БЕЗБЕДНОСНИОТ АСПЕКТ ЌЕ ГО ОДРЕДИ РЕШЕНИЕТО

Странците нема да дозволат да дојде до дестабилизација на регионов, па тоа стравување ќе доведе до решение за некаков вид преодна влада

Настаните од минатиот викенд во Куманово на најбрутален начин потврдија дека кога не учиш од историјата, таа се повторува прво како фарса, а потоа како трагедија. И ако Гошинце беше класична фарса, настаните од минатиот викенд во кумановската Дива населба беа брутална трагедија која осум полицајци ја платија со своите животи, а над триесетина беа ранети. И замислете, во првите изјави по завршувањето на речиси дводневната битка со терористите, Гордана Јанкулоска ладно изјави дека таа не мисли да си даде оставка, бидејќи не чувствува никаква одговорност за настаните во Куманово.
Не сум никаков експерт за тероризам и антитероризам, ама најелементарна логика покажува цел куп нелогичности и пропусти кои доведоа до таков голем број загинати и ранети полицајци. И уште нешто, само пет дена пред крвавиот настан, во Куманово се одржа конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој беа присутни државниот врв плус многу гости. Е па сега, ако МВР имало сознанија дека во Куманово е стационирана така моќна група терористи вооружена „до заби“ и со стекнато воено искуство од војните во регионот и Блискиот Исток, зар ќе дозволело да се одржи конгрес во Куманово на кој, реално кажано, не видовме некое претерано присуство на полиција. Понатаму, како меѓу заробените терористи има и активен полицаец, и тоа со богато криминално досие. Се прашувам, што правела внатрешната контрола, што правела ДБК.

Сето ова покажува дека во МВР, а со тоа и најодговорните луѓе на чело со Јанкулоска и Мијалков, немале сознанија што се случува, а во исто време немале ниту сознанија какви полицајци имаат во своите редови. И на сето ова, по осум изгубени живот, на Мијалков и Јанкулоска ни на крај памет не им беше да дадат оставки. И да го употребам јазикот на госпоѓа Јанкулоска, употребен во една од „креираните и незаконски бомби“, кога странците „ги повлекоа за уши“, овие двајца најблиски соработници на Груевски си поднесоа оставки. Оставка си поднесе и министерот за транспорт Миле Јанакиески, но неговата оставка (пак со помош на странците) е директно поврзана со објавувањето на „бомбите“ на Заев, во кои Јанакиески е вистинска „ѕвезда“ кога станува збор за „креираните“ ленти во кои се разоткриваат цел куп предизборни марифетлаци. Содржината на оставките напишани типично со лош стил на патетика навистина не треба да се анализира.

И што по оставките и веќе направената мини реконструкција на владиниот кабинет со изборот на новите министри. „Патриотските“ медиуми заедно со порталите, задржувајќи го својот курс на „упикување“ (што би рекле ние во Дебар Маало), овој потез на Груевски го оценија како политичка мудрост, подавање рака и така натаму се’ во тој фолклорен манир. Во исто време ниту малку не е стивнат интензитетот со кој се напаѓаат СДСМ и Заев, од кого сега ВМРО-ДПМНЕ по објавувањето на фамозниот видеоклип и официјално бара негова оставка и како партиски лидер, но и како градоначалник на Струмица, а причината се мито и корупција. Доказ: споменатиот видеоклип мистериозно закачен на „Јутјуб“ е дел од „пим“-мерките против Заев, во процесот покренат пред надлежниот суд.

Сега повторно ни се случува таканаречените „пим“-мерки на Обвинителството уште пред да почне судењето да се вртат по интернет-мрежите, со што овие докази веќе не можат да се користат пред судот. Ниту малку покуса не остануваат опозицијата и некои портали од самонаречениот „демократски маштап“. Како и да е, сепак странциве (пред се’, Американците, бидејќи Европејците по не знам кој пат кај нас завршуваат како тоалетна хартија) се’ повеќе ја преземаат работата во свои раце. Не треба да се очекува дека сега работите ќе се средат преку ноќ, односно само со една рунда преговори помеѓу партиските лидери.

Напротив, странците прво „ќе дозволат“, секако во духот на демократијата на 17 мај, опозицијата да го одржи долго најавуваниот митинг, односно „да ни се случи народ“, а најавено е и учество на европратеникот Ховит, како претставник на социјалдемократите од Европскиот парламент. На 18 мај, барем според најавите, и ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи уште едно „случување на народ“, а верувам дека и на овој митинг ќе дојдат европратеници од таборот на народните и демохристијанските партии. Со други зборови, типично балкански, Заев и Груевски ќе си ги „мерат“ кој може да организира поголем митинг додека во заднината странците (читај амбасадорот Бејли, односно Американците), како што викаше баба ми, „ќе ни го мерат умот“, за да можат потоа полесно да ни го уредат расплетот на сегашната политичка криза, која со настаните во Куманово добива и безбедносна димензија.

И токму таа безбедносна димензија ќе биде пресудна, бидејќи странците нема да дозволат да дојде до дестабилизација на регионов, не затоа што многу не’ сакаат туку од свои сопствени интереси. По се’ изгледа дека кај нив се’ повеќе се кристализира ставот дека со Груевски како премиер тешко ќе може да се задржи стабилноста во државата, а со тоа и во регионот. Но странците нема да дозволат преку бомбите на Заев СДСМ да дојде на власт или, пак, да има премиер на некаква си преодна влада. Многу поверојатно е дека на крајот странците ќе ни состават и нова влада, а американскиот амбасадор од џеб ќе извади плик во кој ќе биде и името на тој „преоден премиер“, но секако ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, странците нема да си дозволат да предизвикаат гнев кај реалните членови- симпатизери и гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Нешто слично видовме и кај нашите соседи (Косово) при изборот на актуелната претседателка.

Јасно е дека таа преодна влада како главна задача ќе има да воспостави услови за фер и демократски избори, ама и да си ги извршува своите финансиски обврски кон меѓународните институции. И на крајот, СДСМ сепак ќе се врати во овој парламентарен состав и под будното око на Бејли (САД) плус статистот Орав (ЕУ) ќе треба да покаже дека е конструктивна опозиција. Е па, нека ни е со среќа.

Верувам дека, без разлика на партиската припадност или симпатии на секој од нас како граѓанин, многу поблиску му е оваа опција. И уште нешто. По најавата дека грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, во јуни ќе допатува во Скопје, гледам обид на меѓународната заедница да и’ се овозможи на Македонија остварувањето на евроатлантските интеграции. Сето ова, како што вели почитуваниот Љупчо Поповски во вчерашната колумна, покажува дека Македонија сепак се мрднува од мртвата точка и дека ни е понудена рамката за решавање не само на сегашната политичко-безбедносна криза туку и како понатаму. Па, сепак, што ќе има во таа рамка најмногу ќе зависи од нас самите.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com