ВЛАДАТА ЈА ПОЧНА АГЕНДАТА ОД 1 ЈАНУАРИ

Интервјуто на премиерот за МТВ беше целосно уривање на сите новинарски стандарди од страна на новинарот што го водеше

Старата година ја испративме, а новата ја дочекавме строго според „принципите“ на официјалната владина политика „24/7“, односно „остваруваме“ и „отчетност“. Така, крајот на 2013 го поминавме со долгото интервју на премиерот за МРТ, кое јавниот сервис го сврте сто пати. Во некогашното едноумие такво нешто не се правеше со ниту еден функционер, без разлика дали е тоа на сојузно или на републичко ниво. Јавниот сервис МРТ оваа постапка, најблаго речено, надвор од сите медиумски стандарди, ја прави од осамостојувањето редовно кога станува збор за „премиер“. Интервјуто го изгледав, ама со мака, или подобро речено, со гнев. Не поради она што ни го кажа премиерот, туку поради тоталното уривање на сите новинарски стандарди од страна на „авторот“ на ова интервју. Вакви типови баба ми ги нарекуваше „вртикапи“. Во суштина, владините спин-мајстори добро го подготвиле интервјуто, секако поаѓајќи од степенот на (не)развиеноста на политичката култура и длабоката и остра поделеност на широката јавност на наши и ваши, односно патриоти и предавници. Премиерот своите одговори најчесто ги илустрираше со убави бројки. Навистина точни, ама извадени од еден поширок контекст, при што тие исти бројки имаат сосема поинакво значење, а тоа владините спин-доктори добро го направиле. Кој знае по кој пат и во кои се’ не пригоди премиерот не заборави да не’ потсети како било кога во веќе далечната 2006 година СДСМ ја изгуби власта. Во суштина едно типично агитпроповско интервју, кое е наменето и добро пали во држави со недостиг од демократски капацитет и владеење на правото. Понатаму, во сиромашни држави со голем процент на сиромашни луѓе, уништена средна класа и многу тенок слој на богати кои се тесно поврзани со владејачките структури. Држави во кои ако не владее стравот, тогаш владее апатијата, иако најчесто и двете, па затоа и граѓаните стануваат се’ повеќе апатични и несреќни. Ако во сето ова ја препознавте нашата татковина, нашата „библиска“ и „вечна“ Македонија, тоа не е случајност туку жална реалност.

Од интервјуто, барем за мене, значајни се две работи. Прво од нашите евроатлантски интеграции во 2014 нема да има ништо. Изјавата дека ние ќе влеземе во ЕУ и НАТО тогаш кога тие ќе бидат подготвени да не’ примат го потврдува ова. Груевски и владејачката коалиција ова ќе го оправдува со внатрешните проблеми на ЕУ, плус Грција како претседавач не ја интересира проширувањето. А во ЕУ годинава ќе има и избори за Европскиот парламент. Па реално е да очекуваме едноставно да не’ стават на слеп колосек барем до октомври. Во 2014 ќе се наслушаме за нашите максимални залагања во рамките на ОН да го решиме наметнатиот проблем со нашето уставно име од страна на Грција. Па, некаде на крајот на 2014 да ни кажат дека и ОН не се тоа што би требало да бидат, односно цел свет е против нас. Па, разбирливо, нели ние сме попокот на светот.

Втор интересен заклучок кој може да се извлече од интервјуто е дека на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ им одговара заедно со претседателските избори да има и парламентарни. Објаснувањето е многу едноставно. Ако се оди на редовни избори во 2015 година оваа владина коалиција (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) пред своите избирачи ќе треба да објасни како за 7 години владеење (ВМРО-ДПМНЕ девет) не успеа да направи мал чекор во остварувањето на евроатлантските интеграции. Ако некој очекува дека во 2014 со оние дваесетина нови инвестиции (засега само во најава) ќе се направи пресврт во економијата, тогаш е повеќе од наивен… Економскиот тим на Владата добро ги знае и верувам ги анализирал сите економски параметри, секако само за интерна употреба. Односно, ако се оди на редовни парламентарни, некаде пролетта 2015 дури и со ваков изборен закон, избирачки список и контрола врз медиумите, тешко ќе биде на граѓаните да им се објасни зошто сме на ова дереџе и по 9 години „успешно“ и бериќетно (за многу тесен слој) владеење. Во интервјуто премиерот многу јасно истакна дека тој е подготвен своите политики веднаш да ги провери на избори. Дали со договор меѓу коалицискиот партнер, што барем засега не оди мазно. Дали со полускриен флерт со ДПА? Или пак повторно како клен на дудинка ќе се фати СДСМ, релативно брзо ќе видиме… Но, сигурно ќе се оди, бидејќи в година балонот на владината непопустливост за името ќе биде и целосно издишан.

Инаку, Владата (поточно, делот на ВМРО-ДПМНЕ) во духот на својата политика „Остваруваме 24/7“ веќе на 1 јануари се растрча работно. Премиерот сечеше лента за нова трафостаница со говор за енергетската политика на оваа Влада. Министерката за внатрешни при посетата на полициска станица Центар изјави дека новогодишната ноќ поминала според сите параметри, многу помирно отколку други „нормални денови“. Министерот за труд и социјална политика (со него владините експерти за односи со јавноста ќе треба многу да поработат) заедно со министерот за здравство, плус градоначалникот на Скопје, во посета на првото родено бебе во новата година за да и’ честитаат на мајката и да го даруваат новороденчето. На овој начин треба да се промовира и политиката на бејби-бум. Па, така, за ова зборува младиот министер, па градоначалникот на Скопје, па градоначалниците од другите градови, што може да се разбере дека во 2014 наталитетот ќе биде еден од главните пропагандни алатки на Владата.

И така успешно, работно, посветено и, секако, транспарентно Владата ја започна новата 2014 година. Сега да поминат уште божикните празници, па Стара нова… па избори претседателски и парламентарни (веројатни) и така 2014 ќе си помине… Е па, нека ни е со среќа и да не’ служи здравјето. А, бериќетна? Собирајте фискални и учествувајте во наградната игра на Министерството за финансии.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com