БЛАГОДАРАМ, AМБАСАДОРE ВОЛЕРС

Разочарувачки – тоа е најблаго што може за изјавите на претседателот Иванов

И така, по речиси деветнаесет години (од 1993 кога станавме членка на ОН) требаше да излезе актуелниот амбасадор на САД во Македонија и да ни каже дека ако сакаме да бидеме членка на НАТО (а по аналогија, тоа важи и за ЕУ) мораме да го решиме спорот со Грција околу нашето „уставно име“. Со други зборови, Резолуцијата на ОН, Привремената спогодба и најновата пресудата на Хашкиот трибунал можеме веднаш да ги заборавиме.

Амбасадорот Волерс како искусен дипломат притоа искажа цел куп пофалби за значењето на Меѓународниот суд во Хаг како многу респектабилна институција која е дел од Обединетите нации. Ама, потоа, истиот Волерс во стил на позната американска дипломатска доктрина на „стап и морков“ истакна дека нам не’ ни треба самит на НАТО за да станеме членка, туку треба со Грција да најдеме заедничко решение, а потоа и без самит стануваме членка. Се надевам дека по ова на сите ни е јасно дека и под референцата ФИРОМ не можеме да станеме членка на НАТО (а по аналогија нема да добиеме ниту датум за започнување на преговорите со ЕУ),

За жал, ваквата изјава на Волерс, потоа потврдена и од генералниот секретар на НАТО, како и од портпаролот на француското министерство за надворешни работи и некогашен амбасадор кај нас, Бернар Валеро (кој рече дека за Македонија нема план „Б“), само потврдува дека грчката дипломатија уште еднаш успеа да ги оствари своите (непринципиелни) интереси. Во суштина сега веќе не можеме да речеме дека Грција ни става вето, туку НАТО како алијанса ни стави вето кое ќе трае се’ додека не го решиме спорот со името. Волерс појасни дека пресуда на меѓународниот суд не може на НАТО да му налага како да се однесува. И токму тоа е она што се вика „реална политика“ која Американците уште од времето на Вудворд Вилсон ја спроведуваат како политика на „стап и морков“.

Тоа што НАТО како асоцијација е формиран врз основа на Повелбата на ОН поточно глава 7, или тоа што НАТО за своите „мировни акции“ низ светот бара да добие зелено светло од Обединетите нации не е битно во нашиот пример.

САД поаѓајќи од својата реална моќ често пати покажувале најблаго речено игнорантно однесување до ОН, нејзините одлуки, документи и резолуции. Само да потсетам, Вашингтон не дозволува нивни граѓани или странци кои работат за нив да бидат кривично процесирани пред Меѓународниот кривичен суд ако тие некаде во светот во текот на својот ангажман го кршеле меѓународното хумано или воено право. А судот е дел од системот на ОН. За тоа да го оствари Вашингтон токму преку својата политика на „стап и морков“ потпиша цел куп билатерални договори со многу држави со кои обезбеди овие лица ако бидат фатени на територијата на нивните држави наместо да бидат предадени на Меѓународниот суд во Хаг ќе бидат предадени и процесирани во САД. Таков договор САД има потпишано и со Македонија. Тоа значи дека ако утре на наша територија се открие американски државјанин кој се бара од страна на Судот во Хаг ние нема да го предадеме на Меѓународниот суд туку на американската амбасада во Скопје.

Да биде трагикомедијата уште поголема ако такво лице се фати во Грција или во која било друга држава членка на ЕУ, тогаш тоа ќе заврши во Хаг. Ова нам ни го забележа и Европската комисија па така, ако еден убав ден, ги започнеме преговорите со Брисел ќе мораме со посебен закон овој договор со Вашингтон да го поништиме. Не би сакал ова сега да се сфати дека јас го злоупотребувам просторот на нашиот „Утрински“ или пак вашето време почитувани читатели и го истурам својот гнев против САД и меѓународната заедница, која грубо ги крши меѓународните норми. Напротив, лично ми се допадна изјавата на амбасадорот Волерс бидејќи за прв пат без дипломатски речник беше јасно кажано каде сме во сета оваа папазанија која ја започнавме со прифаќањето на привремената референца ФИРОМ, со што дефинитивно го изгубивме нашето уставно име. Тоа го мислев и пишував и пред 18 години и сега.

И што понатаму? Ако судиме по првата изјава која ја даде претседателот на државата изгледа дека ние и понатаму остануваме да се повикуваме на Пресудата од Хаг и на Привремената спогодба. Ова веќе не пали и за домашна употреба. Тоа што ме изненади беше фактот дека претседателот Иванов со ниту малку дипломатска вештина изјави дека НАТО мора да ја почитува одлуката на Судот и го обвини Вашингтон дека тој е гарант на Привремената спогодба и тој мора да ја реализира. Дури јавно се праша дали САД ја менуваат својата политика кон Македонија. Демек Грција на последниот самит на НАТО ги излажала државите членки а тоа ете го потврди и Судот во Хаг, па затоа сега на претстојниот самит во Чикаго НАТО, под палката на Вашингтон, треба да си ја поправи оваа грешка.

Разочарувачки – тоа е најблаго што може да се рече за ваквите изјави.

Од друга страна комични се оние патриотско настроени новинари кои се обидуваат да направат глупава паралела со постигнатиот договор помеѓу Белград и Приштина, па предлагаат со некаква „фуснота“ Скопје и Атина да го решат спорот и ние да станеме членка на НАТО на престојниот самит. Македонија со своето уставно име е во „фуснота“ во сите документи на НАТО, бидејќи така бара Турција, која беше и остана наш вистински принципиелен пријател.

Други не’ плашат со радикализмот на албанската опозиција (ДПА) и тоа го поврзуваа со најновата иницијатива во парламентот на Косово за здружување со Албанија. А притоа како да забораваат дека уште мадам Олбрајт јавно се праша „зошто би се плашеле од голема Албанија“. А во меѓувреме ете и Србија доби кандидатски статус. По се’ изгледа и идниот претседавач со Генералното собрание на ОН ќе биде од Србија, а исто така Србија наскоро треба да го превеземе и претседавањето со ОБСЕ. Арно ама нашиве северни соседи не прават од ова циркуси и фала богу ја напуштија теоријата дека тие се небески народ и затоа никој не ги сака. Ние остануваме папокот на светот.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com