Врати се Бранко

Како што тргнале работиве, особено околу аферата со фалсификуваните лични карти, се создава перцепција дека СДСМ фалсификувал лични карти, ама ВМРО-ДПМНЕ излегла поербап и во серија победува

Мојот „омилен“ министер за здравство, Никола Тодоров, неделава ја преживеа интерпелацијата. Верувам дека ниту еден читател на „Утрински“ не веруваше дека е можно интерпелацијата да помине. Самата собраниска седница, која како што е уредено со Деловникот траеше точно до полноќ, помина во оној типичен фолклорен западнобалкански манир. Мојот „омилен“ министер за здравство во своето експозе повеќе личеше како министер за градежништво, па така нè запозна колку покриви, санитарии и слични зафати се направени во амбуланти и болници и така натаму. Спомена колку нова медицинска опрема и технологија се купени, што е точно и е позитивно. Ама, за жал, не спомена, на пример, колку од закажаните прегледи преку „мој термин“ не се реализирани, колку доктори од јавното здравство си заминаа што по приватните болници, што надвор од државата. Она поради што секој министер во нормална држава, ако сам не си поднесе оставка ќе беше разрешен, се трагичните примери со малата Тамара, потоа родилката и нејзиното бебе од Гевгелија … Ако некој некогаш се сети да ги проучува сите досегашни интерпелации кај нас, верувам дека ќе ја потврди мојата теза дека ние, според нивниот број, сме во врвот на Европа, па и пошироко, и тоа само за неполни 25 години парламентаризам. Зошто, ќе се праша некој. Одговорот е многу едноставен. Во државите каде што парламентарната демократија и практикувањето на власта се нормални, интерпелациите се ретки: ако супербрзиот воз Токио-Осака доцни, министерот за транспорт чувствува одговорност и си поднесува оставка. Или ако министерката за труд и социјална политика на Шведска си плати такси со службена картичка, дури и кога по една седмица ги враќа државните пари, сепак си дава оставка. Да го потсетам мојот „омилен министер“ на неговиот веќе бивш колега од Црна Гора, ама да го потсетам и премиерот на случајот со министерот за одбрана на Србија кој за една несреќна изјава беше разрешен. Вакви, на прв поглед, бизарни примери можам да набројувам барем за една цела страница, ама кај нас имавме само една оставка во сите овие години на балканско практикување на власта и фолклорно разбирање на парламентарната демократија.

Веднаш по интерпелацијата, ние како граѓани го преживеавме обраќањето на нашиот претседател. На галеријата од собраниската сала имаше многу дипломати, но затоа во новогодишно украсената сала имаше повеќе лампиони отколку пратеници (оваа компарација ја позајмив од сајтот на еден медиум). СДСМ и ДУИ традиционално го бојкотираат вториот мандат на претседателот Иванов. Што се однесува до неговиот говор, тој може да се стави во рамката на оценката за Иванов дадена од Али Ахмети: „Човекот не е лош, ама нема ништо добро направено за Македонија“. Интересно, Иванов речиси една третина од говорот посвети на неговата меѓународна активност и воопшто состојбите на светската сцена, а говорот сепак го заврши со надеж дека 2016 ќе биде подобра од годината која ете заминува. Чудно, изгледа ниту тој ниту неговиот кабинет не ја прочитале анализата на Ројтерс кој најавува дека 2016 ќе биде потешка од 2015 година.

Во рамките на случувањата неделава, го доживеавме и првиот процес на новоформираниот Граѓански суд (Tribunus Civilis). Во суштина, ништо ново. Идејата е од 1967 година, кога познатиот филозоф и нобеловец Бернард Расел и Жан Пол Сартр формираа ваков суд. Првиот процес беше против САД и нивните воени злосторства во Виетнам. И за нашиве помлади читатели – со судот во овој процес претседаваше Владимир Дедиер, познат југословенски историчар и еден од првите југословенски дисиденти. Судот и денеска постои и работи, а последен процес беше за настаните во Украина. Се надевам дека нашиов Tribunus Civilis нема да има краток здив и дека нема да прерасне во некаква политикантска алатка.

Како што забележувате, Пржино, Клубот на пратениците, Анкетната комисија не ги споменувам. А богами нема и зошто. Сето ова полека се сведува на палома-хартија. Еве, на пример, одлуката да престане политичкото рекламирање. Ама на една од патриотските телевизии, и тоа во утринската програма, весело си тече полускриено политичко рекламирање. И кога некои од граѓаните го забележаа ова, водителката храбро ги обвинува дека станале на лева нога и дека сакаат да создаваат негативна енергија. Нè интересира дали повиканите институции, агенции, здруженија, етички тела и други ќе реагираат на ова.

Но да се вратиме на договорот од Пржино. Освен формирањето на Специјалното јавно обвинителство, а госпоѓата Катица Јанева се покажа како упорна личност која си го бара своето што ѝ следува со закон и полека го остварува, сè друго е веќе палома-хартија. СДСМ, поточно двоецот Заев-Шекеринска, одамна ја изгуби предноста која ја стекна летово. Иако и двајцата се „политички деца“ на Бранко Црвенковски, за жал, ниту до колена не стигнале на својот политички „татко“. Не знам колку од вас го гледаа последното телевизиско интервју на Заев, ама нема да ме изненади, ако сега се појават повици: „Врати се Бранко, сè ти е простено“.

Зошто го велам ова? Па, како што тргнале работиве, особено околу аферата со фалсификуваните лични карти, се создава перцепција дека СДСМ фалсификувале лични карти, ама ВМРО-ДПМНЕ излегло поербап и во серија победува. Понатаму во споменатото интервју, Заев сто пати повтори „јас“ ова, „јас“ она – аман од тоа „јас“. Ако Заев не знае како, кога и колку често треба во политичко интервју да се користи заменката „јас“, тогаш неговите ПР-експерти требало да го подучат.

Од друга страна, премиерот Груевски кој им упати честитки на јавните обвинители и полицијата кои ја открија аферата со личните карти (уште еден рекламен потег, бидејќи на полицијата и обвинителството тоа им е работа) вели дека некои ја киднапирале државата и „нашето трпение се ближи кон крајот“. Не знам кои се тоа ние – неговата партија, народот или партиската врхушка. Да го потсетам: ако некој се обидел да ја киднапира државата, негова должност и обврска е тоа да го спречи, па за тоа и го гласавме, а не за купување „мерцедес“ од 600 илјади евра. Ама кај нас поминува сè и киднапирање на држава и „мерцедеси“ од 600 илјади евра и редица инвестиции од Белизе и чудни договори за изнајмување куќи или сопствени станови и ред други, најблаго речено, егзотични политикантски работи.

Но затоа ниту малку не се егзотични загадувањето и маглата. Скопскиот градоначалник вели дека за ова е виновна природата, демек Господ не ни испраќа ветер за да го расчисти воздухот. Добро, ние навистина имаме многу гревови, особено нашиве политичари, ама сепак далеку сме од Содома и Гомора, па Господ да нè казнува.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com