ВМРО-ДПМНЕ – Груевизмот going on

 

Она што се случи на вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово не беше изненадување туку предвидливо и очекувано. Со изборот на Христијан Мицковски за лидер-кукла на партијата, а Никола Груевски прогласен за почесен претседател е јасно дека Груевски и фамилијата и понатаму ја имаат заробено партијата,и тоа користејќи пред се две методи, клиентелизам и сеење страв и ригорозни казни за „непослушните“ кои ете забиваат нож односно ножиња во грбот на хазаинот (газдата) Груевски а со тоа и на „светите идеали“ на партијата. Во својот говор кој содржински беше еден архаичен настап на политичар од типот на шпанскиот каудиљо (Caudillo). По не знам кој пат ги слушнавме оголените фрази за патриоти и предавници и тоа како внатре во партијата така и на ниво на државата. Тој го повика новото водство на партијата да ги казни внатрешните предавници, односно што би рекле ние кои израснавме во еднопартискиот систем да ги „диференцира“. За Груевски актуелната влада е октроирана со една единствена цел да го „продаде“ уставното име и со тоа да ја разнебити државата и македонскиот народ. Ама тој заедно со фамилијата и новиот „кукла – лидер“ тоа нема да го дозволат. За споредбата што ја направи со разголената студентка навистина не заслужува коментар бидејќи копук си и е копук. За настаните од 27 април посебно тепањето на пратениците според Груевски било погрешно ама не кажа кој бил тој „генијален ум“ кој ја испланира целата „акција“. Имено се што од последните парламентарни избори работи ВМРО-ДПМНЕ во суштина некој „генијален ум“ се обидува да ја инструментализира партијата за да го спаси Груевски и фамилијата од правна разрешница. И ете сега Груевски навести дека партијата во Собранието ќе поднесе закон со кој би се амнестирале сите кои учествувале во крвавите настани од 27 април. И колку да звучи неверојатно тој очекува ДУИ да го подржи законот бидејќи во негово време беа амнестирани таканаречените хашки предмети во кои имаше осомничени за воени злосторства. И ако се сеќавате тогаш Груевски глумеше демек тоа не било негова работа туку на парламентот и парламентарното мнозинство односно што би рекле Босанците „извините нисам одавде“. Вакви и слични „бисери“ од долгиот говор на Caudillo Груевски има уште многу но ќе споменам само уште еден. Имено тој на новиот „лидер-кукла

„му остави аманет“ да работи на привлекување на албанските избирачи! Ама да се прашаме што тој кој единаесет години беше во коалиција со албанските партии направи да придобие барем сто албански гласови. И сега се поставува прашањето во кој правец ќе оди ВМРО-ДПМНЕ. Едно е сигурно, додека Груевски и фамилијата се „внатре“ во партијата таа и понатаму ќе тоне како дома така и на меѓународната сцена. Можни се неколку сценарија. Првото е да се чека преку правна разрешница политички да се елиминира Груевски и наметнатиот груевизам во партијата. Второто е партијата да се фрагментира на неколку нови партии. (Веќе видено и без резултати) Третата опција е пратениците и оние други видни партиски членови кои го потпишаа барањето за одлагање на конгресот да продолжат што би се рекло одвнатре да го демонтираат груевизмот. Секако другите фракции (Фродем, Реформистите) би требало да се вклучат   но сите би требало да ги надминат своите суети и заедно да работата еднаш за секогаш Груевски со фамилијата како и воспоставениот систем на владеење (груевизмот) да го испратат на историското буниште. Останува да видиме дали „проклетство“ кое го следи ВМРО, низ неговиот историски развој а кое така „успешно“ го презеде ДПМНЕ од своето основање па до денес, сега ќе биде симнато!?  Сакале да признаеме или не но тонењето на ВМРО-ДПМНЕ има негативни последици и врз државата во целост. А зошто е тоа така? Одговорот е многу едноставен ние како народ за жал спаѓаме во групата на таканаречени неисториски народи. Односно народи кои произведуваат историја ама не учат од неа и затоа историските грешки им се повторуваат. Во суштина сето ова што се случува со ВМРО-ДПМНЕ е само едно камче од мозаикот кој го редиме еве веќе 26 години а не е завршен ама има работен наслов „Македонија неуспешна приказна“. И веднаш да расчистиме. Зад сето ова не стојат некои мрачни сили однадвор на пример соросоидите или некои други белосветски багабонти што би рекле кај мене во Дебармало. Не тоа си го правиме автохтоно ние самите. Еве илустрација. Во далечната 1941 година по окупацијата на поголемиот дел од Македонија (тогашна Вардарска бановина) од страна на Бугарија како сојузник на фашистичка Германија, тогашниот генерален секретар на КПМ Методи Шаторов Шарло ја приклучува Комунистичката партија на Македонија кон Бугарската Комунистичка Партија? По по протестот на КПЈ и интервенција на Коминтерната оваа одлука е повлечена а Шарло сменет. Бугарија втората светска војна ја заврши како поразена страна и мораше да плаќа воени репарации. Се прашувам каков ќе беше историскиот развој на македонскиот народ и држава ако останевме тогаш со БКП. И сега одеднаш Светиот Синод на Македонската Православна црква – Охридска Архиепископија поради познатиот децениски спор со СПЦ бара Бугарската Православна Црква да биде наша мајка црква која ќе ги застапува нашите интереси во православниот свет и до другите помесни цркви. И кога веќе така лесно ги менуваме мајките еве една на прв поглед херетичка идеа. Наместо да бараме нови „мајки“ ајде да го следиме духовниот пат Митрополитот Теодосие Гологанов или на Гоце Делчев … Патем до нашата научна фела ама и до новинарите истражувачи (ако ги има). Малку погледнете во архивите на Ватикан ама и во Цариград па ќе научите колку Македонци до 1912 година биле унијати. Ама како што реков ова е херетичка идеја посебно сега кога на рамниште на духовноста имаме нова „црква мајка“.

Тодор Пендаров

 

 

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com