ВО ПОЛИТИКАТА НЕМА БЕСПЛАТЕН РУЧЕК

Дури не е ни важно дали формален победник ќе биде СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ ќе ја оствари својата „историска победа“. Цехот ќе го платиме ние обичните граѓани

И така, Законот за лустрација заедно со Комисијата која го „спроведуваше“ законот на чело со незаменливиот претседател заврши таму и каде што почна, во Собранието. Имено во средата на пленарна седница беше изгласан предлогот на Владата со кој се укинува овој закон.

Без лажна скромност, јас бев против овој закон уште од самиот почеток кога почна да се пишува. Исто така без лажна скромност можам да се пофалам дека ако не се лажам не’ има само тројца новинари, или ако сакате бивши новинари, кои имаме „пемпеле“ (потврда по дебармаалски дијалект) од споменатата комисија дека не сме соработувале со службите, односно не сме биле кодоши. И да не заборавам, има уште еден „новинар“ познат како „Ало, началниче“, кој има потврда од веќе бившата министерка за внатрешни работи дека не бил соработник на ниту една странска служба!? Е, верувајте дека овој „Ало, началниче“ е единствена личност во целиот нормален свет кој има ваква потврда, а нашата ни министерка, позната по својот скопски дијалект „Шо праиш“, е единствен министер кој издал вакво „пемпеле“. Нејсе, Законот е укинат. Зад себе, наместо вистинска лустрација, остави пустош. Се прашувам како денеска се чувствува господин Андов, кој беше иницијатор за донесување на овој закон и тоа цели шеснаесет години по осамостојувањето. Иако, на пример, колегата Ѓорговски од МРТВ уште далечната 1993 пишуваше за потреба од ваков закон, ама тогаш му рекоа дека „кукурика“ многу рано и тој заврши во „лонец за супа“. Како се чувствува онаа тројка која го пишуваше законот, кој навистина доживеа цел куп измени.

Патем, едниот е моментално во дипломатија, другиот дотурка до советник на претседателот, а третиот (почитувајќи ја пресумцијата на невиност), заглави во кривична постапка, навистина од други причини.

И сега, некој ќе се праша зошто преку ноќ ваква одлука на Владата која мазно помина во Собранието. Одговорот е повеќе од јасен. Законот за лустрација, а уште повеќе неговата најблаго речено, чудна примена (патем лустриравме цел куп веќе умрени лица, како и лица кои активно работеле во тие служби што ниту Германија по обединувањето не ги судеше), секогаш беше една од многу те критички забелешки што ни доаѓаа како од Европската комисија, така и од Советот на Европа, Стејт департментот, а споменат е и во извештајот на Прибе. И ете, кога деновиве повторно ќе ни дојдат од Брисел, Владата богами ќе има со што да се пофали. Од укинувањето на Законот, па се’ до тоа дека веќе нема владини реклами на телевизии, ама затоа има вести дека досега има над 43 илјади повици на бројот Ало докторе, или дека се започнала реконструкција на училиште во Скопје и чешма во некое село, секако со пари на локалната самоуправа, ама и со помош на надлежното министерство. Понатаму, нема купување на гласови, но владата носи одлука да надоместува дел од каматите од ИПАР-кредитите. А, опозицијата богами ќе се пофали како го фатиле премиерот Груевски, кој со семејството летува во Израел и тоа го сликале на плажа како се сонча и носи очила, ни повеќе ни помалку туку шеесет илјади евра? Аман, поголем идиотизам богами тешко ќе најдеш и во Тунгузија.

За волја на вистината, за ваквите глупости донекаде е виновен и Кабинетот, односно службата за информирање на Владата. Имено, не е ништо страшно ако пред одењето во Израел од службата беше издадено соопштение дека премиерот со семејството оди на одмор во Израел (зошто да не?). Дека ќе биде отсутен десет дена или две недели и дека во тој период него го менува еден од вицепремиерите, односно еден од потпретседателите на Владата. Патем, така е во сите нормални држави, а нема да верувате, така беше и за време кога владееше Маршалот.

Понатаму, опозицијата навести дека од 1 септември доаѓа во Собранието. Добро, ама на опозицијата нема да и’ падне круната од глава ако на пример уште сега решат некои на прв поглед технички прашања. На пример, дали ќе имаат само една пратеничка група или како што беше во минатото НСДП ќе формира уште една пратеничка група. Понатаму, прашања сврзани со претседателите на комисиите и секако нивни членови, да не споменувам и потпретседател на Собранието. Прашања кои на прв поглед личат на технички, ама не е така бидејќи мора да поминат преку соодветна деловничка процедура, а тоа одзема време. И еден мал совет, ако актуелниве пратеници од СДСМ овие прашања не ги разбираат, односно не ги знаат, им препорачувам да го консултираат господин Јани Макрадули, кој беше добар потпретседател во минатиот мандат и добро ги познава сите процедури, па ако сакате и Деловнички „финти“.

Секако, дали идните избори ќе бидат фер и демократски, ќе зависи најмногу од реално пречистен избирачки список и квалитетни измени на изборниот закон. Бидејќи нов попис нема да може да се направи до април, како една од можностите за пречистување на избирачкиот список е граѓаните „на ново“ да се пријавуваат сами. Нешто слично како што е на пример во САД. Е, ако се отиде на ова имајќи предвид дека ние како граѓани сме крајно немарни, да не речам и неодговорни, ваквата опција веќе во старт обезбедува чиста победа на ВМРО-ДПМНЕ. Некој ќе рече зошто? Од едноставна причина што ВМРО-ДПМНЕ, ако треба почнувајќи од Груевски, па до секој претседател и член на општинските или месните организации со сопствени возила ќе одат од куќа до куќа и ќе ги носат граѓаните да се пријават во тој нов избирачки список. За разлика од нив, СДСМ се’ уште е на ниво на салонска револуционерна партија.

Понатаму, можеби најважно ќе биде во кој правец ќе одат измените на изборниот закон. Сега најчесто слушаме барање (пред се’ од ДОМ) за една изборна единица, изборен праг и отворени листи. Не знам по кој пат пишувам дека една изборна единица не може да има ниту има некаде. Друго е прашањето кога освоените гласови за секоја партија се бројат на ниво на цела држава. Понатаму, мислам дека би било најдобро изборниот праг да се движи од минимум 2 проценти и не поголем од три проценти од излезените гласачи.

Околу дилемата отворени листи, демек било голема демократска придобивка. Уште една неточна глупост, барем кога станува збор за Македонија и нивото на нашата политичка култура. Имено, еден од предлозите е отворена листа (фактички тоа се полуотворени листи) да би важела од шестото место надолу. Односно, за првите пет кандидати тоа не би се однесувало. Понатаму, ако јас имам можност од предложените кандидати да избирам едно име, мора да се даде и можност некој едноставно да може да ја бира листата онака како што е составена. Верувајте дека кога ќе дојде до броење ќе треба барем две недели да се пребројат. Втора работа се големите предизборни коалиции. Ако кај нас со закон ова прашање не се регулира, во некои држави тоа е забрането, во некои тоа се ограничува со подигањето на изборниот праг (Чешка), повторно ќе си имаме двопартиски систем иако формално, верувале или не, во парламентот имаме, ако не се лажам, 19 партии.

Што со малите етнички заедници? Мислам дека за почеток ако ги укинеме трите пратенички места од нашата дијаспора и од нашите 120 за нив одделиме плус две места, а притоа го користиме хрватскиот модел кога станува збор за малите етнички заедници, сме го решиле проблемот. Што се однесува до нашата дијаспора, таа треба и понатаму да има можност да гласа како што е тоа речиси во сите европски држави, но да гласа за оние 120 пратеници кои ги избираме овде дома. Мислам дека ова е најдобро, а во исто време и најевтино, го имаат решено Словенците и многу лесно можеме да го преземеме нивниот модел, односно нивниот изборен законик. За жал нашава „голема“ четворка, кога станува збор за зачувување на нивните фотелји, за вакви промени не сака да чуе.

Понатаму, ако веќе опозицијата, односно СДСМ, постојано зборуваат за демократија, кога станува збор за измени и дополнувања или пак за нов изборен законик, во преговорите мора да ги вклучат и малите партии, па дури и оние кои не се во парламентот, како ВМРО-НП, Алијансата и други. Но, не верувам дека од сето ова нешто ќе се прифати, односно суштински ќе се смени. Односно, како што веќе напишав на 24 април, ако има избори ќе победи сегашниот систем кој така „успешно“ го градиме 25 години. Дури не е ниту важно дали формален победник ќе биде СДСМ или дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја оствари својата „историска победа“. Цехот ќе си го платиме ние обичните граѓани, односно како што велат на Запад, во политиката никогаш нема бесплатен ручек.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com