БЛАГОДАРАМ, АМБАСАДОРЕ ВОЛЕРС

Да не завршеа изборите во Центар со победа на опозицијата, немаше ни да се случи прес-конференција за тоа колку чини проектот „Скопје 2014“

И така „во трета мајка“, што би рекле кај мене во Дебар Маало, успеавме да ги завршиме локалните избори. Избори кои победникот (ВМРО-ДПМНЕ) ги прогласи за историски, Владата за фер и демократски, а ОБСЕ-ОДИХР за регуларни и конкурентни. Сега ни останува само да го почекаме финалниот извештај на ОБСЕ-ОДИХР во кој, убеден сум, ќе има многу „историски забелешки“.
Во март минатата година напишав колумна со истиот наслов. Поводот беше последниот самит на НАТО и тогаш амбасадорот Волерс, без оној класичен дипломатски јазик, ни кажа „без решение за спорот со името нема да добиеме покана за влез во НАТО“. Секако ова се однесува и на почетокот на преговорите со ЕУ што се потврди деновиве во Брисел, кога повторно не’ ставија на чекање до јуни кога ќе се разгледува напредокот на Република Македонија. И сега зошто го повторувам насловот од пред една година. Повод е најновиот извештај на Стејт департментот посветен на човековите права (http://www.state.gov/j/drl/rls/hrrpt/humanrightsreport/index.htm#wrapper) во кој кога станува збор за човековите права и тоа речиси на сите полиња, од судството, полицијата, транспарентноста на институциите, медиумите, слободата на изразување, односот на државата до политичките неистомисленици, положбата на Ромите и така натаму има многу сериозни забелешки. Овој пат не директно амбасадорот Волерс, туку како коментар на амбасадата на САД (што е во суштина исто) беше многу јасно кажано дека извештајот сам по себе не е лош, туку е лоша состојбата во државата. Никогаш лично не сум бил „фан“ на која било американска администрација, но секогаш сум ја почитувал нивната прагматичност, која понекогаш е многу непријатна и „неразбирлива“ за политичките елити на Балканот. Таа прагматичност се гледа во обраќањето на државниот секретар Џон Кери кога го презентираше извештајот пред домашната и меѓународната јавност, кој истакна дека „…извештајот е многу јасна порака до сите влади дека нивна обврска и одговорност е да ги штитат универзалните човекови права“. Џон Кери отиде и чекор понатаму кога истакна дека човековите права не се политика ниту некаква алатка на американската надворешна политика, туку прашање на американската безбедност.

Во соопштението на амбасадата, меѓу другото, се вели дека врз основа на извештајот се очекува кај нас да се развие суштинска дебата со учество на сите релевантни чинители (Влада, државни институции, невладиниот сектор) со цел да се надминат состојбите. За жал, како и многу пати досега, и овој пат паднавме на самиот почеток. Иако во Вашингтон имаме двајца постојани дописници (МИА и МРТ), од нив ниту збор за извештајот. И кај другите медиуми, кои според извештајот ги контролира Владата, ниту збор. Ама затоа во средата во еден од весниците прочитав дека и во САД имало политички затвореници, а извор им биле некои блогови! Грубо речено, ама на ваков тип „новинари“ главата им служи навистина само за на бербер. Само да ги потсетам на документарните филмови на Мур, дали се сеќаваат на аферата „Вотергејт“ која доведе до паѓање на Никсон… се сеќаваат ли колку пати се пишувало за бруталноста на американската полиција. Факт дека во САД има кршење на човековите права, ама факт е дека за тоа се пишува и никому не му недостига влакно.

Понатаму околу транспарентноста на Владата и државните институции. Токму добар пример на нетранспарентност се случи неделава со прес-конференцијата на министерката за култура и веќе ексградоначалникот на Центар, а повод беше „Скопје 2014“. И така слушнавме колку чинат сите објекти и споменици во рамките на овој проект, па дури и колку добила хонорар авторката на воинот на коњ, помлад асистент на Ликовната академија. Ама, да не се правиме наивни. Да не завршеа изборите во Центар така како што завршија, не верувам дека оваа прес-конференција ќе се случеше. Прашањето колку чини проектот „Скопје 2014“ досега се поставуваше стотина пати, како од страна на многу новинари, така и во парламентот како пратеничко прашање… Понатаму актуелната Влада која не’ „удави со отчетност“ за сработеното, досега немаше кажано ниту збор за парите.

Пред локалните избори секој градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ беше обврзан со своја „отчетност“ да излезе пред јавноста. Тоа го стори и веќе бившиот градоначалник на Центар, ама тогаш за парите не слушнавме ниту збор, а така беше и во другите општини. За мене вистинска отчетност, односно транспарентност е она што го стори новиот градоначалник на Штип, кој на самиот почеток излезе со податок колкава е „дупката“ во општинскиот буџет која ја наследил.

И така заврши и сторијата за „Скопје 2014“. Сега знаеме колку е потрошено и тоа е доволно за политикантски препукувања. Арно ама да му текне на некој од медиумите или новинарите (барем оние самопрогласени како демократи и независни) малку да истражуваат зошто, на пример, цената за стариот театар е зголемена толку пати од првиот јавно објавен тендер. Обновата на стариот театар и ден денес ја поддржувам, ама сепак ме интересира како и каде се потрошија десетици и десетици милиони евра. Ама за истражувачко новинарство треба да имате вистински новинарски „нерв“, а богами бара и многу работа, а не – вклучи го касетофонот или стави ја „инката“ (микрофон) пред министерката и готово.

Кога зборуваме за транспарентноста на Владата и слободата на медиумите кои се една од најострите забелешки во извештајот на Стејт департментот, мора повторно да го споменам Нацрт-законот за медиуми, кој надлежното министерство го подготвуваше долго, „максимално дискретно“ и без вклученост на ЗНМ и на невладиниот сектор и сакаше законот да го помине брзо во Собранието без сериозна јавна дебата. Сепак, по остриот протест на Здружението на новинари, а без лажна скромност и серијата написи во „Утрински“ предлагачот на законот се повлече и остави време од два месеца за јавна расправа. За жал, почетокот на дебата не е баш квалитетен. Ако сето ова се сведе на она наше балканско во смисла „законот не чини“, „Владата е авторитарна“, а има и забелешки зошто ЗНМ ја поздравил одлуката на Министерството дебата да се продолжи за два месеца, тогаш јавната расправа ќе се сведе само на јалови дискусии, а потоа законот мазно ќе си помине во парламентот. Тоа што посебно непријатно ме изненади е фактот дека Новинарскиот синдикат има сосема различен став и тоа не околу законот, туку воопшто околу организирањето на јавна расправа. Ова не треба сега да се сфати како повик за некакво единство. Напротив, потребна е критична, стручна, но конструктивна расправа за законот во која ќе бидат вклучени сите кои на овој или на оној начин се субјекти на медиумскиот простор. Можеби ќе звучам патетично, ама крајно време е нешто квалитетно да се промени кога зборуваме за слободата и независноста на медиумите и новинарите. Владата, оваа или која било друга, тоа нема да го стори. Во спротивно и в година кога ќе се објави нов извештај на Стејт департментот се плашам дека ќе останат истите забелешки, а ќе треба да го напишам насловот и по трет пат.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com