава проблемот на иднината на нашите деца“ Ете парите се кај хазаjинот кој како секој добар газда и домаќин денеска би рекле „татко на нацијата“ мисли и се грижи прво секако за себе и „фамилијата“ а потоа и за народот. Или како што по малку богохулно би рекле ние во Дебармаало Бог прво себе си пуштил брада а потоа го создал светот. Како и да е работиве барем според она како се развива случајот Трезор (станува збор за нешто ситно (околу 800.000 илјади евра) иако госпоѓа Фатиме Фетаи вели дека вистината и парите се како шило и излегуваат на виделина, изгледа и овие ќе ги изеде “помрачина“. Овој мој, некој би рекол песимизам, се темели само врз досегашното искуство и практика кај нас кога станува збор за „где су паре“. Еве на пример излегоа ли на видела парите од Октоподот, и пирамидалните штедилници, где су паре од  банката АЛМАКО, Телекомот, Окта, продажбата на „Стопанска“ банка, Електро дистрибуција, каде се оние 400 и кусур милиони долари кои секоја година излегуваат како шише или во некоја друга форма излегуваат од државата, а завршуваат некаде на некое егзотично место познато како даночни рај, а подоцна како странска инвестиција повторно да ни се вратат дома ама понекогаш и за купување на плацови на Водно. Сега ќе речете дека токму затоа го имаме СЈО на чело со госпоѓа Катица Јанева. Да ама погледнете само како завршуваат и оние две три кривични пријави кои со сите опструкции кои ги доживува СЈО од институциите сепак стигнаа формално до судот. А нашето судство кое по се изгледа се темели врз тефтерчето на “фамилијата“ ја има дигната „рачната“ до крај, па дури ниту најблагата мерка која ја предлага СЈО како што е одземање на патна исправа не поминува. Инаку како илустрација во Романија посебната јавна обвинителка Лаура Кодрута Ковеси (Laura Codruța Kövesi) само за нешто повеќе од година дена во буџетот на Романија врати над 300 милиони евра пари од коруптивни зделки. Убеден сум дека тој филм, односно таква сума на пари ние никогаш ќе ги видиме вратени во буџетот.

И тука не завршува нашата трагикомедија со работен наслов „Где су паре – Паре нема“. Уставниот суд никако да ја стави на дневен ред иницијативата за оценување на уставноста на Законот за СЈО. А бидејќи треба да почнат и кадровски промени во Уставниот поради завршување на мандатот на претседателката и на уште еден член не верувам дека тоа предметот на СЈО годинава поточно пред изборите ако ги има во декември ќе дојде на дневен ред. Освен ако странците повторно за „уши“ не ги влечат како што беше со поништувањето на одлуката за распуштање на парламентот во јуни.

Понатаму како помина во Собранието предлогот на опозицијата (СДСМ) за измени на неколку закони кои ги бара СЈО. А тоа се укинувањето членот од Законот за СЈО кој го одредува, речено на шега, рокот на траење на СЈО и измени на Законот за заштитни сведоци.

Сето ова наведува дека власта едноставно го држи и платното и ножиците и може кога нејзе и одговара да го скрои и спакува СЈО како што сака. Добро странците реагираа како што реагираа, (бараат поддршка за СЈО) Идната недела се очекува се очекува да ни дојде еврокомесарот Хан. Е, де оној за кој некои од медиумите од „демократски маштап“ пишуваа дека “чоекот“ има бизнис интереси кај нас.

Како и да е нашата агонија продолжува и ќе продолжи и по изборите па без разлика дали ќе победи актуелната влас или опозицијата. Лично мислам, барем во овој момент, ако на изборите е присутен и Груевски (во политичка смисла на зборот) односно е на листа ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник, па макар и со еден пратеник повеќе. СДСМ и опозицијата на чело со Заев иако имаа и програмски конгрес а се појави и Бранко Црвенковски што реално гледано е добро во овој момент за партијата, за жал не понудија нешто што ќе ги привлече посебно неопределените и оние кои се разочарани од владеењето на „фамилијата“.

И сега повторно ќе се повикаме на странците. Одговорот мислам многу добро го даде почитуваниот Зеколи во неговата последна колумна во Утрински. Имено Груевски се уште има употребна вредност кај меѓународниот фактор кога станува збор за стабилноста како на државата така и регионот. За жал двоецот Заев-Шекеринска не успеа таа употребна вредност ниту да ја намали односно не се наметнуваат како фактор кој ќе донесе стабилност во државата и во регионот а во истовреме ќе го започне процесот на вистинска демократизација дома. Ако мислат со оние убави ветувања на пример 12.000 денари минимална плата (утопија во овој момент) ќе ги добијат гласовите дома, е богами тешко. Левицата која барем според она што неодамна на една од телевизиите го изнесе еден од нејзините лидери, се обидува со некакви модели на граѓанско општество да влезе во парламентот исто така е на стаклени нозе. Десницата која ја „фура“ Павле Трајанов барем засега сѐ уште дефинитивно не е формализирана во смисла кој се е дел од тој десен блок и кои се програмските определби. Она што го вергла Кекеновски демек ние (Фродем) сме „автентичните“ ВМРО-вци не поминува ниту во неговото маало а камо ли во пошироката маса на потенцијални гласачи кои сега се незадоволно со актуелното водство на ВМРО-ДПМНЕ. Тука барем во овој момент не е јасна улогата на ВМРО-НП и Георгиевски.

Работиве во моментов можат да се променат само ако Груевски и „фамилијата“ направат некоја поголема самоубиствена грешка, на пример Уставниот да го укине законот за СЈО, или ако не се прифатат измените кои ги бара СЈО. Како и да е, се  плашам дека прашањето „Где су паре“ ќе остане неодговорено односно Нема паре како и во изминативе 25 години останува да   биде нашата судбина. Ама се плашам дека сега  од ово па до некое ново “форматирање“ на државата верувајте е потребен само еден клик.

Тодор Пендаров

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com