БРОЈКИ И ПРЕБРОЈУВАЊА

Во 2013 година е постигнат „историски рекорд“ на извоз на вино – 885.331 хектолитар во вредност од 50 милиони евра. Браво, сме успеале нашето вино да го продадеме за 56 евроценти за литар, односно околу 35 денари

Ете, Владата, поточно надлежното Министерство за информатичко општество ги изброи новинарите. ЗНМ вели дека тие имаат 512 члена, но на Министерството му го доставиле регистарот со број на членови, но не ги доставиле личните податоци на членовите. Другото новинарско здружение, МАН, изброило 440 члена. Ова „пребројување“ се прави според новиот сет закони кои ја уредуваат проблематиката со информирањето, новинарите и медиумите. Закони кои во средата госпоѓата Дуња Мијатовиќ од ОБСЕ ги оцени како одлични, а за положбата на новинарите и медиумите таа умно порача дека не може да ја води нивната битка бидејќи ОБСЕ не е меѓувладина организација! За неа и пребројувањето е нешто нормално!?
Да се задржиме малку на оваа госпоѓа која во ОБСЕ е задолжена за медиумите и која до скоро кај нас беше „миленик“, пред се’ на самонаречените новинари „демократи“, невладиниот сектор и опозицијата. Сега, по нејзината прес-конференција во средата верувам дека ќе стане миленичка на новинарите „патриоти“, а секако и на власта. Оваа госпоѓа во ОБСЕ нема политичка туку експертско-бирократска функција. Токму затоа секогаш сум бил против кога таа ни дели некакви политички, поточно политикантски совети. Таа иста госпоѓа, на пример, пред две години се дрзна и упати имејл до претседателот на Собранието барајќи некакви одговори, а истиот тој мејл го препрати до цел куп невладини организации, но и до политичките партии. Не знам колку се сеќавате, ама тогаш опозицијата од собраниската говорница мавташе со овој допис на Мијатовиќ, обвинувајќи го претседателот на Собранието дека сакал нешто да скрие.

Тогаш, исто така, напишав колумна во „Утрински“ во која прашав дали нашето МНР ќе реагира бидејќи еден бирократ на ОБСЕ надвор од сите дипломатски норми вака комуницира со претседател на парламент. Дали оваа госпоѓа упати писмо до спикерот на британскиот парламент или отиде во Лондон по онаа позната медиумска афера… Не ја видов оваа госпоѓа во Будимпешта, а убеден сум дека ниту помислила да побара да се сретне со унгарскиот премиер по сето она што се случуваше во Унгарија околу медиумите. Да потсетам, тогаш сите реакции дојдоа од Брисел, а не од Виена од канцеларијата на госпоѓа Мијатовиќ. Дали оваа госпоѓа отиде кај нашиот јужен сосед по она што се случи со јавниот сервис во Грција или, пак, физичките напади врз грчките новинари.

Ама затоа Мијатовиќ ни најави дека во септември во Скопје ќе ја организира најголема конференција во Југоисточна Европа посветена на медиумите, на која ќе присуствуваат новинари од просторот на некогашна СФРЈ. На конференцијата ќе се разговара за проблемите, ќе се разменат искуства и ќе се нудат најдобрите практики за прашања кои се заеднички за целиот регион.

По стоти пат ќе напишам – не е виновна госпоѓа Мијатовиќ, а уште помалку ОБСЕ. Виновни сме ние што и како држава и како општество секогаш и за се’ и сешто бараме некаква помош, совети и пари од странциве. Мијатовиќ, освен што ги испофали споменатите закони, изрази благодарност до властите што и’ овозможиле да се сретне со Кежаровски, кој, според неа, сега е среќен со своето семејство!? Сето тоа ни го кажа на течен англиски јазик, но покажа дека, во суштина, е типичен политикант од регионот Западен Балкан или што би рекле во нејзината родна Босна „наше горе лист“.

Да се вратам на броењето. Бидејќи влеговме во предизборна еуфорија, власта и опозицијата секојдневно не’ засипуваат со бројки, кој колку станови има и со колку квадратни метри се тие станови, кој колку фирми има дома и во странство, кој колку тендери добил, кој колку тендери поделил на свои роднини или на свои политички истомисленици или поддржувачи. Фајде, односно зијан од ова „броење“ имаат актерите на сите овие пребројувања. Почнаа да фрчат тужби за клевети и наведи, а износот кој судот го досудува се врти помеѓу десет и дваесет илјади евра. Многу за нас обичните граѓани, ама не и за оние кои се збогатиле законски, ама малку неетично. Едни бројат колку сме должни, други бројат колку малку сме должни, ама сигурно долгот ќе го враќаат и нашите внуци.

Ама броењето, за жал, на некои не им оди лесно. Државната изборна комисија никако да изброи колку не’ има на избирачкиот список. Новиот претседател на ДИК неделава изјави дека ДИК нема целосен увид во избирачкиот список, а со тоа не може да каже дека избирачкиот список е, дефинитивно, пречистен и уреден. Како е можно во 22 години самостојност и по не знам колку редовни, предвремени, претседателски и локални избори, ние уште да се занимаваме со избирачкиот список.

Интересно, само ние во регионот имаме проблеми со избирачкиот список. И веќе почнуваат манипулациите со бројки и броење. Некои од „демократскиве“ медиуми и новинари веќе почнаа да оперираат со 100 илјади гласови во полза на ВМРО-ДПМНЕ, а претседателот на ДИК вели дека тој не може да ја каже дефинитивната бројка. Ако некој верува дека ДИК тоа може да го среди, навистина се лаже. Избирачките списоци, по правило, во европските држави најчесто се во надлежност на министерството за правда или министерството за внатрешни работи (на пример, во Холандија), кои имаат ресурси да го водат и уредуваат избирачките списоци. Во Италија министерството за внатрешни работи ги спроведува изборите, а не изборна комисија. Во европските држави никому не му паѓа на памет да се посомнева во веродостојноста на избирачкиот список кој го подготвил надлежното министерство. Во демократска Европа одамна е надминато изборните комисии да бидат конституирани врз партиска припадност како што е кај нас. Таму изборните комисии се чисто административен орган во кој работат добро обучени државни службеници и кои својата работа ја вршат строго според закон и толку. Кај нас ДИК е чисто политичко тело во кое имаме постојан судир на партиските интереси, а многу малку почитување на закони.

А во тој наплив на броење и бројки посебно ми падна во очи веста дека во 2013 година е постигнат „историски рекорд“ на извоз на вино, и тоа 885.331 хектолитри во вредност од 50 милиони евра. Импресивно, нели? Бројките се огромни, ама ајде подетално да ги погледаме. 885.331 хектолитар вино изразено во литри изнесува 88,5 милиони литри вино. Уште поимпресивно, нели… Е, сега ајде малку математика. За ова сме касирале 50 милиони евра. Браво сме успеале нашето вино во просек да го продадеме за 56 евроценти за литар, односно околу 35 денари.

Со други зборови, трендот од времето на некогашна СФРЈ кога македонското вино во цистерни се купуваше како суровина, пред се’ од словенечките преработувачи, кои потоа како свој производ го продаваа дури и на американскиот пазар, ете и по 22 години на самостојност продолжува. Да ама сега го продаваме во ЕУ дури и во Кина и постигнуваме историски рекорди. Е, па, да не не’ чуди што секоја година кога почнува откупот на грозје лозарите кукаат за ниската откупна цена, како и доцнењето на исплаќањето на парите за грозјето.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com