БОЖЕСТВЕНАТА ДИМЕНЗИЈА НА “ДУИНГ БИЗНИС“

Зошто субјект, кој е политички зомби, како СДСМ, предизвикува толку многу интерес во медиумите

Зошто секоја година на почетокот на грејната сезона се појавува проблем со загревањето на училиштата. И зошто секогаш слушаме исти објаснувања – локалната самоуправа ја обвинува Владата, поточно надлежното министество, оттаму вината се враќа на локалната самоуправа. Фајде нема.

Учениците мрзнат, наставниците и директорите молчат и откако родителите ќе почнат да „галамат“ или едноставно да не ги пуштаат децата на училиште, одеднаш ќе се најдат пари за нафта, односно за греење. И така од година во година. Кога сме кај образованието проблемите не се само околу греењето, секој септември слушаме за недостаток на учебници, работни тетратки, па потоа се откриваат катастрофални грешки во учебниците, веќе ја споменав грејната сезона, а се завршува со свидетелствата. Се прашувам дали за две децении не можевме овие прашања де ги средиме, бидејќи овде не станува збор за идеологија, за партиска припадност, етничка или верска, туку за образовен процес.


Сега малку демагогија. За нутрицистичката кампања „здрава храна“ ќе се потрошат или се веќе потрошени пола милион евра. А зошто овие пари да не се дадеа за греење на училиштата, бидејки ние и понатаму леблебијата ќе ја користиме како грицки, а не да ја вариме и правиме некаква здрава каша, како што ни нуди оваа владина кампања.

Затоа воведовме екстерно оценување за средните училишта, сега ќе воведеме и на факултетите и така натаму. Во оваа перманентна транзиција, која владејачкото мнозинство ја именува програма „Во сто чекори проширана и надградена“, односно „Остваруваме“ или „Има разлика“, вистински шампион е мојот омилен министер за здравство. Неговата неисцрпна енергија и непресушен извор на идеи навистина немаат граници. Сега (ако добро разбрав) ќе воведува и некаков си ГПС- систем за докторите, така што во секое време ќе се знае каде се. Браво, министре, ако не друго со ова вие, дефинитивно, на светско ниво го урнавте стереотипното мислење што прават докторите и сестрите кога се на дежурство.

Владина делегација повторно во САД брка инвеститори. Го слушам премиерот како пред насобраните потенцијани инвеститори им објаснува како според најновото рангирање на „Дуинг бизнис“ ние сме некаде на врвот во Европа, за регионот да неправиме муабет. Верувале или не, Македонија и Грузија, според „Дуинг бизнис“ се подобри од Швајцарија или Германија. И, нормално, вакво рангирање од страна на Светска банка мора да се материјализира преку странски инвестиции. Гледам од извештаите некои од потенцијалните инвеститори се воодушевени и богами некои како да доживуваат вистински оргазам (инвестициски, не сексуален, ве молам). Арно ама, како да прочитав дека во првите девет месеци од годинава инвестициите ни се нешто помали од лани! Или можеби грешам?

Кога сме кај рангирањето на „Дуинг бизнис“, кој го прави Светска банка, тоа за Влада стана, најблаго речено, алфа и омега, дури и некаква божествена димензија. Чудно е нешто друго, извештајот на истата институција за миграциите, односно иселувањето од Македонија баш не се многу релевантни и методолошки точни, барем така вели актуелниот министер за финансии. И кога сме кај рангирањата еве уште едно. Според британскиот аналитички центар „Легатум просперити“ станува збор за листа која го мери богатството, но и благосостојбата на една земја, а до конечниот резултат се доаѓа со вреднување на неколку параметри, како што се економијата, шансите за претприемништво, здравствената заштита, образованието, управувањето, личната слобода и општествениот капитал Македонија од 142 држави е на 69. место. Зад нас се Србија на 77. Место, а БиХ е на 91. место. Најдобра е Словенија на 24. место, а пред нас се и Хрватска и Црна Гора.

Можеби овие од Фондот за здравство ја виделе оваа листа, па сега се предлага во иднина породилното отсуство да го плаќа работодавецот, демек тоа бил словенечки модел. Точно, ама во Словенија не може да се случи државата со месеци да доцни со повратот на ДДВ или да се донесе закон за финансиска дисциплина, ама тој да не важи за државата. Како да тече мед и млеко. Државата од сите аспекти се грижи за нас. И во рамките на таа грижа, а посебно власта да ја зачува социјалната димензија вградена во Уставот, не удри клуч на „Југохром“ и така зачува околу 1.000 работни места. Браво. Само уште да ни кажат колку стотици илјади луѓе во Полог и понатаму ќе се задушуваат. Или тоа не е битно. Зарем примерот од Велес, каде што и ден-денес се чувствуваат последиците од загадувањето кои ги направи топилницата, не беше доволна поука и за секоја власт и без разлика дали живееме во Скопје, Велес Тетово, Битола…

Ама затоа сите ние се исцрпуваме со прашањето на политичкиот дијалог и инаетот на опозицијата да го бојкотира парламентот. Зошто субјект, кој во суштина е политички зомби, како што во минатата колумна ја нареков СДСМ, предизвикува толку многу интерес, пред се’ во медиумите, без разлика дали некој го фали или напаѓа, а посебно кај странциве. Тој политички зомби за овие 6 месеци за своето талкање на политичкиот простор касираше нето „брат брату“180 илјади евра. Ме изненадува ставот на лидерот на НСДП кој како стар политички „лисец“ не согледал дека ова е можност да се профилира на политичката сцена нова квалитетна левица, а не да се следи „Водач“, кој наликува на оној од познатата новела на Радоје Домановиќ. Жерновски навистина без СДСМ никогаш немаше да стане градоначалник на Центар, ама сега и тој и неговата партија, според мене, ја пеат „лебедовата“ песна. За другите политички субјекти од последните избори н не треба да се зборува. ГРОМ си ја завраши работата и не верувам дека на идни избори, локални или парламентарни, ќе настапи надвор од скутот на ВМРО-ДПМНЕ. Алијансата, за жал, поради тоталната неспособност на лидерот не само што не успеа да влезе барем со еден пратеник во парламентот, ама еве веќе шест месеци, иако се случуваат цел куп работи не ја слушнавме со некаков став критика или пофалба.

Актуелното мнозинство мирно и успешно ќе си владее. Ќе „остварува“ и ќе надградува, а ние граѓаните ќе бидеме среќни и задоволни. Па, нели, владините реклами така ни велат да се смееме и да бидеме среќни. Ако тоа не помага е тука се рецептите за антидепресиви, па ајде не биди среќен.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com