БЕЈБИ БУМ

Демографската политика е сложена работа и зафаќа повеќе сфери и не се решава со неколку ТВ-спота или со горда прошетка на мајките крај спомениците во центарот на Скопје

Во вистинската инфлација на кампањи, зад кои стојат и конкретни политики, ама, за жал, често почнуваат и завршуваат со ТВ-спотови, е и кампањата за зголемување на наталитетот. Ако го погледнеме само податокот дека на ниво на држава за 2011 година имаме природен прираст на населението од само 1,6 проценти. Во 2001 година природниот пораст изнесуваше 3,6 проценти, па тогаш е јасен негативниот тренд. Кај нас во просек жените во текот на нивната фертилност раѓаат по 1,46 живородени деца. Сето ова покажува дека кај нас немаме или не знаеме да водиме добро подготвена и успешна демографска политика и тоа од осамостојувањето, па до денес.

Да расчистиме некои дилеми. Не мислам дека жената треба да се сфати само како „машина“ за раѓање деца. Напротив, мислам дека единствено жената може и треба да решава колку деца ќе роди. Се’ друго, почнувајќи од верата или повикувајќи се на некакви традиционални семејни вредности, е само демагогија која не само што не дава резултати туку, најблаго речено, ги крати основните човекови права на жената и нејзината положба во општеството, секако, во корист на машкиот мачизам. Демографската политика е сложена работа и зафаќа повеќе сфери, од социоекономските услови и состојби, преку прашања сврзани со законското уредување, па се’ до прашања кои се поврзани со политичката култура, вклучувајќи и најразлични стереотипи и предрасуди.

За да креирате и реализирате една долгорочна „бејби бум“ политика, ви треба, пред се’, добри статистички и демографски податоци. И веќе тука се сопнуваме на самиот старт. Кај нас од 1994 година немаме „асален“ попис на населението. Само една мала паралела. Ако се’ уште избирачките списоци не ни се прочистени, тогаш што станува збор за реални и вистински демографски податоци. Понатаму, дали имаме вистинска и квалитетна анализа на целокупното законодавство, кое на кој било начин засега во демографската политика и врз основа на тоа да се направат измени и дополнување, односно да се предложат закони кои ќе го стимулираат наталитетот.

Само еден пример. Во Чешка со закон се овозможува породилното отсуство да биде до три години. Науката вели дека колку подолго децата се дојат толку е подобро за нивниот здрав развој. Е, сега, претпоставете, млада мајка која работи во текстилна индустрија да му рече на газдата или на шефот – знаете, јас околу пладне ќе излезам и ќе одам до градинката да го надојам детето. Навистина, кај нас со закон е овозможено тоа, ама ајде во реалноста да видиме колку се спроведува тоа.

И сега доаѓаме до најтешките делови на секоја демографска политика. Целокупните социјални и економски состојби. Според податоците кај нас, имаме над 30 проценти население кое спаѓа во категоријата на сиромашни, а стапката на невработеност, исто така, е над 30 проценти. Понатаму, во овие дваесет години успеавме речиси во целост да го истанчиме таканаречениот среден слој, кој во секое општество е носител на развојот, вклучувајќи го и наталитетот. Тогаш навистина остануваат само ТВ-спотовите. Словенците половина на шега велат дека тие „прават деца со молив“. Можеби грубо, ама многу добро ја отсликува корелацијата помеѓу социоекономската положба и наталитетот. Бидејќи кај нас „баба – дедо“ како институција за грижа на децата многу одамна е надмината и тоа го преземаат детските градинки, се поставува прашањето колку тие како институција го стимулираат наталитетот, а во исто време обезбедуваат квалитетна грижа за децата. Навистина, цените за детските градинки се многу поволни и не го оптоваруваат многу семејниот буџет, ама се поставува прашањето на нивната вистинска функционалност. Имено, од кадровската структура на вработените, опременоста, времето на работење, па до строго почитување на бројот на деца за секоја старосна група. На пример, за Денот на дрвото, кога за сите јавни установи тој ден беше неработен, многу родители кои работат во приватниот сектор имаа проблеми токму со децата кои одат во градинки. За социјалните и економските состојби може да се пишува цели фермани, ама тоа ниту малку нема да помогне на наталитетот. Што се однесува до онаа општа политичка култура и стереотипи и предрасуди, и тука не сме промениле многу од оние познати демек „традиционални“ вредности. На пример, колку млади идни татковци и мајки имаат поминато семинари на кои се запознаваат и обучуваат со самиот процес на бременост, раѓање, па до менување пелени или капење на новороденчињата. Дури не знам дали воопшто кај нас некоја институција организира такви семинари за идните родители. Со задоволство истакнувам дека таков семинар сум поминал пред 32 години, ама не кај нас. Или колку мали татковци кај нас го користат законското решение и земаат породилно отсуство. А ако го сторат тоа сите, ние ќе речеме – пушти го тој е „папучар“. И ајде сега води некаква успешна демографска политика.

Арно ама, кај нас ќе направите неколку ТВ-спота, понатаму „спонтано“ ќе организирате марш на млади родители кои со своите деца гордо ќе се прошетаат околу спомениците на плоштадот. За да биде се’ убаво, ќе организирате и телевизиска трибина со три мајки, кои биле успешни и во кариерата и во наталитетот. Три ластовици не ја прават пролетта, така и овие успешни жени нема многу да помогнат на наталитетот.

Во сето ова најтрагикомични се некои новинари кои на нашиве млади министри, кога зборуваат за наталитетот, им поставуваат „генијално прашање“: „Како вие, господин министер, лично ќе придонесете за подигање на наталитетот“. А министрите откако ќе проголтаат кнедла, храбро ветуваат дека тие лично ќе направат се’ да се зголеми наталитетот… Не верувам дека со сето ова ќе сториме нешто повеќе за наталитетот кај нас и, воопшто, за демографската политика. Бидејќи јас и’ припаѓам на хипи-генерацијата, сакам да потсетам на нашата основна филозофија – „води љубов, а не војна“. Ако не друго, водењето љубов, не е важно дали сте во брак или во слободна врска, според научните сознанија, позитивно дејствува на успешноста на секој поединец…

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com