Вешерај

 

Оние кои служеле во некогашната ЈНА секако го разбираат зборот „Вешерај“. За помладите тоа значи, ајде да речеме сервис каде носите „веш“ и која било друга облека, постелнина и друго, каде што се пере пегла и ви се доставува. Толку за насловот, инспирацијата доаѓа од илустрацијата која ја даде госпоѓа Фатиме Фетаи на последната прес конференција на СЈО, за тоа како некои преку вешерај переле и затајувале данок.

Но да ја почитуваме пред сѐ предистражната постапка и секако презумцијата на невиност на сите инволвирани, а да се вратиме во политичката реалност. Демек со закажаното продолжување на конститутивната седница на Собранието за понеделник 27 март, на која ќе треба да се избере (ако се дојде до таму) новиот претседател на Собранието и со тоа да се „деблокира“ барем парламентот како една од најважните институции. На ова, да потсетам, последователно, прво партиите го прифатија соодносот на членови во Комисијата за избори и именувања, а после прифатија местото претседател на Комисијата да го добие ВМРО-ДПМНЕ, а не парламентарното мнозинство!!. Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски ова го објасни како уште еден „компромис“ или ако саката попуштање на парламентарното мнозинство само да се деблокира конституирањето на Собранието! Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кој патем ќе ја води споменатата комисија изјави дека СДСМ со ова за прв пат од 11 декември лани кога се одржаа изборите признава дека тие избори ги изгубила. Изјава која на своевиден начин им дава сила на оние „спонтано“ организирани протести под паролата „За заедничка Македонија“, ама ако може да биде и чиста. Браво, ама наивно да прашам, чиста од што (ѓубре пластика, отпад) или повеќе етнички чиста. Галиба ќе да е ова второто. Тоа што во тој „чист македонски занес“ настрада и турското знаме закачено на колата на турскиот амбасадор ама и шоферот треба да го сфатиме само како колатерална штета предизвикана од некој „чист идиот“ кој патем заборавил дека Хорхе јавно се „фалеше“ како нашето срце бие за Турција и Ердоган. Во суштина се она што ВМРО-ДПМНЕ го прави како партија со најголем број пратеници во Собранието но и како организатор (многу добар) на протестите под паролата „За заедничка Македонија“, а тука се вклопува и онаа „павлиха“ од претседателската вила на Водно, има една единствена цел. Како да се спаси Груевски и фамилијата од политичка елиминација а со тоа и од нивно соочување со правдата и судско процесуирање. Лично верувам дека многу поголем процент од учесниците во овие протести искрено се убедени дека демонстрираат за спас на Македонија како унитарна држава и на спас на македонскиот народ. Ова во суштина покажува колку добро е организирана ВМРО-ДПМНЕ понатаму колку се вешти нивните спин доктори (барем за ова милје во кое живееме и на крајот дека партијата богами има доволно пари за сето ова. За жал СДСМ и Зоран Заев изгледа не можат да се оттргнат од формата на салонски револуционери (révolutionnaires de salon) наметната и негувана од госпоѓа Шекеринска. Колку да звучи парадоксално ама и реално за балканскиот политички фолклор, сѐ уште голем „сојузник“ на фамилијата и Груевски сепак е господин Ахмети со неговата дружина. Да си бидеме на јасно, јас Ахмети, како и Груевски не ги идентификувам со партиите (ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ) на кои тие двајца се сѐ уште лидери. Од друга страна парламентарното мнозинство (барем засега само на хартија) предводено од СДСМ на чело со двоецот Заев – Шекеринска ни навестуваат некакви планови Б, па В и така можат да стигнат и до Ш, ама со тоа не можат да ја скријат својата не инветивност, да не речам неспособност ниту да парираат на ВМРО-ДПМНЕ а уште помалку да го започнат процесот со кој државата и општеството треба да се врати во некоја нормала која е убаво дефинирана во оние деветнаесет точки на Прибе. Реално СДСМ очекува повторно меѓународниот фактор (Брисел и Вашингтон) да им ја среди работата. Не знам дали приметувате дека Заев скоро секој ден се среќава со странски амбасадори и ветува како за недела две ќе има Влада секако со него на чело. И веќе кога го споменав меѓународниот фактор во оваа наша каша која секој ден станува се пожешка, јасно се гледа дека сега се повеќе мирудии додава и Москва. Имено министерот за надворешни работи на Русија Лавров неделава повторно ја спомена Македонија како држава во која Западот се обидува да ја дестабилизира. Во суштина Москва ја користи внатрешната политичка криза која е чист наш домашен производ з да го зголеми своето влијание и кај нас а со тоа и во регионот. Интересно Москва јасно и „транспарентно“ го поддржува Груевски ама затоа дискретно но одлучно бара промена на досегашните приоритети на нашата надворешна политика и тоа пред сѐ нашето членство во НАТО. Запад од друга страна јасно и транспарентно бара Македонија да продолжи по патот на евроатлантските интеграции. За нив и понатаму е најбитно да се зачува стабилноста на државата, додека демократијата владеењето на правото, човековите права и слободи, односно вистински демократски принципи и стандарди им се помалку важни. Притоа и Брисел ама мислам и Вашингтон се свесни па затоа дипломатски дискретно ставија до знаење дека тоа не може да биде со Груевски и фамилијата но и со другите политички елити. Затоа веќе сега нашите „стратешки партнери“ САД и ЕУ работат на создавање на критична маса во партиите која ќе може да ги промени сегашните политички елити. Мислам дека локалните избори ако ги има барем до септември ќе бидат некаков катализатор за поголема внатре партиска диференцијација (да ја употребам фразата од еднопартискиот систем). Дилемата е дали дотогаш како поделено и изманипулирано општество и јавност ќе издржиме да ја зачуваме внатрешната стабилност ама и дали како држава економски ќе издржиме. Ех ако имаме пари за веш од 500 евра, ако купуваме чоколадо а немаме пари за леб богами и ова ќе го поминеме 

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com