БРЗО ДО ДРЖАВЕН ИСПИТ

Собирањето на деканите зад затворени врати за Владата е „јавна расправа“ во која се соочуваат аргументи. Во науката ова се вика техника на „омекнување“

Брза пруга Будимпешта – Белград – Солун – Атина виа Скопје со кинески пари. Ова е една од поголемите „зделки“ од самитот Кина – Југоисточна и Централна Европа што неделава се одржа во Белград. Навистина барем во овој момент сигурно е дека ќе се гради делницата Белград – Будимпешта, но планот, како што истакна кинескиот премиер Ли Кечијанг, е овој железнички правец да биде изграден бидејќи со тоа, од една страна, се отвора коридор за кинеска стока во Европа и, секако, има големо економско значење за целиот регион. Искрено се надевам дека сега некој од нашиве „експерти“ од проевропски и „демократски“ маштап нема овој проект да го оценат дека ние сега се’ повеќе се вртиме кон исток.
Одредени проблеми на овој кинески инвестициски бум во Југоисточна Европа може да дојдат од ЕУ, односно Брисел да го оцени сето ова како кршење на правилата на Унијата кога станува збор за заштита на конкуренцијата.

Имено, Кина кога дава пари за вакви инфраструктурни објекти, па без разлика дали станува за инвестиција или класичен кредит, инсистира и нејзини фирми да бидат изведувачи, што баш не е според европските правила за конкурентност. Но, имајќи предвид дека станува збор, сепак, за „чист“ економски проект тежок десет милијарди долари, кои Кинезите сакаат да ги инвестираат во Југоисточна Европа, а на самитот во Белград Кинезите додадоа уште околу 3 милијарди долари во овој фонд, веруваме дека сите ќе најдат вистински интерес и ова ќе се реализира.

Кај нас пред една година многу се пишуваше и се зборуваше дека Кинезите ќе го градат и пловниот канал Дунав – Морава – Вардар – Солун. Посебно оние познати „новинарски пера“ од патриотскиот табор „везеа“ цели „научни студии“ како овој пловен канал ќе ја прероди економијата на Македонија. Тогаш напишав колумна, повикувајќи се на анализите на вистински експерти кои, пред се’, ја ценат својата наука, дека овој канал е утопија, економски неисплатив и дека овие водни текови немаат доволно вода за да може да пловат поголеми бродови по овој канал. А, богами, Кинезите не даваат пари за гемии. За секоја случајност, а и во рамките на проектот „Скопје 2014“, ние веќе направивме неколку галии и ги „укотвивме“ во Вардар во центарот на градот. Што би рекол народот, никогаш не знаеш што носи иднината, а ова нашиве како вистински визионери, ете, во Вардар поставија и бродови. Како и да е, Македонија, поточно Владата, барем досега успешно и со навистина добри инфраструктурни проекти (две автопатски делници и железничкиот коридор) е вклучена во овие кинески инвестиции во Југозападна Европа и во Централна Европа. Нормално, сето ова Владата ќе си го укнижи во својот проект „Остваруваме“. И искрено мислам со право.

Ама се прашувам дали и екстерното оценување, кое сега под плаштот на некаков квазидржавен испит го наметнува и на факултетите, Владата ќе го прокнижи како уште еден успешен проект? Бидејќи студентите јасно кажаа „не“ на вакво екстерно оценување, па макар се викало „државен испит“, со што храбро, достоинствено и, пред се’, аргументирано покажаа како се брани универзитетската автономија, сега Владата презема други методи. Па, така, неделава министерот за образование ги собра деканите на педагошките факултети во државата да им го појасни предлог-законот за воведување државен испит. Нормално, студентите беа оставени „пред врата“, а, по завршувањето на овој тип „јавна и аргуметирана расправа“, еден од деканите изјави дека навистина ја отфрлиле идејата за ваков „државен испит“, ама кога министерот и заменикот ги презентирале фактите и бил објаснет текстот на нацрт- законот, тие ќе ја преиспитаат својата одлука!

За Владата, ова е „јавна расправа“ во која се соочуваат аргументи. Во науката ова се вика техника на „омекнување“. За очекување е надлежниот министер, барабар со својот заменик, сега да одржат повеќе вакви „јави расправи“ со декани на одделни факултети, а веќе заменикот-министер најави дека се’ повеќе има факултети кои го прифаќаат државниот испит? Со други зборови, „јавната расправа“, односно техниката на омекнување, дава резултати, а со тоа и проектот „Остваруваме“ си тече.

Посебно трагикомични се некои универзитетски професори, средношколски наставници и, секако, патриотските новинари, кои, што би рекле Србите, „као из топа“ го поддржаа воведувањето на државниот испит. Демек тоа бил спасот да се подобри квалитетот на високото образование. Еве, наивно, ги прашувам професорите – зарем тие досега не предавале квалитетно и не продуцирале квалитеттен високошколски образован млад човек. Понатаму, зарем нивната научна „сијаличка“ дури сега им се запали, па, така, со сиот свој научен потенцијал и општествен ентузијазам и одговорност го „фураат“ воведувањето на државниот испит, кој ќе се полага на „рати“ во втора и во четврта година.

Во суштина, ако ги погледнете научните портфолија на овие професори, ќе видите дека нивниот научен импакт-фактор едвај стигнува до Табановце. (Оваа кваливикација ја позајмив од професорката Ванковска.) Ама затоа некои од нив се дежурни експерти кои научно ни го претставуваат квалитетот на проектот „Остваруваме“, односно на секоја нова владина реформа, без разлика дали станува збор за екстерно или, пак, за размножување комарци во езерцата во скопскиот парк. Во исто време некои се „познати“ колумнисти од патриотски маштап, а многу од нив се и „општествено ангажирани“ во управни одбори на јавни претпријатија, некои својата општествена ангажираност ја манифестираат преку невладини организации и така натаму. Затоа, убеден сум дека јавната расправа по ова прашање ќе заврши во Парламентот, каде што мнозинството ќе си го изгласа новиот закон за полагање државен испит на факултетите.

Но, без разлика на се’, останува светла точка Студентскиот пленум, кој првпат во овие две децении самостојност одржа вистинска лекција за тоа како со демократски методи и без партиска поддршка треба да се бориш за својата слобода, но и за слободата на сите други, како се брани независност и автономност на универзитетот. И во далечната 1968 студентите низ цела Европа ја изгубија битката, ама многу брзо потоа сметката ја платија тогашните политички елити кои беа на власт. Historia magistra vitae est. Ама ова кај нас се’ уште не сме го научиле.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com