БИЗАРНИ ДЕНОВИ

Во Берово ќе се отворел факултет за селски туризам, „Македонски шуми“ ќе купувале 1.100 палми, премиерот добива отштета за клевета од лидерот на опозицијата

Браво ние. На листата на глобална конкуренција која ја прави Светскиот економски форум сме скокнале за десет места, сега сме на 63. позиција. Освен Бугарија, која е пред нас, ние сме подобри од сите држави во регионот, вклучувајќи ги Словенија и Хрватска, истакна на прес-конференција вицепремиерот задолжен за економија, Владимир Пешевски. Добро, ама веќе кога ги спомена овие некогашни ју-републики, а денес членки на ЕУ и НАТО, барем да спомнеше дека во Хрватска просечната плата е 730 евра, да го спомнеше БДП пер капита на овие држави и да направеше компарација со Македонија.
И, секако, ова треба да се искористи. Па, така, по слободните индустриски зони (кои за некоја година ќе ги имаме во секоја општина) министерот за финансии најави и слободни финансиски зони, кои нема да биле како Девствените Острови и други егзотични финансиски дестинации кои служат за перење пари, најново е слободни медицински (или беше здравствени) зони. Идеја на мојот „омилен“ и хиперактивен министер за здравство. Па така покрај Дубаи, Јужна Кореја и Турција ние ќе бидеме четврта држава која ќе развива вакви здравствени слободни зони?! Ашколсун, министре. И замислете, веќе се подготвува и посебно роуд-шоу по светот да се промовира оваа идеја. Навистина бизарно, ама тажно. Во таа тажна и бизарна реалност барем според мојата дребност, е веста дека државниот универзитет од Штип „Гоце Делчев“ планира во Берово да отвори факултет за селски туризам. Тука ќе бидеме први не само во Европа туку во светот, ама тој факултет сигурно нема да помогне ниту на туризмот, а уште помалку на селскиот туризам. И капак на сета оваа бизарност, секако, се 1.100-те палми кои ги нарачало Јавното претпријатие „Македонски шуми“ за половина милион евра, а ќе се садат во Дојран, Гевгелија, Струга, Охрид, Преспа, а ако остане некоја, може и во Скопје на плажите на Вардар.

Првата половина од неделава кај нас помина во знакот на процесот Груевски против Заев. Односно, тужбата за навреда поднесена од Груевски која во почетокот беше тешка половина милион евра, а во текот на процесот Груевски ја намали на 50 илјади евра. Од понеделникот, па до средата телевизиите, посебно оние од патриотскиoт маштап, да можеа да прават директен пренос од судењето ќе беа најсреќни. Ама ако нема пренос, тука се изјави долги по десетина минути, нормално на тужителот. Па потоа „експерти“, оние од патриотска провиниенција, кои со својата „неприкосновена“ научна експертиза докажуваа дека обвинувањата од Заев дека Груевски зел мито при продажбата на Македонска банка се само конструкт на странски (грчки) безбедносни структури. А нели Заев дури и пеш ја поминуваше границата со Грција. Оттука „логички“ произлегува дека Заев е во служба на нашиот најголем душман Грција.

Во суштина Заев го изгуби спорот врз основа на сведочењето на неговиот сведок, познатиот Газда Нини. Тој мртов ладен изјави дека Груевски не го познава и никогаш немал контакти со него, а дека Македонска банка ја купил легално на Берза. Се прашувам дали адвокатите на Заев се толку наивни, па очекуваа Газда Нини како сведок да признае дека тој му дал мито на Груевски за продажбата на Македонска банка и за тоа и тој да оди во затвор!? Само фали сега некој „експерт“ од демократскиот табор мудро да утврди дека сето ова е ујдурма на некоја безбедносна служба, домашна или од соседството. Кога судијата кој го водеше процесот пресуди во корист на тужителот и го „репна“ Заев за 50.000 евра, првата реакција беше дека ова партизирано судство во целост ги прифаќа сите барања на Груевски кога тој се јавува како тужител.

За партизираноста на нашето судство сум пишувал повеќе пати, ама да бидеме барем малку принципиелни. Во овој случај Заев го изгуби спорот поради сведочењето на Газда Нини, сведок предложен од одбраната. Што се однесува до висината на отштетата, таа за нас обичните граѓани изгледа висока како Кораб. Уште повеќе ако се има предвид дека деновиве министерот за финансии се пофали дека 17 илјади граѓани досега се пријавиле да им бидат платени нивните сметки за струја, кредити што е еден од проектите во рамките на владината програма „Остваруваме“.

Ајде сега малку демагогија. Од една страна од буџетот (што значи и од моите и вашите пари) ќе се плаќаат сметки и ануитети на одредени категории на граѓани, а премиерот и многу министри за душевна болка добиваат огромни отштети. Затоа предлагам сите високи владини функционери кога тужат за клевета и навреда и редовно добиваат отштети тие пари во целост да одат во буџетот за вакви или слични проекти на Владата. Остваруваме, нели!

Во нормални држави, во кои одамна го апсолвирале поимот независно судство и владеење на правото, клеветата и навредата, барем кога станува збор помеѓу политичарите или политичар и новинар се дел од политичката култура, а многу малку од судска практика. Таму може новинар и медиум да заврши на суд ако ја наруши приватноста на политичарот, а не ако како вредносен суд кажете дека политичарот е „глуп“ или дека ја (зло)употребил својата функција. Ама во нашата балканска политичка култура приватноста никој не ја есапи.

П.С. Во текстот не го споменав самитот на НАТО, од едноставна причина како што напиша Ремарк – „На запад ништо ново“

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com