БИДНА МИТИНГ И ПОМИНА

Политичката криза многу лесно може да стане и безбедносна, не само за Македонија туку и за регионот

Ете, како што вели народот, „бидна митинг и помина“. Заев и Груевски си ги измерија (силите) и сакале признале или не, Груевски односно ВМРО-ДПМНЕ донесе повеќе луѓе. Арно, ама, со оваа квантитативна предност Груевски и ВМРО-ДПМНЕ нема да ја реши кризата. Во суштина, како резултат, или подобро речено „нов квалитет“ од двата митинга или (протести) сега се новите „кампови“ со партиски кампери.

Реално, камперите пред Владата нема да го срушат Груевски, ама ниту овие пред Собранието нема со ништо да му помогнат на својот лидер во решавањето на кризата. Во суштина станува збор за една типична наша фолклорна бизарност. Па затоа следејќи ја таа бизарност предлагам во рамките на нашата туристичка понуда и познатата реклама „Macedonia timeless“(Македонија вечна) на странците да им понудиме и туристички аранжман – викенд кампирање пред Влада со можност колку грло ги држи да викаат „Оди си, Никола,“ додека оние што повеќе ќе им се допадне паркот Жена-борец начичкан со споменици ќе можат таму да кампираат, но ако сакаат ќе можат да викнат и по некоја парола изразувајќи поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Груевски.

За жал, нашата реалност е се’ помалку бизарна, но затоа многу повеќе е тажна, а лесно може да биде трагична. Драстично се менува и нашата меѓународна положба со кризата која кај нас се влече од последните избори пред една година кога почна бојкотот на опозицијата. Потоа се надгради со бомбите на Заев, за кои дури и коалицискиот партнер и лидер на ДУИ Ахмети вели дека се автентични. Кулминација беше трагедијата во Куманово. Како држава станавме „issue“ (отворено прашање или проблем) на меѓународната политичката сцена. И веднаш старите „балкански антагонизми и сеништа“ повторно како да оживеаја, секако, во една друга форма. Бугарскиот премиер Борисов „загрижен“ за оние како што велат деведесет илјади наши граѓани кои имаат и бугарско државјанство, испрати војска на границата. Недостасуваше уште да рече ако е потребно тој и со војска ќе влезе и ќе ги брани своите сограѓани, а потоа ќе бара да свика некаков нов „Букурешт 1913“.

Нашиве, ниту официјалните субјекти (читај МНР) ниту „патриотите“ од типот на „ало, началниче,“ на ова не реагираа ама затоа го „растурија како бугарска скупштина“ бившиот бугарски премиер Сергеј Станишев кој дојде на митингот на опозицијата. Од Албанија преку премиерот Рама ни стигна и навестување за вето на можно членство во НАТО, бидејќи не се почитува Охридскиот договор, а премиерот е лут зошто за настаните во Куманово сме употребиле израз тероризам и албански терористи, демек со тоа сите Албанци сме ги дефинирале како терористи. Oд Рама како уметник и човек кој се „клател“ по Азурниот брег и кафетериите на Париз, сепак, очекував нешто пооригинално, а не да ги копира Грците. Па ние веќе две децении живееме со вето така што едно повеќе не верувам дека нешто ни значи. Нашиот северен сосед, освен што изразува загриженост ја подигна борбената готовност, а за кратко ја затвори и границата. Јужниот сосед не треба ниту да се споменува, се’ е по старо.

Секако најголем одѕив има најновата изјава на рускиот премиер Лавров кој изјави дека настаните во Куманово се оркестрирани од надвор со цел да се дестабилизира Владата на Груевски, бидејќи одбила да се вклучи во санкциите против Русија. Цел на оваа дестабилизација, според Лавров, е да дојде до федерализација на Македонија, па дури се размислува за нејзина поделба.

Официјален одговор на сето ова нема ама затоа „како личен став“ пратеничката Ермира Мехмети ја обвини Владата на Груевски дека шурува со Русија и побара од својата партија ДУИ да излезе од коалицијата. Ставот на ДУИ неделава неколку пати го слушнавме и од нивниот лидер господин Ахмети кој децидно изјавува дека тие остануваат во Владата и дека нема потреба за ревизија на Охридскиот, а уште помалку има причини за некаква војна.

И како сето ова да го разбереме. Не треба не знам какво познавање на меѓународните односи, па да се види дека нашите соседи, но и големи „играчи“ како Русија состојбите во Македонија сакаат да ги престават како безбедносна криза. Зошто? Па сигурно за остварување на некои свои стратешки и долгорочни интереси. Сепак, барем засега, мислам дека станува збор за политичка криза. Но, да сме си на јасно. Имајќи предвид дека ние сме на Балканот и дека, за жал, старите антагонизми не сме ги надминале, оваа политичка криза многу лесно може да стане и безбедносна, па не само за Македонија туку за регионот.

И токму тука ја гледам директната одговорност, пред се’, на актуелната влада и премиерот Груевски. Нашата дипломатија и Влада со ништо не реагира на ваквите ставови, па дури и црни сценарија, кои доаѓаат од руското МНР. Напротив, се има впечаток дека на некој начин и самата изнесува слични тези. Само препрочитајте го говорот на Груевски. Да биде иронијата уште поголема, на изјавата на Лавров реагира бугарското МНР оценувајќи ја како неодговорна и неприфатлива. Од друга страна, нашата дипломатија, па ако сакате и лично премиерот не сакаат да ги прочитаат или подобро речено да ги разберат препораките кои доаѓаат од ЕУ и САД. Со ова не сакам да ја амнестирам опозицијата, но Владата и Груевски сепак ги имаат сите механизми и ако сакате лостовите на власта, а со тоа и одговорноста за функционирање на државата.

Што се однесува до опозицијата, таа исто така треба сериозно да ги сфати пораките од меѓународните чинители дека ќе треба да се врати во парламентот. На пример, во средата на седницата Европскиот парламент европратеникот Ховит кој учествува и во европската тројка беше многу јасен во критиките до власта, но исто толку беше јасен кога побара опозицијата да се врати во парламентот.

Се има впечаток дека ваквото однесување на Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ која досега уживаше поддршка од своите сестрински европски партии, сега таа поддршка полека се топи. Мислам дека сепак на крајот меѓународната заедница со своите познати механизми (морков и стап) и Груевски, но и Заев ќе ги „пензионира“ од нивните лидерски функции. Затоа почетокот на „искрените“ разговори кои започнаа во Стразбур, а треба да продолжат идната недела со голема помош на странските пријатели, (уште еднаш се покажува незрелоста на нашите политички лидери да се соочат со проблемите што сами ги создаваат), сепак ќе донесат решение за кризата. Но, во еден дел од тоа решение ќе има и вистински „farewell“ (збогување) за Груевски и за Заев.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com