БРАВО ГОСПОДИНЕ АХМЕТИ

Се надевам дека Ахмети, утре, во името на некакви „повисоки државни интереси“ нема да го промени ставот за законите за медиуми

Ова браво до господинот Ахмети се однесува на ставот дека ДУИ како коалициски партнер нема да ги поддржи законите за медиуми кои се во собраниска процедура. Се надевам дека Ахмети (овој став го изнесе во своето минатонеделно интервју за телевизија Алсат), утре, во името на некакви „повисоки државни интереси“ нема да го промени становиштето, односно законите да бидат повлечени.
Ова интервју на лидерот на ДУИ предизвика лавина од коментари и „анализи“. Имајќи предвид дека во декември ќе чекаме Министерскиот совет на ЕУ по петти пат да ја разгледува препораката за почнување на преговорите, а некаде при крајот на март ќе имаме редовни претседателски избори (со голема можност и за предвремени парламентарни) и, згора на се’, нашата политичка култура, разбирливи се реакциите коментарите и „анализите“ на интервјуто на Ахмети. Според Ахмети, тој и Груевски како лидери на коалициските партии седат во „ист авион кој лета кон Брисел“. Ерго. Коалициските партнери во Владата имаат идентичен став кога станува збор за нашите стратешки определби членство во НАТО и ЕУ. Дури Ахмети не’ утеши дека „авионот“ има „голем резервоар за гориво“ така што иако летот за Брисел трае долго, сигурно ќе слетаме таму. Но сепак, иако се во ист авион разлики меѓу коалициските партнери (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) има и тоа за прашања кои со сигурност ќе ја разбрануваат политичката сцена кај нас. Ахмети најави дека ДУИ на претстојните парламентарни избори нема да го поддржи актуелниот претседател ако тој како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ се кандидира за втор мандат. Оценувајќи го актуелниот претседател, Ахмети изјави дека за неговиот мандат Иванов не направил навистина ништо лошо за државата, ама ниту нешто значајно добро. Ахмети најави дека не верува оти ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со Иванов на претстојните претседателски избори. Ако тоа се случи, ДУИ нема да го поддржи, односно може да се случи поддршката да ја добие кандидатот на опозицијата. Оваа изјава најблаго речено ја става во непријатна положба владејачката партија. Ако ВМРО-ДПМНЕ се откаже од Иванов и оди со друг кандидат кој ќе биде прифатлив и за ДУИ, тогаш индиректно ќе признае дека пред пет години направила кадровска утка, односно тоа ќе биде прва грешка на ВМРО-ДПМНЕ во овие седум „успешни“ години на владеење. Ако повторно застане зад Иванов (што е помалку веројатно), тоа би значело и ризикување да заврши ерата на победи на ВМРО-ДПМНЕ на локални, парламентарни и претседателски избори. Можноста претседателот Ѓорге Иванов сега да излезе и најави дека тој нема да бара втор мандат, со образложение дека сака да ја продолжи својата академска работа, и својот ангажман во невладиниот сектор (Школа за млади лидери) би бил каков-таков „разумен компромис“ помеѓу коалициските партнери, ама сепак со горчлив вкус за ВМРО-ДПМНЕ.

И сега за оној дел од интервјуто на господин Ахмети, кој се однесува на решавањето на апсурдниот спор со Грција околу нашето уставно име. Лидерот на ДУИ вели дека никогаш не сме биле поблиско до решавањето на ова прашање. Да не заборавиме дека Ахмети неодамна направи турнеја по повеќе држави членки на ЕУ токму околу ова прашање, вклучувајќи ја и Грција. Ако на сето ова се додаде дека се случи и изненадувачка средба помеѓу германскиот канцелар Меркел и посредникот Нимиц, тогаш изгледа дека е во право Ахмети кога вели дека сега е созреано времето овој апсурден спор да се реши. Ахмети истакна дека ако е потребно двете страни плус Нимиц, а можеби и некој друг (читај ЕУ) да се затворат во соба и да излезат од неа откако ќе најдат решение.

Не верувам дека ова ќе се случи до декември, а тоа значи дека повторно нашата препорака нема да биде ставена на дневен ред на Советот на ЕУ со што Брисел уште еднаш ќе ја заштити Грција да не го употреби своето право на вето, а со тоа по не знам кој пат да ги крши резолуциите на ОН и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг. Би бил искрено среќен ако настаните во декември ја демантираат оваа моја претпоставка. Околу овие ставови на лидерот на ДУИ, од ВМРО-ДПМНЕ немаше некои поголеми реакции. Опозицијата (СДСМ) преку претседателот на Дипломатскиот совет, Илинка Митрева, побара премиерот Груевски да излезе пред јавноста и да каже што се случува со преговорите бидејќи во спротивно оваа фарса ќе премине во трагедија. Госпоѓа Митрева како да заборава дека (барем според мене, а тоа го верглам веќе 20 години) трагедијата е направена кога ја прифатиме референцата ФИРОМ, а потоа започнува фарсата која трае до дене денеска. По самитот во Букурешт се наслушавме од страна на СДСМ како Груевски го продал името. За жал, во овие дваесетина години наметнатиот проблем со името според меѓународните последици (членство во НАТО и преговори со ЕУ) стана главна политикантска алатка во пресметката помеѓу политичките елити и тоа без разлика која е на власт или е опозиција. А што се однесува за барањето на госпоѓа Митрева премиерот да излезе пред јавноста и да каже до што се случува со преговорите и’ препорачувам да ја прочита последната колумната на Огнен Малески објавена во „Утрински“ каде што тој (како искусен дипломат) препорачува дека е време за онаа стара и ефикасна метода – тивка, односно тајна дипломатија. Ама, за жал, во овие години на самостојност во Македонија не се создадоа политичари, кои познатиот професор од Харвард Џозеф Нај ги именува како трансформациски во своите цели, следејќи големи визии поврзани со големи промени. Кај нас, според аналогијата на истиот автор, имаме само трансакциски лидери кои се концентрираат на оперативни прашања или речено метафорично, се концентрираат на возот наречен „власт“, како тој да остане на колосекот, односно како својот опозициски воз да го стават на колосекот на власта. Можеби во март ќе имаме можност ние граѓаните барем да направиме прв чекор кон променат на вакви политички елити. И квалификацијата трансакциски политичари на професорот Нај да не ја мешаме со трансакциски сметки на нашите политичари, тоа е сосема друга приказна.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com