ВО СЛОВЕНИЈА НЕ Е ВЕЌЕ ЗДОДЕВНО

По изборите на 4 декември, сигурно ќе биде рекомбинирана политичката сцена

На четврти декември, во Словенија ќе се одржат парламентарни избори. Избори кои со сигурност носат промени на власта, но тоа што е, исто така, новина е фактот дека по изборите политичката сцена и воопшто општествените состојби ќе бидат многу изменети.

За Словенија, која во изминативе 20 години секогаш имаше коалициски влади, ова се први вонредни избори. Навистина, на два пати, во различни мандатни периоди, со прегрупирање во парламентот, се сменија владите, но ова преставува новина за словенечките граѓани. Владата на премиерот Борут Пахор падна, затоа што не и’ помина на референдум за реформата на пензискиот систем. Интересен е фактот дека токму тие кои пред нешто повеќе од три години го донесоа Пахор и неговите социјалдемократи на власт (најголемите синдикати) и пензионерите кои партиципираа во власта, ја урнаа владата на Пахор.

Факт е дека зад актуелната политичка состојба стојат последиците од економската криза, која во Словенија се почувствува во поголема мера имајќи предвид дека 80 проценти од домашниот бруто-производ, кој во 2010 година изнесуваше 35,4 милијарди евра односно 17.331 евра по жител) го остварува преку извозот. Словенечкиот граѓанин кои од една страна има високо развиена свест за своите обврски кон државата и општеството во целост, во исто време очекува државата да ги оствари своите обврски за него. Со 500 евра најниска плата и со 1.000 евра просечна плата, со добро водена социјална политика и заштита, во Словенија се живееше барем досега „комотно“, дури и малку здодевно.

Како ќе се живее во иднина? Ова прашање сега си го поставува и просечниот словенечки граѓанин. Тој граѓанин очекува од политичките елити многу јасно, едноставно и без празни а нереални ветувања, да му се каже што го очекува по изборите. Словенечките избирачи се подготвени ако е потребно да прифатат да го затегнат ременот, ама сакаат да знаат за колку и колку долго тоа ќе трае, отколку да им се ветува дека по изборите ќе тече „мед и млеко“. Словенија во предизборието не ги познаваше оние наши изборни митинзи и долги колони автобуси во кои се превезуваат симпатизери од една на друга локација, создавајќи слика дека, ете, народот е со нас. Предизборието во Словенија, ако го гледаме од наш агол, е повеќе здодевно отколку интересно за да биде прва вест во информативните емисии или, пак, за насловна страница на весниците. Од друга страна, политичките дебати во електронските медиуми и соочувањето на политичката понуда беа редовно следени од граѓаните и имаат големо значење.

Тоа што е новина за овие вонредни избори е дека се појавуваат два сериозни нови политички субјекти, што ја разбранува политичката сцена. Бидејќи немаше време за формирање на партии и двата субјекта на изборите ќе настапат со таканаречени независни листи. Првата е на актуелниот градоначалник на Љубљана, познатиот Зоран Јанковиќ. Станува збор за политичка групација (најавено е дека ќе прерасне во партија) која ќе биде со централнолевичарска политичка опција. Зад Јанковиќ застана и Милан Кучан, првиот претседател на Словенија, кој ужива висок кредибилитет во словенечката јавност. Исто така, голем број познати интелектуалци, уметници и воопшто познати лица во Словенија му дадоа поддршка. Тоа што е карактеристично а се случува за прв пат, веќе неколку пратеници од социјалдемократите на премиерот Пахор најавија дека преминуваат кај Јанковиќ.

Вториот нов политички субјект е Грегор Вирнат. Во Словенија Вирнат е познат од 2004 година кога Јанез Јанша победи на изборите и тој го доби новоформираното Министерство за јавна администрација, иако формално никогаш не бил член на Словенечката демократска партија предводена од Јанша. Интересен е и фактот дека тој во сите анкети во тоа време беше оценет од јавноста како најуспешен министер. Во суштина, овие два нови политички субјекти, едниот лево а другиот десно од центарот, претставуваат сериозна закана како за левицата така и за десницата во Словенија, ако може воопшто да се зборува за ваква класична поделба.

Што со старите партии и политичари? Сите истражувања покажуваат (најновото е од 3 ноември) дека Јанша, Јанковиќ и Вирнат ќе бидат првите три партии со најмногу освоени гласови. Лично типувам дека Јанез Јанша ќе биде новиот премиер. Борут Пахор и неговите социјалдемократи не само што ќе ги загубат изборите, туку е прашање дали како опозиција ќе бидат значаен субјект во идниот парламент. Секако, најголем губитник на претстојните избори ќе биде партијата Зарес на Грегор Голобич, кој беше министер за образование во владата на Пахор. Анкетите покажуваат дека оваа партија е на граница на изборниот праг за влез во идниот парламент. Можеби во моментов сигурно влегуваат словенечките либерали на чело со шармантната Катарина Кресал. Аналитичари предвидуваат дека на овие избори малите партии имаат многу мали шанси да влезат во парламентот.

Иако формално предизборната кампања се’ уште не е започната, таа во Словенија добро се чувствува. Дури со некои потези и изјави на лидерите на политичките партии може да се навести дека таа ќе биде многу пожестока од досегашните. Односно во оваа наша некогашна братска република која себе си се дефинираше како дел од Средна Европа (во културна и во политичка смисла на зборот) сега како се враќа балканскиот политички менталитет и балканската политичка култура. Барем нема да биде здодевно како што беше досега, ми рече деновиве еден мој словенечки пријател.

(Авторот е државен службеник

и ги изразува своите лични ставови)

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com